30 November 2010

Смртта ги обиколува селата пешки

    - Си го видел џипот на овој директоров сегашен на едикојаси агенција? Паркиран кај едикојаси продавница на Партизанска? Не можеш друже да го промашиш, има лавче обесено на ретровизорот? Има тој таму стан од барем 80.000 евра. И од каде бе тој копук за година и пол на функција дојде до таков стан? Ај сеа...
    Со таква дигресија мојот пријател ја прекина паузата во муабетот за владеењето на Путин, додека седевме впивајќи ја благодатта на ќумбето на дрва во култната скопска кафеана „Наџак“, во која втрчавме од дождливото попладне.
    - Е, човече, ова ти е навистина ј... да си изгризаш од мака..., заврши тој, свртувајќи ги очите кон стаклото кое нѐ двоеше од мочливото Скопје.
    Пинг! Газда Столе со вечната насмевка ги стави криглите пиво пред нас.
    - Да - му велам јас на пријателот - модерни џипови покрај кои минуваат раскантани автобуси. И гладни сограѓани; до неодамна сопственици на куќи или станови, а сега без адреса; Роми со "луксузните" велосипеди со приколки буричкајќи во контејнерите за заграб пластика која ќе треба да ја "одвеслаат" километри понатаму заради една-две излижани банкноти; звездосани пензионери кои излегуваат со рецептите в рака како лепеза од аптека, и со по едно кутивче во малечката ќеса; млади скитници со диплома на полицата дома, ама без партиска книшка в џеб...
    Велам потоа, да беше оваа власт власт со салтанати, ваквите џипови да ги одземеше како што треба (за што има формална можност - слушам нешто за некои анкетни листови за функционерите) па да однесеше некој од нив за месната заедница во селото Брест, можеби немаше 13-годишната Валмире Бајрами пред некоја недела да почине на рацете на татко ѝ, во близина на реката. И Смртта со својата коса тргнала по нив пешки. Да имаа џип, автомобил и пат по кој би го возеле, можеби ќе ѝ избегаа...
    Да не се повторувам сега, оти пишував повеќепати за вакви трагедии кои здравството во сегашната состојба ги збибери на луѓе од сите ќошиња на земјава. Оти, да се изразам со медицински речник, луѓето кои носени кон помош од белите мантили, добиваа дијагноза exitus letalis, односно "не е веќе меѓу живите" од почетокот на годинава досега ми е многу мачно да ги бројам. Оти и мене ме боли болката на нивните семејства. Затоа пак се зафатив да ги бројам новите споменици, барокни катни гаражи, тарабите со кои го направија плоштадот скопски лавиринт... Па, притоа се зафатив и со владините функционери кои држат по две-три функции оти многу ги бивало (ама за сопственото чкембе и за партијата, не за мене, не за селанецот во Оризари или Мислешево)...

    П.С. Ех, си мислам, фала на Бог, земам плата редовно, персонален данок и од мене се слива во касите на власта која треба да се грижи за народот, ДДВ плаќам и кога ќе купам осум ролни тоалетна хартија, ама изгледа тие "мои"  пари нема никогаш да ги видам во нова асфалтна постилка на улица, во апарат за магнентна резонанца во Берово, туку во копитото на коњот на Филип Втори, во некој Хјундаи џип паркиран пред скапа кафеана во која подждригнуваат завластени торлаци, за кои и јас до неодамна, детски наивно (прости ми Боже!) мислев дека се еснаф луѓе.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 29 ноември 2010 година.

28 November 2010

Браво штипски Фигаро!

