24 October 2010

Болен Дончо

Попаднала лоша медицина
Попаднала по града...
Прибор имат колку две парчиња
Иљач имат колку три залака.


И сакат по две фурни леб
И им сакат крава јалоица
И им сакат по бочка ракија
И им сакат по две бочки вино
За лечење, пусто мачење,
А за в Скопје и два ата...
Сите се редум изредија
Ред му падна и на Болен Дончота
Кој девет години лежит болно на постела
Веќе му се коски раскостиле
Веќе му се меса раскапале.


Негоа сестра Ангелина изваи триста лакти платно
Триста лакти платно бамбакерно
Та изврза рани од лоша медицина
Та го пушти Дончо по автобуса
Автобуса за пуста Скопија.
Во појас му тури триста златници
за да даде на лекари
за рани деветгодишни да залечи...

    Жалосно е на почетокот на третиот милениум, кога човештвото оствари напредок за кој нашите предци од пред два-три века не ни можеле да сонат, да доживуваме ситуации како онаа на мои роднини од еден помал град, кои пред неколку месеци однеле член на семејството со многу силна треска на лекување во болница во поголем град. Таму лекувањето почнува со „студен туш“. "А бре, немаме лекови, еве купете ги од аптека овие, ќе полежи тука некој ден, ќе му ги даваме...", бил одговорот што го добиле.
    Ситуации како оваа се случуваа во изминативе години премногу пати. Не помал беше и бројот на летални исходи на луѓе од помалите градови и од селата, чии црни приказни ни се и премногу добро познати...
    Состојбата во здравството во последниве години е навистина поразителна. Ајде што за десетина години мал милион пати се донесуваа парцијални мерки, се сменија 3-4 стратегии, ќе разбереме. Ама барем нешто да се сменеше во реалноста, нешто да се подоправеше.
Да се разбереме сега: не сметам дека секаде надвор од Скопје има само чкарт лекари! И затоа во песната за болен Дончо горе протагонист е „лоша медицина“, а не „батал еким“. Напротив, одлични професионалци и прекрасни хуманисти имаме прст и плева дури и во малите селски амбуланти, а да не зборуваме за болниците. Но тие за жал се приморани да работат во услови и полоши од оние во кои работеле средновековните лекари. Без доволно лекарства, без потребен инструментариум немаат шанси да лекуваат толку добро за да ги уверат пациентите дека не ќе има потреба да вадат пари од џеб за да одат во Скопје.
    Затоа министре Османи, првин треба да ги опремите - од болниците од селските амбуланти - со СЕ неопходно (и тоа да го правите најмалку две години) пред да помислите да ограничувате право некому да се лекува онаму каде што мисли дека има најдобри услови!

    П.С. Уште доцни мегаломанскиот пакет опрема ветуван во два наврати како спас и револуција во здравството.

Oбјавено во „Сега“ („Шпиц“) на 16 октомври 2010 годинa.

