27 July 2017

Плажирање пред избори

     Додека прштеше по каквиот-таков македонски медиумски простор најновата „тема“ за истакнат кодош, којашто, чинам, беше внимателно темпирана за да се одвее вниманието од претходната точка на интерес – дека интензивно се води „кампања уместо кампање“ (проштевајте, ама не можев да одолеам да не го вклучам тука „Изногуд“ еден од стриповите на моето детство кого ми го овозможуваше едно на времето екстрапопуларно белградско списание), и јавноста и новинарите подзаборавија и на уште една работа. Елем, интервјуто на премиерот Груевски на „Сител“, кое, барем колку што јас знам, ќе да е прво кое не го водеше Латас (сигурен сум дека тој има добро оправдание за тоа - ако ништо друго, барем лекарска белешка).
     И така, „кампањски“ премиерот на националната телевизија распали да се фали што сè направиле, кажуваше што мисли за Шеќеринска, за кампањата на СДСМ, за постигањата... Додека тоа траеше во кујната си подготвував јадење. Оти сум го слушал тоа и претходно. Арно ама, кога водителот на вестите Валентин Николовски го постави прашањето за „Скопје 2014“ оставив сè и втрчав во дневната.
     Дури тогаш видов колкава е убеденоста на нашиот премиер дека прави добра работа. Се фалеше дека со децении претходно неговите бројни претходници не си ја сакале нацијата и државата, па ете тој морал да интервенира и да гради споменици и нови згради оти така личело, дека со градежниот бум правел арно (замислете си!) па овозможувал плата и приходи на илјадници градежни работници и нивните семејства, кои се вклучени во градежниот бум...
     А не кажа пустиот премиер дека арчи народни пари на хир, иако тие би можеле да бидат употребени за реставрација на уште патишта и автопати (ова последново го кажувам оти после подолго време неодамна возев по автопатот кон Градско, па видов дека асфалтот и по едната и по другата насока многу често изгледа како сложувалка (се крпело по потреба по половина квадратен метар до десет квадратни метри, иако асфалтот во нормалниот свет, колку што јас знам, се обновува по делници барем еднаш во 15-тина години, а кај нас некаде не е гибнат уште од кога е градена насоката Велес - Скопје).
     Од тие пари фрлени за „Скопје 2014“ нешто можеше да се употреби и да се изградат модерни филтер станици на градски и селски водоводи и за помодерни канализации насекаде - дури до Богородица и до Радожда, во Истевник и Тромеѓе...
     Можеше исто така пари да се вложат и за итна изградба на монтажните училишта по селата (кои министерот за образование ги најави уште пред два месеци) па сега да не им капе на децата по букварите кога врне, во училниците во старите училишни градби за кои министерството рече дека не се исплати да се реновираат...
     Можеше многу со тие пари, да... Исто како и со парите што скопскиот градоначалник ги лупна за втората градска плажа во Скопје, на која замислете и палми засадија! И на која никогаш нема да отидам, оти јас ако одам на плажа, сакам и да пливам, а на само да се сончам (тоа можам и на мојата тераса) - оти Вардар е уште забранет за капење!
     Нонсенс на векот, луѓе мои...

     П.С. Во времето кога го пишувам ова, уште ништо не се знае за идентитетот за кодошот, за кои некои напишаа дека работел под псевдонимот „Корбизје". Познавајќи ја полициската логика и начинот на којшто ги именуваат операциите и соработниците, се прашувам да не е правена аналогија - што ќе рече, да не е кодошов колега на Корбизје (иако само формално)?


     Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 30 април 2011 година