01 October 2010

Власт или сласт?

    Му заигра на Митрета нешто во коравото машко срце, врвот на носот му се здрви и в час остина, а потоа градите, како некој силно со рака да му плисна нешто внатре, му се наполнија со плач... Речиси бебешки плач. Се сврте полека од телевизорот и погледна накај прозорецот. Додека телото уште му се тресеше и грчеше од плачење, полека стана и, тетеравејќи се, дојде до прозорецот, ја тргна валканата завеса и погледна кон небото. Липаше.
    Ех, Господи, го признаа. Не е веќе копиле, туку признаена рожба на партијата на (с)(в)ласт. Еве, тукушто чу. На вестите.
    А чекаше речиси две години. Откако го отпуштија од фирмата каде што работеше како возач и дистрибутер. Потоа, иако ги искина двата рала чевли од шпартање по градот во потрага по нова работа, и му кажуваа или дека немаат потреба од нови работници дека е престар за да го ангажираат, нешто се скрши во него...
    Нејсе, во апатијата сигналот стигна до него. Ја чу цифрата од Статистика дека официјално е признат. Дел од новата група сиромашни - таман 2,4 отсто. Која ја дотокми рекордната сума од 31,1 отсто сиромашни. Која владеачката партија не ја спомена во својата предизборна програма. За која и тој агитираше и организираше групи за митинзи.
    Елем, Државниот ни завод за статистика конечно излезе со цифри. Кои мора да ги каже ако сака да си го запази угледот како релевантна институција. Дури и во очите на обичниот човек, којшто јасно гледа дека статистичката плата одамна не е плата негова и на сите коишто ги познава, туку многу поголема. А реална? Нека кажат научниците.
    Државните статистичари конечно ни го кажаа тоа што го насетувавме, а голем дел од нас, и го знаевме. Во невидена беда живееме. Во 2009 година процентот на сиромашни изнесувал рекордни 31,1 отсто од населението. Рекордни, та невидени! Досега таква бројка не е забележана. Претходната година оваа мрачна статистика изнесувала 28,7 отсто. Така што растот за 12 месеци од 2,4 проценти е работа од која штукнува умот! Битно “остварување", да бидеме реални...
    Во фонот на ова признание, она што мачи многумина, не само мене, е: Што ни ветуваа и што ни исполнија?
    Да, да, беа штедри за “некрополата" Скопје 2014, иако не ни ветуваа јасно дека ќе ни прават таков музеј среде Скопје во време на криза, додека другите градови и селата насекаде по оваа питома Македонија ни умираат во очај, малигани, “полутки" (се мисли на дрогата како што им ја продаваат на зависниците од дроги – заб. авт) и болести. И што? Во тоа време дознаваме дека пазариле уште украински сликари (како кај нас да не се школувале и да не живеат такви креативни творци), да ни сликаат мурали од по 10-20 квадрати во музејот на ВМРО. Не на ДМПНЕ. ВМРО е посебна категорија, која ДМПНЕ почнувајќи од времето на мојот пубертет (како и потоа Демократска, Народна, Вистинска, и што уште не) и еден куп други партивчиња ја узурпираа.
    Нејсе, доживеавме и тоа. Имаме третина од населението сиромашни, а градиме куп прескапи споменици, Пежо-лавови, шмизли и тракатанци покрај грстови просјаци и стечајци... на истите улици!
    И сега доживуваме нова димензија. Нам, на новинарите, ни велат дека не разбираме, дека не си го работиме занаетот, оти не сме ги читале потезите на власта. Онака како што тие ги пишуваат. Оти друго сме кажувале, не тоа што нивните очи и чекмеџиња го гледаат. Тоа ме тера да се прашам како власта гледа на новинарите - како на хроничари или како на бележници.
    И всушност, што пак нејзе и се случува? Власт или сласт?


    П.С. Чуму инаку толкави предизборни битки ако политичарите во власта не наоѓаат чаре за себе?


    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 18 септември 2010 година.