22 October 2010

Компјутер за вистински хаос

    Една од омилените шеги на компјутерџиите гласи вака: Да се греши е човечки, но за да предизвикаш вистински хаос е потребен компјутер. Иронијата со Македонија е тоа што кога се направи мамутски проект за воведување компјутери во училиштата, оваа шега стана горчлива реалност за многу наставници и директори, но не помалку и за учениците и родителите.
    Во време кога многу училишта во села, а неретко и во градови, нудат такви можности за вршење мала и голема нужда што учениците повеќе сакаат да „стискаат" до дома отколку макар минута да минат во училишните тоалети, одлуката да се купуваат компјутери за секое дете е невидено с...! Да не зборуваме пак во каква состојба се грото училници. Некаде толку многу капе од плафоните,  што никој не може да им замери на директорите што не сакаат да се инсталираат компјутерите. Оти од фаталните капки не само што може да настрадаат компјутерите (по еден за шест монитори!), туку лесно може да отиде и дотрајаната електрична инсталација. А и старите клупи тешко ќе го издржат дополнителниот товар од мониторите уште некоја година.
    Ама бидна. Власта се залета и се накупува компјутери. За 50 милиони евра. Само заборавија дека компјутерите сами по себе не значат ништо ако нема софтвер. Е сега, тука чувстувам потреба да застанам нешто да објаснам. Како приврзаник на слободниот софтвер (софтвер за кој нема заштитени авторски права, па секој со неопходните познавања може да интервенира во програмите, да си позајми дел од кодот за некоја своја програма, што на долг рок создава невидени можности за создавање многу разновидни квалитетни и стабилни апликации, кои честопати се и бесплатни), отпрвин се израдував кога чув дека на училишните компјутери ќе се инсталира оперативниот систем Едубунту. Тоа е верзија на Убунту, кој барем засега е најзастапената и една од најстабилните дистрибуции (варијанти) од семејството на Линукс. Но, како што минуваше времето сѐ повеќе ме удираше по глава горчливата реалност: дека сме далеку од тоа да се преведат или создадат навреме оптимален број содржини и училишно прилагодени програми за Линукс на јазиците кои се говорат во земјава, што е и главниот момент на користењето компјутери во училниците. Што го констатираше во средината на изминатава недела и фондацијата Метаморфозис која спровела истражување за користењето компјутери во училиштата, кое покажа неверојатно поразителни резултати. Нема доволно електронски содржини, компјутерите малку се користат, а и кога се користат главно тоа е за играње, безделничко сурфање или пак за крадење материјали од интернет, кои потоа учениците си ги потпишуваат како свои проекти или домашни задачи.
    Или кусо по скопски кажано: Утка невидена!
    Односно, еден во низата експерименти во двата најниски степени на образованието. Кое изгледа ќе доживува и нови авантури. Како онаа од почетокот на неделава, кога министерот за образование најави проект, кој и според мене и според поранешни министри и експерти е вон умот - учениците во шесто и седмо одделение да си се запишат направо во средно за да учат степен за некоја ниска квалификација. А основното до деветто одделение да си го туркаат паралелно...
    Ви треба ли сега некој друг да Ви сервира заклучок колкава е издржаноста и логиката на тие проекти? Не верувам - досега сами си го донесовте.
    Претчувствувате, секако, што кадри ќе излезат од така скроено образование.
   
    Oбјавено во „Сега“ („Шпиц“) на 9 октомври 2010 година.

20 October 2010

Чудни нови страници

    Апсурдноста и штетноста на некои решенија на власта во клучни сегменти на општеството е одамна забележана. Но тоа никако не значи дека сме ги преболеле или дека треба да ги преболиме. Оти некои чекори што се направија во изминативе години не може а да не се оквалификуваат како злочин против народот. Просто невиден злочин. Грабеж, бавно пиење на крвта, давење во плиток леген, уназадување, враќање во 15. век, бесно газење на насушните потреби и достоинството на народот.
    Најочигледниот случај за тоа е секако мастодонтскиот ступиден проект „Скопје 2014“. Злочин кој одекнува до Гренланд и до Нов Зеланд. Нешто што власта сака да го претстави како естетски зафат во Скопје, кој треба да го крене духот на земјава и да надомести нешто што фалело. Фали, ама во нивните глави! На народот и урбанистите кои, како - така, досега го воделе развојот на визурата на главниот град навистина не им фалела таква какафонија на стилови и грамадни споменици. Оти да било така, ќе ги направеле и досега.
    Но, во античката трагедија „Скопје 2014“ е многу поболно нешто друго. Да се трошат толку пари на нешто што не се јаде, ниту се пие, во време на невидена криза и рекордна сиромаштија од речиси 32 отсто од населението е голем злочин! Злостор. Геноцид.
    Уште повеќе, тоа е диктаторски потег, којшто, барем во некое минато време, би го споредувал со остварувањето на болните фараонски амбиции за градење на пирамидите, кои требало да им бидат и последно почивалиште и споменик на владеењето. Но после многуте изгледани документарци за пирамидите, и по многуте прочитани научни археолошки трудови, сега гледам дека ни фараоните не граделе толку безочно и по секоја цена како актуелната власт.
    Напротив, за градењето ангажирале население на доброволна основа, кое сепак во еден дел го плаќале. Но секако се грижеле да го нахранат. Проектите ги правеле многу похумано. Иако биле апсолутни владетели, и во очите на своите поданици - богови кои по смртта ќе заминат меѓу ѕвездите - фараоните долго ги планирале своите потфати и ги реализирале на долг рок. Некогаш и по триесет и кусур години... Не верувам дека таквите временски отсечки се должеле само на немањето технолошка основа за побрзо градење, туку мислам дека дури и тие тоталитаристи се грижеле колку можат нивните поданици да издржат такви проекти. И финансиски и здравствено.
    За разлика од нашите денешни фараони. Кои сакаат да испишуваат чудни нови страници во историјата. Кога некаде во земјава уште се живее „во историјата“. Кога насушните потреби на населението не се задоволени. Кога во некои села мора да патуваат по десетина километри за да отидат на лекар. Кога училишта по селата уште работат со полски нужници. Ѓеризи. Од каде се шират зарази. Кога училниците прокапуваат и не може да се загреат како што треба. Кога се претесни за децата. Кога нема доволно учебници. Кога некои луѓе умираат поради недостиг на лекови кои може да чинат колку еден полн автомобилски резервоар гориво. Кога...
    Да се набројува секако би можело да утре сабајле. Што и не е преголем потфат, ако има кој да слуша - и да послуша. Но меѓу грото од владеачите сегашни таков интерес нема. Тие слушаат само митови за своите величини.

