15 February 2011

Студентска мака - проширена и надградена!

    Чинам имав небесна среќа што моите години на студирање се врзани со Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Ем студирав нешто за што мислев дека е перспективна професија, ем имав професори и асистенти кои како да беа од друга галаксија. Вистина ви велам - сушта спротивност на она што тогаш го имаа како највисок кадар по другите факултети на Универзитетот „Кирил и Методиј“! Да не ги именувам сега сите, иако би требало, некои од нив се во пензија, некои сѐ уште таму - ама сите заедно, вклучително и библиотекарката, ми овозможуваа секој ден да се чувствувам привилегиран. Сите беа минале по шестмесечје, година, па и по повеќе години во САД и Велика Британија, предавале таму... И ни го правеа студирањето исто како во тие земји. Работеа заради нас, а не како ние студентите да сме таму заради нив...
    Но, наставата не им беше единствениот ангажман. Кој превел капитални книжевни дела, кој издал трудови што беа референтни општо за книжевноста и за науката за јазикот, кој твореше во поезијата и прозата... Ги имаше нивните имиња во македонските и странски списанија. Многу денови во амфитеатрите и предавалните минав за да можам со увереност да го кажам ова: предавањата и вежбите беа задоволство, оти беа добро подготвени за нив. А тогаш немаше интернет!
    Тоа за многу мои пријатели и познаници кои студираа по други катедри и по други факултети, беше нешто како научна фантастика - се соочува со сосема спротивни нешта на своите студии.
    И добро ќе беше состојбата на тие мои блиски да завршеше тогаш. Но не се случи тоа. Како што следев во изминативе речиси деценија и пол, состојбата на многу факултети остана истата. Да, им ставија компјутери, ги врзаа на интернет, па и книги странски им купија, престои во странство им плаќаа на магистри и доктори - ама некако мене работата ми се чини дежа ви! Не гледам дека многу се запнува со научна работа (за што можеби вината е и во малкуте пари што се префрлале за тоа во изминативе децении). А и педагогијата им е „тера инкогнита“ - уште има многумина што сметаат дека титулата м-р или д-р е одлично алиби да се празнат фрустрации врз студентите...
    Да не должам премногу - министерот Никола Тодоров, кому имам многу работи да му префрлам - сега не можам премногу да го кудам. Решил да преземе некои мерки за кои смета дека ќе донесат проветрување и подобрување во професорските кабинети. Смета дека професорите малку работат во споредба со просечната работна недела. И мислам дека е во право за тоа. Како и дека не запнуваат многу кога станува збор за нови трудови, за едно држење кондиција и реноме во фелата. И тука, кога станува збор за многумина вработени на универзитетите, е во право.
    Ама малку ја претерува со контролата и со корективите. Нека не им создаваат дополнителни стресови на студентите, туку нека се насочат на оние од другата страна на катедрата. Оти професорите се платени - а студентите плаќаат!

    П.С. Не дека сѐ е чкарт на факултетите - има многумина магистри и професори со сите нишани, кои лесно се двојат од флотантната маса. Ама нема гајле - тие од прва ќе положат!

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 15 јануари 2011 година.

Сите во Дубаи

    Почна годинава со убаво и со многу силно ветување за радост и бериќет. Преку првите рожби во новата година, близначиња, машко и женско. Го здогледаа светот во приватната болница „Ремедика“ во првата минута. Бевме јас и, верувам, многумина други, охрабрени, оти сметавме дека тоа е некаков знак од небото дека годината ќе ни биде родна, радосна, расцветана, разумна и како ризница. Оти претходно нѐ удри рецесијата, па не беше баш пријатно.
    Арно ама, клопчето почна да ни се расплеткува во друга насока. Ај што си продолжи тој бишка-грипот од претходната година, туку ни продолжи и рецесијата, која власта отпрвин ја негираше, па после ја „смалуваше“. Тие две работи мене баш и не ми се испрчија отпрво пред очи како знак дека нема да биде така како што сум се надевал. Требаше да ме тресне по нос тупаницата на власта во почетокот во февруари. Признавам бев неспремен. Не ги предвидов добро лошите знаци.
    Ме акна, здраво ме акна. Ги паметам вестите кога ги видов истопорени. Од тоа насмевките, да признам синестезија ме фати. Од сликата што ја гледав, нешто во мозокот се групираше и - не лажам! - ми се чуја и дисторзирани фанфари!
    Ама набргу ми падна мрак пред очи. „Скопје 2014“. „Свих ми бубњева Дарквуда!“, што би рекол Загор Те-Неј, стрип-јунакот на моето детство. Во време на криза, кога речиси секој сектор на државата се распарува, кога од позитивни промени имавме само најави и Потемкинови села, власта реши да арчи пари на ангро на гол фодуллак. И иако потоа се случуваа еден куп протести на стечајци и лекари; иако стопанските комори цвилеа; иако гувернерот на Народна Банка стегаше и отпушташе за да ја задржи монетарната стабилност; иако на матичните лекари им ги намалуваа надоместоците по пациент; иако социјалците постојано се бунеа дека парите им доцнат, исто како и стипендиите за студентите; иако индустриското производство паѓаше; иако извозот паѓаше или стагнираше, нашата власт продолжи смело со својата налудничава идеја да инвестира во споменици и во реконструкција на Скопје. А колку да измие образ, поднабави по некој апарат за здравствените установи - ама кога ќе се земе целата вредност на тие набавки, не изнесуваат ни колку копитото на коњот на Гоце пред Камени!
    Такво градежно лудило како кај нашата власт, го зафати претходно владетелот на Дубаи. Само што тој сепак реши да инвестира во туристички капацитети, нешто што би носело многу приходи на емиратот. Но и покрај тоа, неговата корпорација банкротираше. Веста за тоа го обиколи светот.
    Се прашувам, во фонот на овие настани, каков епилог може ние да очекуваме во годинава што е пред нас. Кога нафташкиот шеик, кој покрај личното богатство трошеше и пари од странски инвеститори и кредитори, „рикна“, што ќе ни се случи нам? Ние ни инвестиции не можеме да привлечеме. Ене, Бунарџик 1 работи со само 15 отсто од планираниот капацитет, а „Шише Џам“ фино ни рече „Чао, шашма државо...“
    Како што се покажа власта досега, сметам дека заслужуваат да ги спакуваме сите топтан и да ги испратиме во Дубаи. Да учат таму какви чекори презема владетелот Шеик Мохамед бин Рашид ал Мактум за да се извлече од кашата. Но и поради друга работа - таму повеќе ќе бидат од фајде отколку тука кај нас. Во некоја актракција - музеј на лудите соништа!

