17 July 2010

Сакам песок!

    Мој градоначалнику Коце Трајановски,
    Ете, на некои 15 месеци од Вашиот мандат, си дозволувам да Ви се обратам еднаш директно. Морав да Ви кажам дека пријатно ме изненадивте што сепак дојдовте и во мојата населба завчера, кога конечно почна асолна реконструкција на коловозот на улицата Ќемал Сејфула.
    Тоа што во изминативе пет години си ги амортизирав амортизерите на мојот автомобил по дупките и лошите испакнати крпеници (кои, патем да кажам, траеја само по една година) и многу пати благодарение на рефлексите избегнував директни судири со автомобили од спротивната насока, кои, возејќи слалом поради дупките, влегуваа во мојата лента и не е целосно Ваша вина. Само, во изминатите година и четвртина сепак можевте да видите што Вашите претходници не направиле и во тој, другиот дел на Скопје.
    Но, поводот за ова писмо не се моите рели-искуства по Ќемал Сејфула. Поводот е нешто друго. Имено, сакам да ми изработат мозаик за масичка во дневната соба. Ама никој не сака да ми продаде толку малку песок колку што е потребно за малтерот за подлогата. Па се сетив дека имам мој песок. Во Градската плажа, платена како Свети Петар што си ја платил кајганата. Ни помалку ни повеќе, туку 100.000 евра. Опа! Која ја изградивте без да поминете прописна консултација со граѓаните за чии интереси се грижите и примате плата. Односно, од даноците што ги плаќаме.
    Покрај толкуте дупки во Скопје, нерешена градска канализација (и фекална и атмосферска) и еден куп други проблеми, Вие решивте да направите плажа. Која од водата на Вардар ја делат табли за забрането капење. Нонсенс на векот. Ама и тоа не е толкав проблем. Поголема мака е тоа што нетранспарентно и проблематично шанковите (кај што сега мало Скопско пиво е 100 денари) ги дадовте на фирма на угостители која дури отпосле, после Вашата одлука, е прописно регистрирана. И уште си дозволувате да велите дека не гледате проблем во тоа. Па кај го има тоа?
    Е, сега, бидејќи не ме прашавте за плажата, сакам Вашите потчинети да пребројат колку зрнца од увезениот песок се мои и сакам да ми бидат испорачани на домашна адреса. Сум си ги платил! Да купевте со моите пари песок за поставување павер елементи на некој од улиците под градска надлежност, немаше да Ви барам да ми ги вратите моите злоупотребени пари. Вака, претпочитам мозаик во дневна пред Градска плажа на Вардар кај што не може да се капам.
    Е сега, мој градоначалнику, ќе преминеме на вториот нонсенс. Велите дека ќе сте плателе 400.000 евра на некојси Шпанци да Ве советуваат за нови подземни сообраќајници и за воскреснување на Луна Паркот. Велите дека тоа не било скапо! Оти за тие пари ќе морале да најдат и концесиониери. Инаку немало да им платите.
    Хм, не ми е јасно само зошто им давате плата на луѓето во Вашата администрација. Нели од нашите даноци и тие добиваат плата? Па би требало и тие нешто да сработат.
    Ако не можат тие, еве јас Ви ќе давам совети. За десет пати помала сума од таа за Шпанците. Си го знам градот и неговите болки.
    Луна Паркот можевте и сами да го дадете под концесија. Наместо да барате консултанти, ќе огласевте тендер за исти пари во европски публикации за кои објавивте оглас за консултанти, па сигурно ќе се јавеше некој. А за подземни сообраќајници заборавете - оти нема подземен катастар па не знаете ни каде е канализацијата, а да не зборуваме за еден куп цевки и кабли.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 17 јули 2010 година.

11 July 2010

Октроирани молитви

    Искуствата со владините мерцедеси, подржавувањето на факултетите на двете најголеми верски заедници, како и напати штедрата поддршка од државното чекмеџе за изградба на верски храмови, зборува дека нашите верски водачи тешко некогаш ќе ја научат лекцијата од САД.

