20 August 2010

Загубени во славењето

    Не знам како е со новите генерации, но во мојата, а рака на срце, и во поголем број после неа, детските секојдневни игри подразбираа доста фантазија, која и најобичните прачки или предмети умееше да ги претвори во пилотски џојстици, пушки, булдожери и валјаци и што уште не...
    Периодот на такво играње, барем за мене, одамна заврши. Но очигледно не завршил за некои луѓе баеги постари од мене. Кои повеќе ги води фантазијата отколку разумот, повеќе афектот отколку промислата. Најтазе пример за тоа на генерално инфантилната македонска политичка сцена е несреќно конципираниот обид да се посее магла и смут во широката јавност, пласирајќи ја тезата дека, замислете, Скопје го ослободиле Албанците на 12 август 1912 година.
    Од кого? Од Турците. Ахм... па нели тогаш Турција е веќе старецот на Балканот и полека се повлекува како раненик кон пространството кое горе-долу се поклопува со нејзините денешни граници? А историјата не нѐ известува дека турскиот аскер давал посебен отпор во таа фаза, вклучително и во случајот на Скопје...
    Нешто во прилог на тоа колку всушност станувало збор за ослободување, а колку за обид тоа да се претставува како ослободување говореше и документираше и д-р Тодор Чепреганов, директорот на Институтот за национална историја. Оспорувајќи ги и изнесените бројки на „ослободители“ и нивното „ослободителско“ однесување.
    Ама ајде и тоа да го пренебрегнеме - се јавува друг, многу поголем проблем за ваквите фантазери. До кога траело тоа „ослободување“? Додека не упаднале Србите, така? И сега? Да чекаме да се јават Србите од Македонија да го славиме и денот кога Краљевина Србија го презела главниот ни град... А после нив дошле Бугарите... далеку пред нив не знам кои...
    Уф, уф, ако земеме предвид дека Скопје има поткрепена историја за изминатите 24 века, следејќи ја логиката на еден лидер на минорна албанска партија, на еден градоначалник, кој не е посебно омилен во сите етнички групи во општината која ја раководи, и на една невладина организација, изгледа дека секому што ќе каже „а“, ние ќе треба да му кажеме „на“. И да славиме секој ден по три настани од великите истории на најмалку шест места.
    Е, сега, ако некој што го чита ова си помисли дека јас сум нешто посебно тесноград и гневен или, скраја да е, националистички расположен, да му понудам веднаш контра-аргумент: Се покажа дека исто како мене размислуваат и Албанците, минус тие 20-30 кои се појавија на прославата на „албанскиот Илинден“ пред споменикот на Скендербеј завчера. Фијаско. Тоа, според мене кристално јасно говори колкава почит и самите Албанци имаат за ваквите контроверзни и спорни идеи. За разлика од славењето на Денот на албанското знаме и Денот на албанската азбука.
    Но, на крајот, можам да ги разберам и Хисни Шаќири и Изет Меџити и „Реалитети“. Покрај таков скараден обид на премиерот Груевски да изналупа споменици на секои два чекори и да ни ѕида историја и на она малку простор во скопскиот центар, ретко кој би можел да остане рамнодушен. Посебно ако смета дека неговата историја се запоставува.

    П.С. Најинтересното е што на прославата пред Скендербеј не беше и еден од организаторите - чаирскиот градоначалник Меџити.

    Oбјавено во „Сега“ („Шпиц“) на 14 август 2010 година.

07 August 2010

Ампутација на Хипократовата заклетва

    Не, не, сѐ уште има лекари на кои им останала света Хипократовата заклетва...
    "Јас сум чеченски хирург чиишто непоколебливи уверувања во Хипократовата заклетва го натерале да избега од својата земја во 2000 г. и да побара азил во САД.
    Го лекував секој пациент во потреба без разлика на етничкото потекло или политичките уверувања. Оперирав илјадници ранети и повредени пациенти во текот на првиот и вториот руско-чеченски конфликт. Пациенти ми беа и цивилни жртви на војната, но и руски и чеченски војници. Поради моето почитување на Хипократовата заклетва и чеченските и руските војници ме обвинуваа за соработка со непријателот и сакаа да ме убијат.
    Кога новоизбраниот претседател на Чеченија прогласи независност во 1991 година, беше спречен дотурот на лекови и медицински материјал и платите беа сопрени. Продолжив да работам како доктор иако не добивав плата. Кога во текот на првата чеченска војна мојата болница беше уништена од руските сили, отворив болница во мојата куќа, која потоа двапати беше уништувана со ракети.
    Останав во Чеченија во текот на двете војни во најопасните зони и продолжив да помагам на ранетите, иако четирипати со смрт ми се закануваа руски и чеченски војници, бев ранет со шрапнели, снајпери пукаа на мене и бев сведок на безброј сцени на смрт и уништување".
    Да не продолжуваме понатаму. Остатокот од приказната на хирургот Хасан Баиев, во која после истражувања на фактите се увериле многу новински екипи, може да ја видите во неколкуте документарци за него и во статии.
    Примерот на Баиев ми болснува како зрак светлина во пештера во време кога во Македонија бевме сведоци на трагични стории на пациенти кои, иако во многу тешка состојба, не беа примани во болниците. Грижа добија откако медиумите кренаа џева за нехуманото постапување.
    Најсвеж е примерот на 32-годишниот скопјанец Милан Стефановиќ кој со нога изедена од гангрена дваесетина дена бил препраќан од болница до болница, а никој не се зафатил да ја ампутира ногата која не можела да се спаси и така да спречат пострашни последици.
    Оти? Не сум бог за целосно да ги прочитам умовите на лекарите кои си играле пинг-понг со него, но можеби причината лежи во тоа што Стефановиќ е наркозависник. Тој не го крие тоа. Дали лекарите се уплашиле дека може да е заразен од некој заразен хепатит или пак има ХИВ или пак си помислиле дека состојбата му е многу критична па ако го оперираат и се случи нешто непланирано и грдо, ќе мора да сносат одговорност пред јавноста, сега веќе не е битно...
    Битно е дека како лекари се обврзани со Хипократовата заклетва да помагаат секому, неповлијаени од гледишта за верата, националноста, расата, политичката или класната припадност. А тоа не се случило. Оти работел стравот кај лекарите, а не хуманоста и совеста.
    Исто како во случајот на 52-годишната кичевка која на крајот на минатиот месец цели четири часа била шетана од клиника на клиника во Скопје и никој не сакал да ја прими. Иако била со рани по нозете кои постојано крвареле, речиси без свест поради силните болки...

    ПС. Излезе дека во целиот случај за итна ампутација за да се спаси Стефановиќ, лекарите прво ја ампутираа Хипократовата заклетва.

    Oбјавено во „Сега“ („Шпиц“) на 7 август 2010 година.