    Комичната Opera buffa, покажува лефтерното прелистување на енциклопедиите, е оперски жанр за обичниот човек, музичко дело кое тој ќе може многу лесно да го восприеме, во кого ќе може многу лесно да се пронајде. Протагонисти во комичните опери се обичните луѓе со обични проблеми, но и со многу мудрост; а дијалозите се најчесто на дијалекти...
    Според многу светски референтни дела и енциклопедии, за ремек дело во рамките на комедијата во музиката се смета операта „Севилскиот берберин“ на Џоакино Росини. Е сега, сметам дека нема потреба за неа многу да разглобувам, оти уводната арија на Фигаро, локалниот берберин и главниот лик во оваа опера, е веројатно првата асоцијација на секој човек кога ќе му се спомене опера. Мудриот Фигаро, предлагајќи ингениозни акции, го движи дејствието на оваа опера сѐ до нејзиниот среќен крај.
    Динамичната опера завчера доживеа нова изведба, една комична штипска адаптација... Во која, како и во оригиналот, главната улога ја одигра еден мудар, чесен берберин, човек од народот. Имено, берберинот од штипската болница. Кој „отпеа“ прекрасна критична арија за безумието кое го зафатило здравството... И затоа Трајче Ванев е стоотстотно позитивен и мудар јунак, лик за пофалба, да не бидам погрешно сфатен, дека сакам - скраја да е! - да му се потсмевам. Потсмевот и критиките се подготвени за другите. Оние што му ја запржиле улавата каша. Работел човекот 30 години како берберин во штипската болница, а потоа таму им зафалиле болничари. Па директорката  помислила дека Ванев е, како што пее Фигаро на Росини, „фактотум“. Лексиконите зборот го толкуваат како „човек што е погоден за сѐ“, но и како „повереник што извршува без приговор нечии налози“. Па го главила како болничар - и тоа во операциона сала! - иако не завршил обука за тоа.
    Арно ама Ванев, кој е „унапреден“ на 62 годишна возраст, излезе во јавност за да каже дека не е ниту едното ниту другото. Оти знае дека нема квалификации за болничар, и второ, за да изнесе приговор на неверојатната одлука, да каже дека противзаконски добил прераспределба, да каже дека има капитален приговор, да каже дека навистина му пречи што го сториле протагонист во ваква епизода од хорор-серијата „Македонско здравство“. Му збоктисало на сиромашкиот хирурзите да го „пудат“ од салата.
    Во неверојатнава ситуација, кога ќе помислам, мора да имаме разбирање и за директорката... Како што вели, од министерството не добиле дозвола да вработат луѓе за работните места што се празни. А многу им фалат лекари, болничари и чистачки, и проблемот мора да го решаваат со прераспределба...
    А не дека и болницата е во некоја привлечна состојба... Ванев вели дека нема чаршафи, пижами, влечки. Кога хирурзите оперираат, во салите капе вода од покривот...
    Режисеру, на оваа комична опера, министру Османи! Немој да ти текнало да ги „оперираш“ овие двајца ликови. Оперирај таму кај што треба - обезбеди веќе еднаш услови, аман!

    П.С. Сакам уште еднаш да го поздравам потегот на Ванев да излезе во јавност и да разоткрие хаос, со дел од познатата уводна арија на Фигаро: Pronto, prontissimo son come il fulmine, sono il factotum della città. Ah, bravo Figaro! Bravo, bravissimo...
    Односно: Јас итам како молња, направете пат за фактотумот на градот. Ах, браво Фигаро!, браво, навистина браво...

       Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 20 ноември 2010 година.

23 November 2010

Измислица бе!

    „Ајде да видам кој дава повеќе?“
    Сестрата стоеше на вратата на големата болничка соба со инјекција во раката. Веднаш се зачу шумолење - четворицата (освен тој со двете скршени раце што го донесоа претпладнето и освен некогашниот социјалистички директор, кој сега во осмата деценија на животот хранеше од пензијата цело семејство од девет луѓе) ги брцнаа рацете под перниците и ги извадија паричниците, пресметувајќи колку може да понудат. Во умовите им беше присутна само студената логика. На сите им беше јасна ситуацијата. Ја има само таа, една, инјекција. Но мора да се наддава мудро - не премалку на почетокот и не премногу на крајот...
    Стариот пак, еден од првите директори после ослободувањето, веднаш крена рака - ама со друга намера...
- Сестро, јас молам утре сабајле да ме испишете на моја одговорност - рече тој.
    И веднаш почна да го крои планот. „Вака не се издржува, четвртина пензија ми остана во болницава, ќе нема што да се јаде. И така извадив маркица за слободната за овој месец, ќе прошетам по манастириве скопски, свеќи ќе запалам, ќе однесам зејтин, чорапи, можеби и некоја кошула за дар, белким некој светец ќе ми се смилува да ме исцели“, си мислеше некогашниот комунист.
    А не дека ѝ беше премногу лесно и на сестрата. Откако ги воведоа новите пакети за осигурениците, секој ден ѝ се кршеше срцето по неколкупати кога гледаше како пациенти немајќи доволно пари се простуваа од лекувањето, не ретко и од надежта дека ќе се излекуваат, па си ја планираа смртта за следните месец-два, шестмесечје, година.
    Добро де! Не сакате веќе да ја должам оваа измислица... Ама оваа измислица, во најголем дел, простете, не е моја. Оваа измислица - е туѓа!, што би рекол Никола Јонков Вапцаров.
    Во министерството лежи зајакот. Тоа кое реши да ни скрои нова капа. Па ни прави мени за здравствено осигурување со пакети. Од кои, освен во изгор скапиот, ќе мора значително повеќе пари да издвојуваме за секое „Ај сега кажи А-а-а-а-а“, за секое пломбирање, за секоја инекција, отколку што досега плаќавме. На стандардното осигурување, коешто ќе ни покрива помалку услуги отколку сега, накалемуваат и доброволно - демек, добиваш повеќе, а не плаќаш партиципација. А не дај боже, ако посакаш нешто што е нормална работа на целиот Балкан, а нашиот фонд ќе го смета за луксуз, ќе си плаќаш и приватно осигурување.
    Оти сиот овој џумбуш? Е па затоа што досега црпеа, црпеа, црпеа од Фондот за здравствено осигурување и го - исцрпеа. Сега таму нема речиси ништо. Што се виде и од најновите потези - ќе ги сечат драстично и парите на лекарите.
    Ама, драги мои, тоа не е најинтересното! Најинтересното е што утврдил за 2009 година Државниот завод за ревизија. Расипништво до бескрај - се купувале медицински материјали на ангро, како за десетпати поголема држава. Па им поминал рокот. Се купувале лекови по цени како да сме десет пати побогата држава. А и од евиденцијата за потрошеното, се гледа дека се изарчило како во десетпати побројна држава.