    П.С. Абе, ова бишка-грипот пак се врати, а? Ау, да не биде новава година како изминатава? Леле мајко...

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 31 декември 2010 година.

Совеста и свеста

    Многу ме замисли една вест што стаса до мене, а верувам и до вас, завчера. Некоја Италијанка ја загубила работата. Ја зафатил сиромашката очајот, па си помислила „Ете, сега како најголемиот дел од Италијанците на мои години, ќе мора да се враќам да живеам кај родителите. Пари за кирија нема. Каква срамота!“ Заклучила дека дотаму е работата. Намера ѝ се родила да си го прекине животот за да го избегне срамот.
    Арно ама, како што и кажуваат психолошките студии и практиката, и кај неа како кај огромен дел од луѓето што помислуваат да си го одземат животот, намерата не била моментална и бесповратна. Па, како и другите потенцијални самоубијци, решила да ја обелодени. На својот профил на „Фејсбук“. И веднаш забележале нејзините пријатели и ја алармирале полицијата. Полицајците ѝ телефонирале на депресивната жена и ја задржале на телефон додека во нејзиниот дом не пристигнале специјални полициски и здравствени екипи, кои успеале да ја предомислат од плановите за самоубиство.
    Ух-хух! Пребирам сега по сеќавањата за некој таков случај кај нас, и да ви кажам право, не ми текнува на нешто такво, туку само на нешто слично, а сепак многу различно - поддршка само на збор, без разлика дали на социјалните мрежи, по блоговите, или во муабетите...
    Ама затоа ми текнува на други работи. На очајните приказни и судбини на некои поединци или групи луѓе кои бараа помош, поддршка, правда, збор на утеха (некогаш и безгласно) - со многу солзи на лицата. На пример стечајците од приватни фирми. Останале без работа, па во десетици наврати од цела Македонија доаѓаа во Скопје да бараат милостина од Владата. И не добија. Е сега, се прашувам колкумина од нас, кои го сфатија безизлезот на овие луѓе, најдоа за сходно да дојдат да ја дополнат бројноста на протестите. Макар и да стојат десетина метри понатаму, но да им се придружат во грлените повици.
    Колкумина пак се потресоа од мрачните приказни за хоророт што на хроничните болни и на пациентите им го приреди здравството во изминативе години. Колкумина се решија да напишат писмо до Владата за да ѝ кажат дека не бива, бре, така да прави со парите што тие како даноци ги плаќаат - да ги залива во грамадни споменици, наместо да ги материјализира со лекови, во нови терапии, нови специјализации...
    Примери многу. Кога „Макамтранс“, независниот синдикат на камионџии, најави пред два-три месеци протести пред Владата за да побара намалување на цените на зелените картони, упатија и повик сите сопственици на возила да им се приклучат. И што се случи? Ништо. Блиску до шлеперот и дваесетината синдикалци имаше само возачи во автомобили на поминување.
    Да не набројувам премногу... Имало многу протести и поплаки кои минале само со директно засегнатите. Другите стоиме на страна. Сѐ до мигот додека не нѐ зачеша и нас судбината. А тогаш, кога ќе се свртиме, гарантирам, нема да видиме никој покрај нас. Оти сите сме такви. Мува не нѐ лази. Ниту свест, ниту совест покажуваме. Како да ни ги отстраниле и мозоците и совеста. А бидејќи речиси сите сме такви и малубројни се оние што отворено ќе застанат против лошото, чекориме сите кон амбис во ритамот на несолидарноста.

    П.С. Посебно опасен е молкот за многу пренасилни, брутални, не толку оправдани постапки на полицијата.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 25 декември 2010 година.