12 December 2018

ВИДЕО Старите возила загадуваат „со петта брзина“, власта мора итно да крене рачна

Објавено на „Мета“ на 12 декември 2018 година. Во оригиналната објава може да се видат повеќе содржини, како фотографии и инфо-графикон. Сите права за текстот ги има агенцијата.

Користените возила донесени од странство од либерализацијата на нивниот увоз во март 2010 година ја преплавија Македонија, драстично го зголемија вкупниот број возила, а поради тоа што главно се увезуваа дизел автомобили, од пет наспрема еден претходно во корист на бензинските мотори, сега ситуацијата кај автомобилите е донесена во сооднос еден спрема еден. Тоа носи бројни ризици за состојбата со амбиенталниот воздух, бидејќи дизелите се главните загадувачи со цврсти честички (ПМ), а згора на сѐ прашање е колку квалитетно се сервисираат и одржуваат автомобилите воопшто, велат експертите и екологистите. Тие посочуваат и дека е проблем што Македонија не следи чекор не само со европските земји, туку и со своите сосетки Бугарија и Албанија, кои воведуваат построги мерки за увозот на користени возила.
Новиот потег на Владата, преку измена и дополнување на Законот за возила да се воведе еколошка категоризација и соодветни налепници на автомобилите екологистите го критикуваат како недоволно обмислен, односно неефективен во практиката. Тие порачуваат дека e добро што се размислува за категоризација како една од мерките за намалување на загадувањето, но крајно неправилно е категоризацијата да се прави само врз основа на документите, односно параметрите кога било ново, а не врз основа на тоа колку возилото вистински загадува.
Дека дизелите се најголемиот проблем, посочува и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во две свои студии, изготвени минатата и оваа година. Во студијата „Транспорт во Скопје реалност и предизвици – Патека кон зелен транспорт“, која беше презентирана на конференцијата „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“, која се одржа во МАНУ на почетокот на ноември, посебно внимание се обрнува на дизелите.
„Да се забрани увоз на возила постари од осум години во земјава и таа старосна граница постојано да се почитува, да се спроведуваат постојани контроли на издувните гасови на возилата и да се казнуваат оние кои ги извадиле катализаторите од возилата. Постојано да се зголемува и акцизата на дизел горивото за неговата цена да се изедначи со цената на акцизата на дизелот“, се дел од препораките за намалување на загадувањето на воздухот изнесени во погоренаведената студија, подготвена од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој (ИЦЕОР) на МАНУ.
Оттаму на централната власт ѝ препорачуваат да се стимулира купување нови возила преку нови методологии за пресметување на еколошките такси и при увоз и при регистрација, како и да се зголеми еколошката такса. Се препорачуваат и зголемување на продорот на електричните возила, кои воопшто не загадуваат, но и за хибридните возила.

  Целиот текст може да се прочита тука