18 May 2010

Мароко... машала авантура!

    Ете, се случи и тоа. Премиерот Груевски отпатува за Африка. За првпат да го испочитува кралството Мароко со кое сме воспоставиле дипломатски односи во септември 2002 година. И со кое лани сме имале "вносна" трговска размена. Сме извезле стока за 60.000 евра. Па премиерот, според оптимистичките изјави што стасаа од таму, веројатно планирал да "оствари" турбо прогрес и да договори зголемување од 100 отсто. Отприлика би се стасало така до сума колку што може да ве чини некој автомобил на кој сите ќе ви завидуваат... Ама, рака на срце, мислам дека тоа би било премногу за македонската економија во состојбата во која што е сега.
    Е, добро де... Груевски понуди и стипендии за студии во Македонија.
    Убаво е што премиерот наш скитна малку во Западната хемисфера. Што не му се случува баш често. Па уште во Африка! Не дека се изнапатува во последната година и по Европа... Нејсе, тоа беше многу интересно патување, заради повеќе работи. Но и егзотично, заради поднебјето и живиот свет таму. Како и природните феномени кои се случуваат...
    На пример, егзотичниот вулкански пепел од Исланд. Не пустинска бура со песок, замислете, како што сите би очекувале, туку пепел од северот. Што чудо ќе беше да стаса таков облак до Мароко кога е таму нашиот премиер?
    Ахм... тоа малку ме потсетува на нешто што сум читал во Стариот Завет. Таму пепелта има битна улога. На Евреите Бог им заповедал некогаш за лекување болести, некогаш ако се допрат до нешто умрено, да се измијат со пепел од жртва која изгорела на олтарот. А ако човек сака да се покае за гревови, треба да ја посипе главата со пепел, се вели во библиските напомени за Евреите.
    Се прашувам што ли е работата? Можеби Бог го покренал вулканот и облакот до Мароко за да му обезбеди на премиерот средство да се покае. Ќе прашате за што би можел премиерот да се кае? Изборот, ако се следи јавноста би бил голем... Јас, за да не заморувам со набројувањата сега, во продолжение ќе посочам две варијанти.
    Поради брканицата што ја направи со главниот во американскиот Стејт Департмент за Македонија, Филип Гордон. Која авантура веројатно ја планирал, за да избега од неминовното. Како инаку да се протолкува тоа што во четвртокот стаса информација дека не може авионот да слета во Скопје. Иако на скопскиот аеродром немаше одложено ниту еден лет поради временски услови. Потоа од Владата информираа дека премиерот, кој да потсетиме, премногу често доцни,  ќе лета за Загреб, поради неформален самит на премиери закажан за вчера. Да стаса еднаш на време!
    Ама Филип Гордон излезе ербап - ја смени агендата, па наместо за Приштина експресно замина за Загреб. Го улови. Му било битно на Груевски да му пренесе порака од Вашингтон, која изгледа премиерот ја антиципираше како не баш поволна, па се вадеше...
    А кој знае? Можеби пак пепелта Бог му ја пуштил не поради Гордон, туку поради нешто друго. Можеби Груевски видел некој објект од убавата мароканска архитектура, па посакал нешто такво да докалеми на Скопје 2014. За плус пари, разбира се, кои ги нема за други работи, ама ги има за Франкенштајн во Скопје - грозна крпеница на стилови довлечкани од историјата или од други земји.

    П.С. Ако е последнава варијанта точна, изгледа Бог е единствениот што ги сака изнапатените во оваа земја.

    Сашо Спасоски
    (Објавено во „Сега“ - „Шпиц“ на 15 мај 2010)