    П.С. ОК, другарки и другари, ако воведувате нови пакети за здравствено осигурување, ајде да ми ги вратите парите уплатени на мое име во изминативе десетина години што не сум ги искористил, па да си уплаќам приватно здравствено, а вас да ве заборавам!

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 13 ноември 2010 година.

07 November 2010

Да го избркаме монструмот засекогаш!

    Имав не толку ретка можност вчераутро да гледам млади вандали на дело. Во автобус на ЈСП изнакитен со оние рекламни пластични држачи за патниците. Две момчиња на некои 15-16 години, многу порасонети отколку јас, во еден момент се освестија за држачите, па почнаа да им ја проверуваат издржливоста, силно „на сец“ потегајќи ги надолу.
    Држачите издржаа. Оти некој ги направил такви, доволно цврсти за деструктивни потфати. Што и не ме израдува баш премногу - оти многупати сум имал блиски средби со нив при прикочување, кога после болниот удар по глава упатував не баш добри мисли за оној што решил така несмасно да ги постави и посакував да ги витосаат! Но сакам да се надевам дека после тоа искуство, кога се уверија дека држачите се доволно силни, за разлика од нив самите, младите вандали нема да се обидат друг пат да го повторат обидот да ги уништат.
    Но, сега нема повеќе да зборуваме за нив. Ќе зборуваме за тоа како некои други работи да ги спречиме, да ги витосаме од нашето секојдневие... Работи грозни, работи за нормалниот ум незамисливи, невидено опустошувачки, работи кои набигоруваат вечен чемер во душите не само на жртвите, туку и на оние од нас за кои некои работи се непоимливи.
    Како на пример монструмот на педофилијата кој последниве неколку години редовно предизвикува препотувачки кошмари на јавноста. И кој го тресеше Штип во изминативе месец и половина, а веројатно уште долго ќе го тресе. Елем, девојчиња уште во основно поради не знам кои причини си ги продавале телата на мажи кои, според полицијата која ја води истрагата и апси, демонски ја приграбиле можноста да уживаат во тоа, задоволувајќи ги своите ниски страсти. Незамисливо за мене! Нормален маж, и да му се понуди таква можност, верувам со гнасење, но и со татковски чувства во душата, би одбил таква срамна понуда од некое незрело девојче!
    Но педофилијата, како митската Хидра, има и друга грда глава. Мажи со искривоколчени сфаќања посегнуваат по свои деца, по сосетчиња, по малолетници кои ги гледаат на улица, служејќи се со закани. Уништувајќи им го животот најверојатно засекогаш, вели модерната психологија цитирајќи примери. Таа ни кажува уште нешто застрашувачко - честопати жртвите на педофили во повозрасните години и самите ќе посегнат по дете.
    Сега е време сите да почнеме да градиме силен, нескршлив бедем за педофилијата. Значи, ако имате некогаш такви помисли - Ве молам!!! - обидете се веднаш да ги шкартирате. Ако сте родител научете ги своите деца како да реагираат ако им пристапи некој со демонот на педофилијата во душата, потоа не премногу нападно, но интересирајте се каде се движат. Оти некогаш може да ве подлажнуваат...
    Сите останати: Ако се уверите дека во некого клечи тој демон, испречете му се на патот. Скарајте го, спречете гнасен чин, викнете ги децата кај себе за да ги заштитите!
    Ајде сите да го избркаме монструмот засекогаш!

