19 June 2010

Баба Перса доби интернет

    Баба Перса внимателно го стави филџанот со врелото утринско кафе на масата, седна, го крена миљенцето од мониторот и го вклучи компјутерот. Додека се креваше оперативниот систем, почна оваа окапана старица од село Горно Самовилско да се преслушува. Козите ги измолзе, кокошките ги нарани, па ќе биде раат до кај пладне...
    „Хм, ќе проверам првин мејл на Џимејл, после тој на Јаху, па после ќе се закачам на Фејсбук. Море... Да се закачам веднаш на Фејсбук да видам дали добро осунал Трајко од Смолско...“, си мисли баба Перса.
    Веднаш потоа ѝ заврви друга мисла. „Бог да ги поживее децава, ете интернет ни ставија в село! Автобус и онака нема да има. Ниту лекар ќе дојде некогаш. Барем нешто да добиеме... А и тој интернет-киоскот кај селската чешма е одлична работа! Додека се наполни балончето со вода, ќе прочатам малку со другачка ми Анѓа...“
    Останаа тие двете во Горно Самовилско сами како утки...
    Така си мислеше баба Перса за владиниот проект за безжичен интернет во селата и за интернет-киосци. Бесплатни во следните четири години... за потоа ќе се види.
    Кликна Перса на иконата за поврзување и за вчас се отвори насловната страница на Фејсбук. Се логираше и виде дека дедо Трајко од соседното Смолско има нов статус. „Жив сум!“ напишал тој. „Ах, дочека уште едно осамнување, сиромашкиот...“ Му кликна едно „лајк“ на статусот, па погледна дали правнука ѝ Ана Марија од Скопје ја прифатила за пријател. „Ех, не сака да ме прифати, да не ја срамам пред другарките ваква со шамија“, си мислеше кутра Перса.
    Ајде, и претходно децата ретко ѝ се јавуваа на телефон, ама баба Перса многу се израдува кога почнаа да ги местат антените близу шумата. „Белким сега почесто ќе проверуваат дали сум жива“, си помисли таа тогаш. Ама небото не ѝ ги одговори молитвите. Само по некоја честитка ѝ праќаат на мејл, никој не најде време два-три реда да напише...
    И додека баба Перса го затвораше Јаху мејлот, два километри подолу во полето, во Долно Самовилско, Митре и од седми пат не успеа да се конектира... Се изнервира дека не ќе може навреме да ги собере јагодите што ги засади на "Фармвил" на Фејсбук, па ќе му пропаднат... „Ех, до задутре нема да соберам пари да си купам трактор“, си помисли разочарано.
    „Семката да ви се сотре“, се разгневи тој на комшиите Стојановци. Кај бавчичката од нив не може да си ја навади  - а ја сврти водата накај неа, тие за 15 минути ќе дојдат и ќе ја навртат накај нивните бавчи - туку сега и конекцијата му ја „цицаат“...
    „Ќе тркнам до кафеана да го викнам Мендета, тој ќе знае нешто да ми подеси, белким ќе стасам така јагодите да ги оберам и тутун да засадам“. Кутриот Митре, не успеа да си земе нива од државните, па остана само со бавчичка и сиромашка надеж дека барем на "Фармвил" ќе стане голем стопан.
    Кога стаса до селската кафеана ги виде дваесетината ергени како играат „Анриал Турнамент" на лаптопи. Ама Менде го поли со студен туш. - Не можам сега, морам да одам на Благоја да му го оправам лаптопот пред да ги изнесе говедата на пасење угоре в планина. Не му работи нешто Винампот, па не ќе може музика да си пушта - се правдаше Менде пред Митрета...

    П.С. Додека тие правеа муабет, децата почнаа да пцујат кај единствениот интернет-киоск - пак снема струја!

    (Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 19 јуни 2010)

