14 May 2010

СВОЗ пред последниот воз

    Нема речиси ништо да им значи акронимот од насловот на најголемиот дел од читателите родени после 1980 година... Годината кога умре Тито и ние жителите на тогашна СФРЈ се плашевме дека ќе нѐ нападнат едикојси агресори...
    На "СВОЗ", скратено од „Сите во одбрана и заштита" се собираа соседите на првата поголема површинка, ќе запалеа по некоја гума донесена од „месна", па ќе дојдеше екипа од блиската амбуланта, па фино домаќинките ќе ги почестеа сестрата со наполитанки и домашни колачи, а докторот со една-две "љути"... Учениците - основци ќе покажеа што научиле за пружање прва помош, често освестувајќи некој комшија привремено онеспособен од комбинацијата на првото појако пролетно сонце и неколку чашки мавнати до 11 часот...
    Тогаш, стоејќи на браникот на социјализмот, се спремавме да се браниме од некое туѓо, агресорско оружје, или од надворешниот непријател што се вметнал во нашите редови. Но акции „СВОЗ" се крајно нужни и денес. Кога треба да се браниме од внатрешен, можеби уште покрволочен,  непријател. Од кои некои се родени после 1980 година. И кои исто така имаат оружје - со кое напаѓаат секого што некако ќе им го препречи патот.     Како што е случајот на Мухамед Иса (каква иронија - неговото име и презиме се спој на имињата на двајцата основачи на големи религии - Мухамед и Иса (Исус). И тој Мухамед Иса, поради негова пеколна причина, да ти се налутил на Рамадан Рамадани па му истурил еден куп куршуми. Така, ранко, околу 11 часот минатата сабота, на "Џон Кенеди" во Скопје. Прилично прометна улица со многу угостителски објекти и голема фрекфенција на народ. Не го оставил завалијата нарачаното кафе да си го испие...
    Полицијата потоа дошла да ги собере чаурите. Како што честопати се случува. Македонската полиција главно собира чаури. И тоа не во мал број. Оти ѝ останал многу какол после неколкуте "жетви" на нелегално оружје, за кои експертите велат дека не биле многу успешни. Не бил убеден ни Мухамед Иса да го предаде "калашниковот" со кој, без око да му трепне, изрешета човек и зави семејство во болка и мрак. Се прашувам, виновна ли е само полицијата, или има кабает и кај нас - Илјаз, Ристо, Мустафа, Рамиз, Слободан... кој и да е!
    Некаде на почетокот на месецот МВР ни најави уште една акција за собирање на нелегалното оружје. Кое главно се состои од воено оружје со кое некои зли срца, без разлика дали од редот на Македонците, Албанците или други, ќе го употребат кога-тогаш, ако не помогнеме ние да го фрлат од себе. Експертите велат дека токму со нелегално оружје се вршат најголемиот дел од злосторствата. Легалното учествува во нив со само околу три отсто.
    Дај Боже овојпат луѓето во сино да бидат поубедливи. А и ние, кои знаеме дека некој по старата балканска традиција, чува дома некој пиштол, калашников ли, бомба ли, да седнеме па со чај, сок или пиво, да му кажеме дека пушка мирна не седи. И дека секој човек е нестабилно битие, па ако ја има дома, ќе ја извади кога ќе му падне мрак пред очи.
    Ајде да направиме еден нов СВОЗ на 21. век, пред да замине и последниот воз за ова парче земја. За да може да бидеме и ние помирни во иднина кога ќе решиме да се прошетаме и за да им се смири и душата на убиените од војно оружје употребено во приватните војни од нашите улици!

    П.С. Ќе ни бидат благодарни и луѓето чии имиња ги носат улиците каде паднаа цивилни жртви од воени куршуми!

    (Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 30 април 2010)