    Иако членот 19 од Уставот на земјава, која само што излегува од тинејџерските години, јасно ги разделува верските заедници од државата, што би требало да ископа доволно широк дол меѓу верата и политиката, дури и најневнимателниот може да забележи дека најчесто тоа не е така. Политичарите, посебно оние на власт, се трудат секогаш да ги одоброволат, некогаш и да ги зауздаат, верските заедници, кои се канализатори на метафизичкото, знаејќи колку големо е нивното влијание врз психата на народот. А и „невестата" нема ништо против. Верските заедници во изминатите две децении на слобода на религијата отворено кокетираа со власта, напати длабоко завлегувајќи во сферата вон елементарното човечко достоинство.

    Член 19  од Уставот на Република Македонија:
Се гарантира слободата на вероисповеста. Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата. Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот. Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

    Најтазе пример веројатно може да биде првиот човек на втората по бројност верска група во земјава - Исламската верска заедница. Иако од пораката на израелскиот заменик премиер и министер за надворешни работи Авигдор Либерман дека Ал каеда и други исламистички екстремни групи се обидуваат да воспостават свои бази на Балканот, поглаварот на ИВЗ во Македонија, реис-ул-улема Хаџи Ефенди Сулејман Реџепи, упорно негираше дека во земјава има вахабисти, кои важат за прилично екстремни дури и кон муслиманите од другите школи во сунитскиот Ислам, и прилично жестоко на крајот на март ги негираше цитатите во британскиот весник „Сандеј Тајмс“ дека вахабистите запоседнале четири џамии, после неколкуте боксови, шлаканици и пцости на петочната молитва во џамијата „Иса Бег“, во што беа вмешани и партиски кадри, веднаш си го смени ставот! Призна дека вон контрола им се четири џамии и дека вахабистите се во силна офанзива и дури навлегуваат во политичките партии. Та дури почна да бара помош од МВР и зборуваше за пасивност кај надлежните органи на Владата. А претходно ги заведуваше со своите изјави!
    На реисот тоа изгледа му беше реакција, некаков рефлекс. Психологијата вели дека тоа е постапка која произлегува од потсвесното, и која не е сврзана со рационално постапување, туку произлегува од одредени набрзина апсолвирани „места“. Во случајот, тоа дека верата не може без власта.
    Но не е само умот на врвот на муслиманите во земјава така кондициониран. Истото е случај и со најголемата заедница на верници во земјава - МПЦ-ОА. Синодот и нејзините поглавари во изминатиот период си дозволуваа политички профилирања до ниво на јасно давање поддршка на владеачите. Посебно во текот на еден владин тим кој љубеше да крева крстови и цркви или барем штедро да ја помага нивната изградба. Па дури и кога се востоличуваше сегашниот архиепископ, жезолот го држеше премиерот. Не дека така не се прави на интронизациите, ама вниманието што на тој момент му го посвети владиниот портпарол (читај: камерите на Македонската телевизија) говореше многу.
    Да не зборуваме за владините мерцедеси кои ги користеа и ги користат главите на големите верски групи. И за тоа дека државата ги зеде под свое нивните високообразовни институции во 2008 година и се задолжи целосно да ги финансира. Оти, можеби не сака целосно да ја октроира верата, ама мислам сака да ја има в рака поради нејзиното социолошко, општествено значење... А најголемите верски заедници прифатија - како да не ја чуле никогаш античката искуствена максима "Чувај се од Данајците и дарови кога носат!"
    Елем, крикот против вахабизмот упатен од грлото на реисот, покажа не само дека постои одредена фиксација, туку и дека владее одредена паника. Оти вахабистите за кои конечно тој проговори веќе оствариле значително влијание меѓу народот, ИВЗ поради својот разронет изглед не може да се бори против нивното влијание онака како што би сакала. За тоа проговорија и главните експоненти на крилото против кое сака ИВЗ да се бори. Обвинија дека заедницата е потоната во политички валцери и во криминални ора.
    Сличен проблем има и МПЦ - ОА, олицетворен во Православната Охридска Архиепископија на Јован Вранишковски. Иако нејзиното влијание кај мирјанството не е ни оддалеку толку големо (за што самиот сум се осведочил) како она на вахабистите, за кои велат дека стасале до три илјадарки, фактот што и ПОА ја обвинува МПЦ за одредени проневери, покрај главното обвинување - она за раскол со православната екумена - надополнето со досегашната прама, говори дека можеби и кај нашите владици и попови би се родил сличен рефлекс како тој на реисот. Што ќе биде погубно.
    Според искуството на не многу старата држава САД, каде истотака уставно се разграничени државната управа и верите, вистинскиот рецепт за верата е да не се сузбива, туку да ѝ се даде слобода - сѐ до мигот кога ќе стане деструктивна. Но никако да не се храни од државните јасли. САД тоа го почитуваат. Кај нас, по сѐ изгледа, тоа одамна не е случај, што, рековме веќе, може да биде најпогубно токму за верата.

