20 October 2010

Чудни нови страници

    Апсурдноста и штетноста на некои решенија на власта во клучни сегменти на општеството е одамна забележана. Но тоа никако не значи дека сме ги преболеле или дека треба да ги преболиме. Оти некои чекори што се направија во изминативе години не може а да не се оквалификуваат како злочин против народот. Просто невиден злочин. Грабеж, бавно пиење на крвта, давење во плиток леген, уназадување, враќање во 15. век, бесно газење на насушните потреби и достоинството на народот.
    Најочигледниот случај за тоа е секако мастодонтскиот ступиден проект „Скопје 2014“. Злочин кој одекнува до Гренланд и до Нов Зеланд. Нешто што власта сака да го претстави како естетски зафат во Скопје, кој треба да го крене духот на земјава и да надомести нешто што фалело. Фали, ама во нивните глави! На народот и урбанистите кои, како - така, досега го воделе развојот на визурата на главниот град навистина не им фалела таква какафонија на стилови и грамадни споменици. Оти да било така, ќе ги направеле и досега.
    Но, во античката трагедија „Скопје 2014“ е многу поболно нешто друго. Да се трошат толку пари на нешто што не се јаде, ниту се пие, во време на невидена криза и рекордна сиромаштија од речиси 32 отсто од населението е голем злочин! Злостор. Геноцид.
    Уште повеќе, тоа е диктаторски потег, којшто, барем во некое минато време, би го споредувал со остварувањето на болните фараонски амбиции за градење на пирамидите, кои требало да им бидат и последно почивалиште и споменик на владеењето. Но после многуте изгледани документарци за пирамидите, и по многуте прочитани научни археолошки трудови, сега гледам дека ни фараоните не граделе толку безочно и по секоја цена како актуелната власт.
    Напротив, за градењето ангажирале население на доброволна основа, кое сепак во еден дел го плаќале. Но секако се грижеле да го нахранат. Проектите ги правеле многу похумано. Иако биле апсолутни владетели, и во очите на своите поданици - богови кои по смртта ќе заминат меѓу ѕвездите - фараоните долго ги планирале своите потфати и ги реализирале на долг рок. Некогаш и по триесет и кусур години... Не верувам дека таквите временски отсечки се должеле само на немањето технолошка основа за побрзо градење, туку мислам дека дури и тие тоталитаристи се грижеле колку можат нивните поданици да издржат такви проекти. И финансиски и здравствено.
    За разлика од нашите денешни фараони. Кои сакаат да испишуваат чудни нови страници во историјата. Кога некаде во земјава уште се живее „во историјата“. Кога насушните потреби на населението не се задоволени. Кога во некои села мора да патуваат по десетина километри за да отидат на лекар. Кога училишта по селата уште работат со полски нужници. Ѓеризи. Од каде се шират зарази. Кога училниците прокапуваат и не може да се загреат како што треба. Кога се претесни за децата. Кога нема доволно учебници. Кога некои луѓе умираат поради недостиг на лекови кои може да чинат колку еден полн автомобилски резервоар гориво. Кога...
    Да се набројува секако би можело да утре сабајле. Што и не е преголем потфат, ако има кој да слуша - и да послуша. Но меѓу грото од владеачите сегашни таков интерес нема. Тие слушаат само митови за своите величини.

    Oбјавено во „Сега“ („Шпиц“) на 2 октомври 2010 година.