    Oбјавено во „Сега“ („Шпиц“) на 2 октомври 2010 година.

02 October 2010

Колку те боли, Македонијо?

    Земјо моја со грст напатени луѓе растурени по градови, гратчиња, села, овчарски колиби! Питомино полураззеленета, низ векови многупати со крв напоена, од многуте рани што на луѓето што земјата ти ја газеле, орале и копале, и на душман пред нож или нишан му се нашле, до кога земјо крв ќе мора уште да голташ?
    Често ваква елегија ќе ми ги налегне мислите вечерно време... Ама не поради мракот и неговото меланхолично дејство што неизоставно го има врз луѓето. Поради друго така ми е... Тогаш се главните вести по телевизиите.
    И нема вечер речиси од екранот да не ме мавне загуба, болка, солзи и ридание. Од луѓе кои во нашите ординации и болници за себе или за ближен чаре побарале а сега се попарени. Без најмилиот, без здравје, без светлина во очите, со чемер во градите, без пари останале...
    Црнина излезена од бели мантили го завила семејството на упокоениот Жикица Ѓорѓиовски од кумановско Режановце. Си отиде човекот само на 42 години, после три месеци мачење, носење од лекар на лекар, од клиника на клиника, од дијагноза на дијагноза.
    Му ја утнале маката уште на почетокот, па го шетале, го враќале нашите бели мантили, со различни зборови на латински на неговите книшки и картони напишани. Семејството вели дека сѐ почнало банално. Го заболело на десната страна од стомакот. Некои лекари им рекле веднаш дека е слепо црево. Ама една лекарка ја забиберила целата работа, со заплет кој како да излегол од сценарискиот тефтер на исчуканите Монтипајтоновци. Тој ѝ рекол дека го боли десната страна, на што таа му одговорила "Ти не знаеш каде те боли"!, објаснуваат неговите блиски. Кои ги боли. Многу. И се многу измрцварени. Оти куп бели мантили го лекувале Жикица од чир на желудник, од камен во жолчка, го снимале, му правеле и биопсии. Завалијата добил и мозочен удар. Во еден момент и возилото на Брзата помош со кое го превезувале се расипало, па цел час го поправале додека Жикица веројатно во мислите се простувал од надежта дека пак бел ден ќе дочека...
    По тримесеци шуткања ваму-таму додека бил во агонија го легнале на операциска маса. По што не се разбудил. Хирургот им соопштил на неговите најблиски дека одамна прснатото слепо црево предизвикало гангрена, а се создал и некој тромб. Еј, луѓе, во земјава уште се умира од слепо црево! Оти и здравството ни е слепо.
    Елем, грешки лекарски секаде се случуваат. Ама толку многу по глава на жител може и да ѝ ја изедат главата на Македонија.
    Младиот ни министер младешки ноншалантно реагираше на прашањата од новинарите што ќе се случи со здравството кога еден куп стручњаци бегаат во приватните установи, кога постојано фалат некакви лекови. Како во Битола на пример. Каде Онкологија изминатава седмица пак остана без лекови. Доцнат и апаратите кои беа најавувани како најголемата инвестиција во здравството во изминатите две децении. А и на Стоматологија зовре. Што поради плати, што поради нови мантили со црвени книшки во горното џепче.
    Затоа доктор Бујар Османи повеќе не смее да си дозволи ноншалантност. Затоа, министре, избркајте ги нестручните! Ќе ви помогнат пациентите да разберете кои се тие... Може нема да ви биде лесно, ама друг излез нема на повидок.