    П.С. Во големи верски заедници со кои власта ги држи главните протоколарни средби, покрај двете наброени и католиците, се и Еврејската заедница (легитимно), но и Евангелистичко-Методистичката црква. Која е помалубројна од Адвентистите на седмиот ден во земјава. Но од методистите излезе еден претседател - Борис Трајковски. Од адвентистите не. Веројатно тоа беше пресудниот фактор методистите да влезат во големата четворка.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 10 јули 2010 година.

10 July 2010

Песок во купаќите

    Скиселеното време деновиве, кое ми прави тектонски промени на расположението и си игра со мојот крвен притисок како со јојо, беше проблем ама не успеа да израсне во пречка. Се присилив и излегов.
    Кога се качив во прилично навалениот на една страна автобус на ЈСП, во ноздрите ме пресече коктелот на развеана прашина и моторни уханија. Не знам зошто, од многуте можни асоцијации, ми исплива тогаш во мислите од некој темен долап сликата на еден ден пред дваесет и кусур години... Иста таква реа и густа прашина ме пречека во автобусот со кој тргнав да одам на езеро... Рекреативното езеро Треска. Кое во долгите топли лета во моите рани години ми беше секојдневие. Најчесто одевме семејно со автомобил. Со подготвено јадење за цел ден, сламени лежалки и голем сонцебран. По цел ден во вода... Убави денови ми беа тоа, кои ми ги „полнеа батериите".
    Но сеќавањата на идилата во еден миг ми ја пресече трупотот на доклинканиот автобус. Ми пукна меурот од сапуница и веднаш се роди гнев. Па добро, зошто јас како граѓанин што си ги плаќа даноците не можам да отидам, еве, утре, на езерото Треска? За кое и моите родители плаќаа самопридонес...
    Како што рече градскиот татко неодамна, за реновирање на езерото Треска годинава се намалуваат парите, па сѐ ќе си остане по старо. Со ребалансот на градскиот буџет парите се малку за обнова на тој капацитет... Ама затоа нашле пари за Какакабана. Знаете, нели, за новата градска плажа на Скопје со увезен песок, на која бесплатно може да лежите и да сурфате - ама на интернет! И да го мирисате валканиот Вардар. Од капење ни брцнување. Ако сакате да се напиете нешто - има! Ќе си отидете до еден од шанковите кои газдите на познати скопски кафулиња ги добиваат за беспари па ќе си платите 'ко на улица Македонија да сте седнати...
    И за тоа чудо градот фрла 100.000 евра! Па за толку веројатно би можело една нова филтер станица за езерото Треска да се направи. Не мора од најскапите, та нема да ја пиеме! Само да се разладиме малку во водата во жешките денови и да запливаме како луѓе. Ама не, Коце реши да ни прави плажа покрај Вардарот полн со излачувања од скопската канализација. Вели видел во светските метрополи дека така правеле... плажи само за сончање.
    Можеби. Само нивните системи за отпадни води се многу пософистицирани од нашите, па реките помалку им смрдат. Потоа, помалку смрди и околу плажите. Оти таму работат со ум! Па има и тоалети покрај лежалките. Кај нас ако те стегне зорт мораш да трчаш во тоалетите кај Луна Парк. Претходно ќе треба да внимаваш како влетуваш на уличката, да не те собере некој од скопјаните кои тука возат автомобили како да се автопатот кон Велес. Не дај Боже да има Хронова болест!
    Јас да ви кажам, немам намера да одам на таа плажа. Оти сум научен на друго, како и старите скопјани - ако веќе ми влезе песок во купаќите, треба тие да бидат намокрени. Оти на суво повеќе јаде!
    И ако веќе ми ги отфрлите погорните забелешки како на празен циник, размислете за нешто друго. Додека, според градоначалникот, се разработува новата плажа, колку ли ќе спечалат со тие цени угостителите кои Коце "ги избрал на тендер"?
   
