15 February 2011

Сите во Дубаи

    Почна годинава со убаво и со многу силно ветување за радост и бериќет. Преку првите рожби во новата година, близначиња, машко и женско. Го здогледаа светот во приватната болница „Ремедика“ во првата минута. Бевме јас и, верувам, многумина други, охрабрени, оти сметавме дека тоа е некаков знак од небото дека годината ќе ни биде родна, радосна, расцветана, разумна и како ризница. Оти претходно нѐ удри рецесијата, па не беше баш пријатно.
    Арно ама, клопчето почна да ни се расплеткува во друга насока. Ај што си продолжи тој бишка-грипот од претходната година, туку ни продолжи и рецесијата, која власта отпрвин ја негираше, па после ја „смалуваше“. Тие две работи мене баш и не ми се испрчија отпрво пред очи како знак дека нема да биде така како што сум се надевал. Требаше да ме тресне по нос тупаницата на власта во почетокот во февруари. Признавам бев неспремен. Не ги предвидов добро лошите знаци.
    Ме акна, здраво ме акна. Ги паметам вестите кога ги видов истопорени. Од тоа насмевките, да признам синестезија ме фати. Од сликата што ја гледав, нешто во мозокот се групираше и - не лажам! - ми се чуја и дисторзирани фанфари!
    Ама набргу ми падна мрак пред очи. „Скопје 2014“. „Свих ми бубњева Дарквуда!“, што би рекол Загор Те-Неј, стрип-јунакот на моето детство. Во време на криза, кога речиси секој сектор на државата се распарува, кога од позитивни промени имавме само најави и Потемкинови села, власта реши да арчи пари на ангро на гол фодуллак. И иако потоа се случуваа еден куп протести на стечајци и лекари; иако стопанските комори цвилеа; иако гувернерот на Народна Банка стегаше и отпушташе за да ја задржи монетарната стабилност; иако на матичните лекари им ги намалуваа надоместоците по пациент; иако социјалците постојано се бунеа дека парите им доцнат, исто како и стипендиите за студентите; иако индустриското производство паѓаше; иако извозот паѓаше или стагнираше, нашата власт продолжи смело со својата налудничава идеја да инвестира во споменици и во реконструкција на Скопје. А колку да измие образ, поднабави по некој апарат за здравствените установи - ама кога ќе се земе целата вредност на тие набавки, не изнесуваат ни колку копитото на коњот на Гоце пред Камени!
    Такво градежно лудило како кај нашата власт, го зафати претходно владетелот на Дубаи. Само што тој сепак реши да инвестира во туристички капацитети, нешто што би носело многу приходи на емиратот. Но и покрај тоа, неговата корпорација банкротираше. Веста за тоа го обиколи светот.
    Се прашувам, во фонот на овие настани, каков епилог може ние да очекуваме во годинава што е пред нас. Кога нафташкиот шеик, кој покрај личното богатство трошеше и пари од странски инвеститори и кредитори, „рикна“, што ќе ни се случи нам? Ние ни инвестиции не можеме да привлечеме. Ене, Бунарџик 1 работи со само 15 отсто од планираниот капацитет, а „Шише Џам“ фино ни рече „Чао, шашма државо...“
    Како што се покажа власта досега, сметам дека заслужуваат да ги спакуваме сите топтан и да ги испратиме во Дубаи. Да учат таму какви чекори презема владетелот Шеик Мохамед бин Рашид ал Мактум за да се извлече од кашата. Но и поради друга работа - таму повеќе ќе бидат од фајде отколку тука кај нас. Во некоја актракција - музеј на лудите соништа!

    П.С. Абе, ова бишка-грипот пак се врати, а? Ау, да не биде новава година како изминатава? Леле мајко...

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 31 декември 2010 година.