15 May 2011

Педа земја не остана

По силниот градежен бум во центарот на Скопје, дел од „остварувањата” на актуелната власт, за кои најголеми „заслуги” има ВМРО-ДПМНЕ (што ми роди потсетување за влијанието на масонеријата во формирањето на тајната ослободителна организација, и нејзиното синхроно “присуство” во партијата со светло име денеска, после повеќе од век од тој датум), во центарот на Скопје не остана педа земја нешто да се направи. Сѐ е брате испозафатено, до последната стапка... До толку што решија и во Вардар да навлезат, па не еден, туку два моста да направат. А и статуи не заборавија да му посадат. И нова прескапа градска плажа тука пред нив. За скопјани да се сончаат и да се восхитуваат на генијалноста на Владата, која цела историја им изгради на едвај два квадратни километри.
Бум! Некои велат градежен бум. Ама мене ми е бум во главата - од куп пари испотрошени досега за нечуениот досега хир на власта. Ама, како што им се испослучи сега, по притисокот од СДСМ и со свршениот чин да се оди предвремено во избори на новиот парламент, поради форсираното градење и власта ја заболе главата. Сѐ испозафати во центарот на Скопје предвреме, и не им останаа парцели за нови предизборни проекти.
Можам да замислам како се препотувале во врвот на партијата, кроејќи планови какви нови Остварувања да направат... Нејсе, некому му текнало дека има решение - ја извадиле од нафталин 12-13 години старата идеја, па решија да прават подземна сообраќајница. Не остана место на земја, па одиме под земја! Не е важно каде, важно е да се гради за да се покаже дека се остварува.
И така... се договорија градоначалникот на Скопје Коце Трајановски и контролорот на буџетот Зоран Ставрески, дека Скопје ќе го личи една подземна улица. Ќе плаќаат за тоа и градот, ќе плаќа и Владата. И двете сега ги контролира ДПМНЕ. За да создадат ново Потемкиново село, кое е прескапо и целосно излишно. Оти проблемот со густиот сообраќај во Скопје се решава на други поелегантни начини. Со воведување еднонасочен сообраќај на постоечките сообраќајници. И со целосно средување на ЈСП, кое, дознаваме, повторно бележи загуби. Вака, со отворање на уште две градилишта (влезот и излезот од тунелот), уште повеќе ќе се зголеми сообраќајниот хаос барем во текот на една година.
Кога сме кај „Скопје 2014”, власта е решена да го истурка по секоја цена. Дури и ако изгуби на изборите. Оти се плаши дека ако падне од врвот, тој што ќе дојде на нејзиното место веднаш ќе го стопира грандиозниот барок. Уф, можам да замислам колку се насекирале? Ама му текнало некому решение...
„Еј, имаме резервирани пари во ММФ! Ќе земеме 220 милиончиња, ќе платиме однапред сѐ на градежните фирми, па после да ги видам тие што ќе дојдат како ќе ни го уништат златно Скопје 2014”... Веројатно вака зазвучило соломонското решение.
И тука завршил брејнстормингот. Оти таа една идеја им дала и решение за другото што им е нужно неопходно. „Ете пари и за купување гласови, дали преку вреќи брашно, дали преку сини банкноти... а најмногу за нови работни места - уште партиски војници во државната администрација. Ќе мора така - ситуацијата е кризна, може и да ги изгубиме изборите, мора да се билда гласачко тело сега”.

П.С. Во меѓувреме, ја чекаме тужбата на скулпторката Стефановска против СДСМ и препотувањето на судиите...

Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 2 април 2011 година.