Showing posts with label Јашари. Show all posts
Showing posts with label Јашари. Show all posts

11 July 2014

Сами во бројно друштво

   Додека во еден миг во четвртокот вечерта си ги разлачував мислите околу погибијата на Мухамед Али Јашари, остро ме прекина рафал, најверојатно од пиштол насочен кон небото. Некаде близу средното „Арсениј Јовков" беше пукачот. Ги истури куршумите, 8-10 на број и стивна населбата. Потоа на улиците бучеа само автомобилите и автобусите... Се случува такво „свадбарско“ расположение во мојата населба честопати. За среќа, ретко станувало збор за некаква престрелка или пукање во некого. Значи, најчесто некој решава да се провесели, пукајќи во воздух...
   Притоа не помислува што тие татнежи од неговото оружје, кое најчесто пукачите го поседуваат на диво, предизвикуваат во околината. Преплашување на мали деца, а рака на срце, и кај возрасните, со струење големи количества адреналин во нивните жили. Некој можеби се буди од сон, некој што е надвор во тој момент можеби се фрла на земја, не знаејќи дали ако остане на нозе нема да го закачи некој куршум...
   Таквото однесување на пукачите е еден одличен, иако брутален, пример за тоа каква е свеста на населението во Македонија за тоа што значи да живееш во заедница. Ја нема! Со своите постапки, горе-долу, барем по неколкупати на ден покажуваме дека не ни е грижа за другите. Остануваме, според сопствената свест, сами во бројно друштво. А таа состојба на мизерија ни станува прилично болна само кога ќе се најдеме на другата, на примачката страна, на себичните, напати злобните постапки на другите...
   Социолошки погледнато, тоа е еден жив ужас. За кој не може да се најде никакво оправдување - ама баш никакво. Алиенацијата е феномен на денешницата кој силно заграбува во секоја пора, феномен, на кој за жал, одамна сме се навикнале и сме го прифатиле.
   Затоа, чинам, силно одекна во сечија глава херојскиот гест на младиот кондовец Мухамед Али Јашари. Чиј живот трагично згасна во обид да го одбрани својот соученик од тепачите во дворот на средното „Здравко Цветковски“. Притрчал на помош не помислувајќи дали тепаниот е „негов“ или е „каур“. Таква мисла не му севнала во главата, оти како што кажуваат тие што го познавале, Мухамед Али имал срце како планина и неговата свест не била загадена со поделби. Пред себе гледал само човек во неволја.
   Не дека немало и други хумани луѓе, за чии потфати посведочуваа понекогаш медиумите. Но траурниот момент на прекинување на неговиот живот беше тој „прекинувач“ во умовите на луѓето кои се во мојот круг, со кои многу дискутираме за херојскиот подвиг на Јашари. Притоа, убеден сум дека на ова храбро хумано момче од селото Кондово, кое во изминативе години стана прочуено по работи од другата страна, по негативности, најдобар споменик ќе му кренеме ако се смениме сите, без разлика на вера и нација, ако станеме подобри и похумани, посочуствителни. Ако се научиме да ги имаме и другите во мислите, ако се научиме да им притекнуваме напомош водени само од хуманоста.
   А кога тоа ќе го правите, не заборавајте да се потсетите на храбриот млад кондовец и да му го посветите вашиот хуман гест нему, на споменот за него. Така ќе овозможите да живее постојано, барем во сеќавањата, момчето кое се жртвуваше за друг.
   Тоа ќе биде вечниот споменик за Мухамед Али Јашари!


Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 16 април 2011 година.