18 December 2010

Бутел 2014

    Во болница сум лежел само еднаш. Во 1996 година во Воена болница. Мојата матична лекарка не сакаше да ме пушти во Државна, оти ми рече дека стопати подобро ќе бидам третиран во огромната зграда карши базенот. И сега на др. Лиле од „Феличита“ сум ѝ многу благодарен. Исто како и на др. Слободан, кој кога ме виде во каква состојба сум, веднаш ме прими во Воена. Беше, како што чув во тие две недели во болницата, извонреден стручњак во својата област, поприлично познат надвор од нашите граници.
    После 15-16 дена од таа болница излегов излекуван, но, како што ми кажаа потоа роднините и блиските, и малку поправен. Делумно тоа се должи на лежењето и слабата физичка активност, но главно на храната што ја добивавме. Навистина добивавме одлично избалансирана исхрана, за непцето разновидна, а за волуменот на желудникот - потаман. Се гледаше дека добри мајстори работат во кујната...
    После најновите случувања во Клиничкиот ни центар со фирмата која подготвуваше храна за болните, повторно се вратив на тие мои болнички денови.
    Дента кога фирмата „Хацат“, која пет години доставувала храна за болните од која биле задоволни и пациентите и лекарите, решила да прекине со испорака оти државата им е должна милион евра, во Клинички се прибегнало кон итни мерки. Купиле кифли за пациентите, а и побарале појадок од Воена болница. Каде што мислам дека уште се готви како што треба. Па така барем за малку е избегната кашата којашто на околу 1.000 пациенти во Клинички им ја запржи државата. Која се однесува вон секаква логика. Што пак се гледа и од потезите што ги влечеше потоа. Замислете си само, правдајќи се дека еден ден - потенцирам! - еден ден „Хацат“ не испорачал појадок, министерот Бујар Османи (кој во последно време освен што трча да се слика на презентација на туѓи донации, почна и да им се лути на новинарите што не го фалат) решил да го раскине договорот „оти ,Хацат` го прекршила“
    Ајдееее... А да кажеше тој колку им е платено на „Хацат“! Од каде велат дека Клинички им должи милион евра. Ќе кажеше - да имаше што да каже... Напротив, Османи немаше аргумент за обвинувањето од „Хацат“ дека државата катаљарда пати го прекршила договорот со нив и не им плаќа за тоа што го доставуваат во болничките соби. Ќе да е дека министерството за здравство нема со што да плати - како што се гледа од целата слика во македонската медицина...
    Но, има и друга можност. Бујар Османи е дел од владата која повеќепати напомена дека за нив се приоритет се спомениците и новите градби. Во ова време на криза!!! Кога медицината е во состојба на распаѓање, нема пари за социјалците, производството стагнира... Мајко мила, од ова лудило со „Скопје 2014“ и „Македонија 2014“, мене ми изгледа дека ќе излезе и „Бутел 2014“. Куп нови споменици на пресни гробови. На голем дел од нив со крст - кој им го ставила власта. Само за мермерот сепак ќе мора да платат расплаканите семејства...


    П.С. Во целиов овој заплет, има и друга можност. Човек може да си помисли и дека министерот читал некои книги од алтернативната медицина за лекување со глад. Па веројатно си мислел дека така најлесно ќе го реши проблемот на болните. Тие ќе гладуваат и ќе се лекуваат, тој ќе штеди пари, а „Хацат“ ќе си остане со прстот во уста...


    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 18 декември 2010 година.