11 July 2010

Октроирани молитви

    Искуствата со владините мерцедеси, подржавувањето на факултетите на двете најголеми верски заедници, како и напати штедрата поддршка од државното чекмеџе за изградба на верски храмови, зборува дека нашите верски водачи тешко некогаш ќе ја научат лекцијата од САД.

    Иако членот 19 од Уставот на земјава, која само што излегува од тинејџерските години, јасно ги разделува верските заедници од државата, што би требало да ископа доволно широк дол меѓу верата и политиката, дури и најневнимателниот може да забележи дека најчесто тоа не е така. Политичарите, посебно оние на власт, се трудат секогаш да ги одоброволат, некогаш и да ги зауздаат, верските заедници, кои се канализатори на метафизичкото, знаејќи колку големо е нивното влијание врз психата на народот. А и „невестата" нема ништо против. Верските заедници во изминатите две децении на слобода на религијата отворено кокетираа со власта, напати длабоко завлегувајќи во сферата вон елементарното човечко достоинство.

    Член 19  од Уставот на Република Македонија:
Се гарантира слободата на вероисповеста. Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата. Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот. Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

    Најтазе пример веројатно може да биде првиот човек на втората по бројност верска група во земјава - Исламската верска заедница. Иако од пораката на израелскиот заменик премиер и министер за надворешни работи Авигдор Либерман дека Ал каеда и други исламистички екстремни групи се обидуваат да воспостават свои бази на Балканот, поглаварот на ИВЗ во Македонија, реис-ул-улема Хаџи Ефенди Сулејман Реџепи, упорно негираше дека во земјава има вахабисти, кои важат за прилично екстремни дури и кон муслиманите од другите школи во сунитскиот Ислам, и прилично жестоко на крајот на март ги негираше цитатите во британскиот весник „Сандеј Тајмс“ дека вахабистите запоседнале четири џамии, после неколкуте боксови, шлаканици и пцости на петочната молитва во џамијата „Иса Бег“, во што беа вмешани и партиски кадри, веднаш си го смени ставот! Призна дека вон контрола им се четири џамии и дека вахабистите се во силна офанзива и дури навлегуваат во политичките партии. Та дури почна да бара помош од МВР и зборуваше за пасивност кај надлежните органи на Владата. А претходно ги заведуваше со своите изјави!
    На реисот тоа изгледа му беше реакција, некаков рефлекс. Психологијата вели дека тоа е постапка која произлегува од потсвесното, и која не е сврзана со рационално постапување, туку произлегува од одредени набрзина апсолвирани „места“. Во случајот, тоа дека верата не може без власта.
    Но не е само умот на врвот на муслиманите во земјава така кондициониран. Истото е случај и со најголемата заедница на верници во земјава - МПЦ-ОА. Синодот и нејзините поглавари во изминатиот период си дозволуваа политички профилирања до ниво на јасно давање поддршка на владеачите. Посебно во текот на еден владин тим кој љубеше да крева крстови и цркви или барем штедро да ја помага нивната изградба. Па дури и кога се востоличуваше сегашниот архиепископ, жезолот го држеше премиерот. Не дека така не се прави на интронизациите, ама вниманието што на тој момент му го посвети владиниот портпарол (читај: камерите на Македонската телевизија) говореше многу.
    Да не зборуваме за владините мерцедеси кои ги користеа и ги користат главите на големите верски групи. И за тоа дека државата ги зеде под свое нивните високообразовни институции во 2008 година и се задолжи целосно да ги финансира. Оти, можеби не сака целосно да ја октроира верата, ама мислам сака да ја има в рака поради нејзиното социолошко, општествено значење... А најголемите верски заедници прифатија - како да не ја чуле никогаш античката искуствена максима "Чувај се од Данајците и дарови кога носат!"
    Елем, крикот против вахабизмот упатен од грлото на реисот, покажа не само дека постои одредена фиксација, туку и дека владее одредена паника. Оти вахабистите за кои конечно тој проговори веќе оствариле значително влијание меѓу народот, ИВЗ поради својот разронет изглед не може да се бори против нивното влијание онака како што би сакала. За тоа проговорија и главните експоненти на крилото против кое сака ИВЗ да се бори. Обвинија дека заедницата е потоната во политички валцери и во криминални ора.
    Сличен проблем има и МПЦ - ОА, олицетворен во Православната Охридска Архиепископија на Јован Вранишковски. Иако нејзиното влијание кај мирјанството не е ни оддалеку толку големо (за што самиот сум се осведочил) како она на вахабистите, за кои велат дека стасале до три илјадарки, фактот што и ПОА ја обвинува МПЦ за одредени проневери, покрај главното обвинување - она за раскол со православната екумена - надополнето со досегашната прама, говори дека можеби и кај нашите владици и попови би се родил сличен рефлекс како тој на реисот. Што ќе биде погубно.
    Според искуството на не многу старата држава САД, каде истотака уставно се разграничени државната управа и верите, вистинскиот рецепт за верата е да не се сузбива, туку да ѝ се даде слобода - сѐ до мигот кога ќе стане деструктивна. Но никако да не се храни од државните јасли. САД тоа го почитуваат. Кај нас, по сѐ изгледа, тоа одамна не е случај, што, рековме веќе, може да биде најпогубно токму за верата.

    П.С. Во големи верски заедници со кои власта ги држи главните протоколарни средби, покрај двете наброени и католиците, се и Еврејската заедница (легитимно), но и Евангелистичко-Методистичката црква. Која е помалубројна од Адвентистите на седмиот ден во земјава. Но од методистите излезе еден претседател - Борис Трајковски. Од адвентистите не. Веројатно тоа беше пресудниот фактор методистите да влезат во големата четворка.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 10 јули 2010 година.