    П.С. Траурните состојби бараат радикални мерки. Македонија ја боли...


    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 25 септември 2010 година.

01 October 2010

Власт или сласт?

    Му заигра на Митрета нешто во коравото машко срце, врвот на носот му се здрви и в час остина, а потоа градите, како некој силно со рака да му плисна нешто внатре, му се наполнија со плач... Речиси бебешки плач. Се сврте полека од телевизорот и погледна накај прозорецот. Додека телото уште му се тресеше и грчеше од плачење, полека стана и, тетеравејќи се, дојде до прозорецот, ја тргна валканата завеса и погледна кон небото. Липаше.
    Ех, Господи, го признаа. Не е веќе копиле, туку признаена рожба на партијата на (с)(в)ласт. Еве, тукушто чу. На вестите.
    А чекаше речиси две години. Откако го отпуштија од фирмата каде што работеше како возач и дистрибутер. Потоа, иако ги искина двата рала чевли од шпартање по градот во потрага по нова работа, и му кажуваа или дека немаат потреба од нови работници дека е престар за да го ангажираат, нешто се скрши во него...
    Нејсе, во апатијата сигналот стигна до него. Ја чу цифрата од Статистика дека официјално е признат. Дел од новата група сиромашни - таман 2,4 отсто. Која ја дотокми рекордната сума од 31,1 отсто сиромашни. Која владеачката партија не ја спомена во својата предизборна програма. За која и тој агитираше и организираше групи за митинзи.
    Елем, Државниот ни завод за статистика конечно излезе со цифри. Кои мора да ги каже ако сака да си го запази угледот како релевантна институција. Дури и во очите на обичниот човек, којшто јасно гледа дека статистичката плата одамна не е плата негова и на сите коишто ги познава, туку многу поголема. А реална? Нека кажат научниците.
    Државните статистичари конечно ни го кажаа тоа што го насетувавме, а голем дел од нас, и го знаевме. Во невидена беда живееме. Во 2009 година процентот на сиромашни изнесувал рекордни 31,1 отсто од населението. Рекордни, та невидени! Досега таква бројка не е забележана. Претходната година оваа мрачна статистика изнесувала 28,7 отсто. Така што растот за 12 месеци од 2,4 проценти е работа од која штукнува умот! Битно “остварување", да бидеме реални...
    Во фонот на ова признание, она што мачи многумина, не само мене, е: Што ни ветуваа и што ни исполнија?
    Да, да, беа штедри за “некрополата" Скопје 2014, иако не ни ветуваа јасно дека ќе ни прават таков музеј среде Скопје во време на криза, додека другите градови и селата насекаде по оваа питома Македонија ни умираат во очај, малигани, “полутки" (се мисли на дрогата како што им ја продаваат на зависниците од дроги – заб. авт) и болести. И што? Во тоа време дознаваме дека пазариле уште украински сликари (како кај нас да не се школувале и да не живеат такви креативни творци), да ни сликаат мурали од по 10-20 квадрати во музејот на ВМРО. Не на ДМПНЕ. ВМРО е посебна категорија, која ДМПНЕ почнувајќи од времето на мојот пубертет (како и потоа Демократска, Народна, Вистинска, и што уште не) и еден куп други партивчиња ја узурпираа.
    Нејсе, доживеавме и тоа. Имаме третина од населението сиромашни, а градиме куп прескапи споменици, Пежо-лавови, шмизли и тракатанци покрај грстови просјаци и стечајци... на истите улици!
    И сега доживуваме нова димензија. Нам, на новинарите, ни велат дека не разбираме, дека не си го работиме занаетот, оти не сме ги читале потезите на власта. Онака како што тие ги пишуваат. Оти друго сме кажувале, не тоа што нивните очи и чекмеџиња го гледаат. Тоа ме тера да се прашам како власта гледа на новинарите - како на хроничари или како на бележници.
    И всушност, што пак нејзе и се случува? Власт или сласт?


    П.С. Чуму инаку толкави предизборни битки ако политичарите во власта не наоѓаат чаре за себе?


    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 18 септември 2010 година.