    П.С. Педофилијата е кошмар и за луѓе за кои сакам да помислам дека се невини. Тие самите така велат, а и со доказите кои сакаа да ни ги предочат, некако ме уверуваат дека болната тема педофилија некој ја злоупотребил за лажно да ги набеди и така да ги победи.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 30 октомври 2010 година.

Час по физика


    Во основно и во средно училиште, моите професорки по физика важеа за строги, но начинот на кој ги пренесуваа содржините на лекциите и ни ги расветлуваа тајните на физика, сега ми изгледа многу умешен и педагошки правилен. Тие и најсложените термини и закони знаеја да ги објаснат просто, за да ги разберат веднаш нашите млади глави.
    Мислам дека многу бргу ги запаметив поимите маса, брзина, забрзување, инерција... Се разбира, испарило некое знаење, но честопати ми се обновува. Нешто гледајќи документарни емисии или серии, нешто во секојдневието. На пример, кога ќе се качам во автобус на ЈСП. Како пред некој ден. Качувајќи се во 19-ка утрината, првото искуство ми беше авионско. Знаете, како она на самиот старт на полетување кога пилотот одеднаш ги отпушта кочниците, па инерцијата те треснува од наслонот на седиштето ако не си залепен за него со грбот. Со таа разлика што во 19-ката не бев седнат... Па масата на моето тело фатена од инерција во дел од секунда се најде 2-3 метри наназад, со едното колено на земја. Но пилотското забрзување на возачот стар четириесетина години, не му беше доволно. Веднаш потоа го продолжи “предавањето” за инерцијата и забрзувањето, кога на речиси празната улица се залета да престигнува автомобил, а потоа мораше нагло да прикочи. Сега моето тело, кое сепак беше фиксирано преку едната рака на држачот, мрдна само околу половина метар нанапред. При што благодарение на рефлексите и брзиот маневар на вратот, избегнав директен судир (односно, претворање на кинетичката енергија во потенцијална, со потенцијална последица блага контузија на мозокот) со вертикалниот држач.
    Елем, многумина возачи во ЈСП од чие управување би се исплашил и лудиот возач на Формула 1 Себастијан Фетел, наскоро ќе мора да возат и даблдекери... Кои не знам зошто премиерот и компанија решија да ги донесат на скопските улици. Но, кога конечно ќе пристигнат, секако ќе ја збогатат практичната настава по физика. На пример, ќе ни помогнат да го совладаме градивото за тежиштето. Научени на сегашните автобуси, кога возачите ќе влетаат во кривина како магаре во градина со зелка, патниците ќе сфатат дека даблдекерите (во кои, иронично, ќе може само да се седи) имаат повисоко тежиште - факт што ќе им го илустрира наведнувањето на една страна со одвојување на двете тркала од другата страна од асфалтот.
Ама не е сѐ толку негативно. Во даблдекерите ќе учиме и цврстина на материјалите. Производителите кои во Кина ги посети министерот Јанакиески не уверуваат дека автобусите ќе бидат цврсти. Кога на пример некој таков залетан даблдекер ќе удри во автомобил, немало опасност горниот дел да се одвои и да лизне напред. А и ако се превртел на страна, немало да се преполови...
    Ама, ајде доста со физика. Да преминеме, мислам, сега на психологија! На пример, дали скопјани, научени во полн автобус да се движат од предна врата максимум до средна, во двокатните автобуси ќе се решат да се качат горе? Посебно ако треба да се возат максимум четири-пет постојки...
По нови релации, се разбира. Линиите ќе мора да се сменат, научивме сите, оти двокатните Кинези ќе може да се движат само по половина од сегашните...

    П.С. Може требаше да нарачаат кочии со коњи наместо даблдекери како оние од педесетите години - за да се ускладат со кич-центарот на Скопје во изградба.

    Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 23 октомври 2010 година.