12 June 2010

Споменична фузија со МРТВ

    Уште пред години ставив кабелска дома. Најмногу ме привлекуваше понудата на документарни канали, во кои покрај извиканите Нешенел Џиографик и неколкуте на Дискавери, ги имаше и Вајасат Хистори и Вајасат Експлорер. Сите редовно ги гледам. Покрај тоа што ми се многу полезни за да си ги пополнам дупките во знаењето, ми овозможуваат и да "шетнам" по светот.
    И од толку гледање - и самиот некогаш се фаќам како посветувам премногу време на шарениот прозорец кон светот поставен во дневната - не се сеќавам дека имам видено толкава споменична еуфорија како македонската, освен можеби во Туркменистан и во Сенегал... Ама таму власта е тоталитаристичка.
    Од тој спектар на владеењето нешто ни се случува и нам. Владеачките партии сакаат да ни ја материјализираат историјата пред очи. Во тој правец ќе ги прошират музејот на ОНА отворен пред неколку години и Музејот на македонската борба кој треба да се отвори наскоро. И двата да се протегнат до централниот плоштад на Скопје. Кој ќе го начичкаат со споменици и "остарени" градби во рамките на донекаде реализираниот прескап проект "Скопје 2014". Па кога ќе шеташ по плоштадот во вечерната летна спарнина, дополнително, покрај внимавањето да не се судриш со некој од скопјаните уверени дека цел плоштад е нивни, ќе мораш да пазиш и да не удриш во Даме, во Ченто, во илирската кралица Теута, во овој, во оној... Оти ќе нема место за шетање со толку споменици, кои сепак, разбравме, се според Рамковниот договор.
    Да се правеле споменици пред половина век, ќе разберев... Телевизија речиси и нема, интернет јок, книгите релативно скапи... Па и печатени во црно - бело. Можности да се информираш за работи што се случувале во светот малку... Од весниците, со задоцнување од два-три дена. А и за својата историја дознаваш од книги, учебници. А во нив да се стави фотографија во тоа време, подразбирало долг и скап процес... Да се направи клише, па да се вметне на ваљакот...
    Затоа порано се правеле споменици. Покрај основната улога - да се одбележи некој настан и човек - и на луѓето да им се долови визуелно настанот или ликот на истакната личност. Ќе го направиш еднаш споменикот и тој ќе си стои со децении, со векови... Ќе едуцира.
    Ах, да, почнав за телевизиите да зборувам... Милина брате, тоа кабелските! Посебно Вајасат Хистори кој редовно си го гледам... За разлика од Македонската телевизија, која не ја гледам. И не знам зошто би ја гледал тапа е, што би рекле скопјани - иако плаќам редовно радиодифузна такса, покрај сметката за кабелската.
    Па си велам: чекај бре, овие во МТВ и онака не може да си ја пополнат програмата, па што не снимат еден куп документарци за сите личности на кои власта сака да им крене споменици, па нека ги емитуваат на секој час. Та буџетите за сето тоа би чинеле само еден отсто од вкупните пари за Скопје 2014. Услови за такви снимања има и отповеќе. Вработени еден куп, накупувани службени возила, огромната зграда покрај Вардар, која, патем, е најголемиот споменик моментално - на глупоста на социјалистичкото управување кое создаде мастодонт како дом на радио и телевизија за нецели два милиони народ.
    П.С. Народот можеби поради документарците ќе виси почесто на МТВ, па можеби и повеќе ќе ги гледа актуелните властодршци, кои се редовни "гости".

(Објавено во „Сега“ - „Шпиц“ на 12 јуни 2010)

03 June 2010

Црвениот тепих

    Сега ми изгледа како промашена инвестиција (јас сум дете родено во социјализмот, па овој термин често го слушав) тоа што есеноска решив да си купам велосипед, после долга апстиненција. Не многу џиџан и не многу скап, ама не беше ни баш евтин. Ми ја препорача марката еден пријател, велејќи дека треба да дадам малку повеќе пари за после да не ме боли глава...
    Но проблемот не е во велосипедот - демек, зошто „затворив толку пари“. Повеќе во тоа дека нема многу можности да се вози без нервози. Не дека не сум пробал...
    Значи, тргнувам од дома... Како коркач во сообраќајот, не возам по улица, каде всушност возењето е најудобно и најбрзо, ама и премногу опасно. Со таква ергела на коњи зад волан во Скопјево, за само 3 минути возење на улица шансите дека ќе завршиш на хауба или на тврдиот асфалт се речиси 60 отсто. И возам јас по тротоари. Така ми е смирено срцето, ама ми се треска остатокот од телото (без амортизери е велосипедот). Асфалтирани одамна, па онаму каде што не биле кршени и копани (и закрпени како од деца од градинка), асфалтот од топлината и сонцето се набрал, па мораш да возиш многу полека ако не сакаш да се трескаш. Односно, полека мораш да возиш и поради тоа што во просек на секои 30 метри ќе наидеш на паркиран автомобил, па не можеш да „зарулаш“... Но тој проблем е космичка константа во Скопје и немам надеж дека ќе се реши.
    Многу повеќе ме нервираат „дрвата“ по тротоарите. Од „шумите“ од тројца-четворица кои не само што ми ја узурпирале велосипедската патека, туку и сметаат дека правилно движење е само во линија нормално поставена на оската на тротоарот. Па мораш да ѕвониш како некаде да има пожар за да ти отворат пат. Што често го придружуваат со пцовки, небаре си на нивни терен, а не сфаќаат дека дваиполпати поширокиот дел од тротоарот и 3 сантиметри поиздигнат - е за нив.
    Проблемот е најголем ако решиш да возиш по бележаната велосипедска патека некаде од ГТЦ до Железничка. Во еден дел е обоена во црвено. Ама и каде што не е, од, да речеме, 30 луѓе кои моментално пешачат на одреден потег, 95 отсто се по патеката. Уф, како да ги мами црвената боја! Си помислуваат дека тоа е црвен тепих послан за нив! Не мислат дека имаат трипати поширок простор за пешачење, туку мора на велосипедистите да им го загорчуваат животот.
Идиоти! После секое возење најизморен ми е палецот со кој ѕвонам.
    Не дека и понатаму, кон Аеродром, не е приказната иста, ама само еднаш сум пробал да возам натаму. Толку ми издржуваат нервите... После Железничка правам „налево круг“.
    Ајде, си велам, ќе се симнам на патеката по кеј. Таму би било веројатно најмалку зафатено од „дрва во движење“. Уви, ситуацијата и таму е иста, иако теренот изгледа многу поинаку. Џогерите и луѓето што само шетаат, имаат шестпати поголема површина за движење. Но таму не им е интересно. Мора да одат по велосипедската... единственото место во Скопјево каде што би требало да можеш да возиш велосипед брзо и без страв дека ќе те удри автомобил. Но со препреките што шетаат, тоа е невозможно - како да добиеш лична карта во кажаниот рок!