    П.С. Со парите за плажата можеа да платат аванс барем за три нови автобуси, кои Украинците одбија да ги испорачаат поради неплаќање.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 3 јули

Лекувајте (се)!

    Бројот на новороденчиња во земјава кои умираат набргу откако првпат го здогледале светот се зголемува. Опасно. Порастот од 2008 во 2009 година е за некој промил помалку од 25 отсто! Што не загрижува... Туку шокира!!! Мислам... 25 отсто! За една година. А колкав ли пораст ќе „забележиме“ во отсечката 2009-2010?!
    Навистина ова не можам да разберам. Неонатологијата не е новост во Македонија. Плус министерот за здравство е од најмладите во владата, па нему му е и најтазе доенечкиот „стаж“, поради што би требало и најмногу да го засега таа состојба. А не изгледа така - оти не чув да даде некаква задоволителна изјава од средата, кога ги пласираше поразителните статистики Државниот завод за статистика. Кажа министерот дека ако има одредени пропусти, допрва ќе се утврдува. Засега податоците биле штури.
    Не разбирам што има штуро во фактот дека во 2008 година починале 223 бебиња до една година, а во 2009 - 56 повеќе, или 278 новороденчиња? Поразително е тоа посебно во светлината на претходните статистики. Драматичниот пораст на смртноста доаѓа по петгодишен пад. Во 2003 година умреле 303 доенчиња, следната година бројот паднал на 287, а две години подоцна таа крива продолжила надолу - умреле само 260 бебиња. Трендот продолжил и во следните години, до точката 223 во 2008 година. Која е годината кога го почнува мандатот сегашниот млад министер. И малку потоа почнува хорор-порастот...
    Да бевме држава во активна војна, па да разберам. Или некаде поствоено, во четвртата и петтата деценија на минатиот век... Кога медицината, посебно на ова поднебје, била слабо развиена. Но во мирнодопски услови во третиот милениум, посебно со власт која закон донесе да го зголеми наталитетот?! И воведе бесплатни постапки „бебе од епрувета“ за двојките оневозможени по природен пат да зачнат потомство. Не дека и тука се функционираше според ветеното, ама ајде... И сега замислете си само каква трагедија може да погоди некои такви родители кои се израдувале на рожба, за потоа македонското здравство да не им ја зачува во живот при некакви здравствени проблеми! И да влезе во морничавиот графикон што го бележиме небаре сме Зимбабве...
    Но грозоморната ситуација со македонските бели мантили не завршува тука. Да се потсетиме и на друго што ни се случи кон крајот на минатата и од почетокот на годинава... За четири месеци починаа седум родилки - три во Прилеп, две во Кочани и по една во Гостивар и во Тетово. Дури потоа се затвори прилепското породилиште за реновирање. После згаснувања на животи во него. Претходно сите биле слепи при очи за тоа што се случува. Од горе до долу!
    Министерот, кој е многу повеќе од обичен лекар во не-политичката кариера, треба да преземе мерки да се спречи овој мрачен тренд. Да почне сериозно лекување - ама почнувајќи од своето министерство. А ако неинвазивната терапија не даде плод, треба да се потсети кој му бил статусот пред да седне во министерска фотелја: специјализант и асистент на хирургија.
    Значи, време е пак да го земе скалпелот и да сече. Сѐ што треба, тој најдобро ќе знае што, за тоа прима плата... Јас не знам. Јас само од моите приходи ја обезбедувам неговата плата.

    П.С.
    Не знам зошто, ама после долга пауза за три дена двапати го гледав култниот „Маратонци трче почасни круг“.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 26 јуни 2010 година.