24 October 2010

Болен Дончо

Попаднала лоша медицина
Попаднала по града...
Прибор имат колку две парчиња
Иљач имат колку три залака.


И сакат по две фурни леб
И им сакат крава јалоица
И им сакат по бочка ракија
И им сакат по две бочки вино
За лечење, пусто мачење,
А за в Скопје и два ата...
Сите се редум изредија
Ред му падна и на Болен Дончота
Кој девет години лежит болно на постела
Веќе му се коски раскостиле
Веќе му се меса раскапале.


Негоа сестра Ангелина изваи триста лакти платно
Триста лакти платно бамбакерно
Та изврза рани од лоша медицина
Та го пушти Дончо по автобуса
Автобуса за пуста Скопија.
Во појас му тури триста златници
за да даде на лекари
за рани деветгодишни да залечи...

    Жалосно е на почетокот на третиот милениум, кога човештвото оствари напредок за кој нашите предци од пред два-три века не ни можеле да сонат, да доживуваме ситуации како онаа на мои роднини од еден помал град, кои пред неколку месеци однеле член на семејството со многу силна треска на лекување во болница во поголем град. Таму лекувањето почнува со „студен туш“. "А бре, немаме лекови, еве купете ги од аптека овие, ќе полежи тука некој ден, ќе му ги даваме...", бил одговорот што го добиле.
    Ситуации како оваа се случуваа во изминативе години премногу пати. Не помал беше и бројот на летални исходи на луѓе од помалите градови и од селата, чии црни приказни ни се и премногу добро познати...
    Состојбата во здравството во последниве години е навистина поразителна. Ајде што за десетина години мал милион пати се донесуваа парцијални мерки, се сменија 3-4 стратегии, ќе разбереме. Ама барем нешто да се сменеше во реалноста, нешто да се подоправеше.
Да се разбереме сега: не сметам дека секаде надвор од Скопје има само чкарт лекари! И затоа во песната за болен Дончо горе протагонист е „лоша медицина“, а не „батал еким“. Напротив, одлични професионалци и прекрасни хуманисти имаме прст и плева дури и во малите селски амбуланти, а да не зборуваме за болниците. Но тие за жал се приморани да работат во услови и полоши од оние во кои работеле средновековните лекари. Без доволно лекарства, без потребен инструментариум немаат шанси да лекуваат толку добро за да ги уверат пациентите дека не ќе има потреба да вадат пари од џеб за да одат во Скопје.
    Затоа министре Османи, првин треба да ги опремите - од болниците од селските амбуланти - со СЕ неопходно (и тоа да го правите најмалку две години) пред да помислите да ограничувате право некому да се лекува онаму каде што мисли дека има најдобри услови!

    П.С. Уште доцни мегаломанскиот пакет опрема ветуван во два наврати како спас и револуција во здравството.

Oбјавено во „Сега“ („Шпиц“) на 16 октомври 2010 годинa.