    П.С. Изгледа ќе мора да одам на езерото „Треска“ за да возам велосипед. Таму и онака нема што друго да се прави - капењето е забрането цела деценија. Уште една промашена инвестиција!

    (Објавено во „Сега“ - „Шпиц“ на 4 јуни 2010)

02 June 2010

Аирлија работа мајстори!

    Си имал некој селанец мака со парите, па морал со години да собира, од устата на семејството да двои, за да си купи коњ. Кога конечно му се исполнила желбата, сфатил дека не направил шталичка за да не ѕемне новиот член надвор. Па му турил огламник на коњот и кинисал со него во коријата да влечка трупци за греди и штици за шталичката.
    Од радост просто подлетнувал, како да не ја газел земјата. И така од утро до вечер... И го тепал коњчето кога преморено ќе застанело да собере душа... Сѐ додека по 3-4 дена, утрото не го нашол кутриот млад коњ веќе истинат во дворот. Ненаучен на работа, пцовисал од преголемиот труд. Новиот стопан мислејќи дека добро прави, не повел сметка колку може кутрото животно да издржи.
    Слично на овој немукаетлија стопан, и власта во моментов презема некои чекори во манир што открива дека ги нема баш предвид состојбата и издржливоста на народот. Што е акутен проблем посебно во здравството.
    Да почнеме. Пациенти на Клиниката за рендгенологија во Скопје чекале по два и повеќе часа завчера да им се закаже снимање. Многумина од нив треба да се подложат на комплицирани операции на другите клиники, но морале да чекаат да закажат снимање. Мачната слика ја уловија телевизиски камери, по што од клиниката се правдаа дека на шалтерот за закажување работи само еден човек, оти во истиот ден им се разболеле двајца луѓе. Добро. Можеби е и така.
    А можеби е проблем и нешто друго. Кое власта го одрекува. Дека во Клиничкиот центар се случува и криза и егзодус - главно на лекарите, ама и на другиот персонал. И платите несоодветни и опрема главно стара, со материјали се кубури... велат неофицијално, оти речиси никому не му стиска јавно да искритикува.
    Помпезно најавуваниот проект за нова апаратура, која требаше да заврши до ноември ќе се пролоногира, оти се платила само рата за ангиографи. За другото изгледа нема пари. Можеби и ќе има, министерот за финансии Ставрески вети дека со ребалансот на буџетот кој ќе се случи набргу, здравството нема да биде гибнато. А завчера се пофали заедно со неговиот колега во бел мантил со проектот за реконструкција на објектите на здравствените установи.
    Убаво! Само ми личи дека кога ќе ја направат "шталата" нема повеќе да го имаат коњот. Ако нешто не се смени со платите, ќе си испозаминат и тие што останаа во државното здравство, па ќе нема кој да лекува во варосаните и светнати болници со нови камери.
    А и тоа реконструкцијата... се чекало да се ни одобри кредит Банката за развој на Советот на Европа.  Молам? Пак ли кредити? И после враќање на рати. Со камати! Па нема ли државава пари да го направи тоа сама? Чекај, чекај... Да бе, ми текна! Има некои пари... За Скопје 2014, градот убав пак што никнува! Јавноста протестира, на опозицијата ѝ се темни пред очите од кич-расипништвото, а власта не ја боли глава. За тоа се нашло... Брц во чекмеџето и фрлај семе - за споменици, за барокизирани фасади, за мостови, и тие полни 'ко око со споменици... За да гледа народ и да му се крева патриотскиот дух!
    Кој црн народ - ако не ги лекуваме луѓето како што треба, по неколку години можеби ќе нема кој да шета по "затнатиот" скопски плоштад!

    П.С. Можеби ставањето камери по ходниците и шалтерите на болници беше со цел да се види кои лекари им "бегаат".

    (Објавено во „Сега“ - „Шпиц“ на 29 мај 2010)

01 June 2010

Ping.mk објавува...

Кога утринава на Пинг го кликнав следниов поднесен линк „После сто години се објавуваат мемоарите на Марк Твен“ непредвидено од никого, ме пречека дополнителна интересна информација - пинг.мк го прави тоа! :)