Showing posts with label Клинички Центар. Show all posts
Showing posts with label Клинички Центар. Show all posts

12 March 2011

Здравство на збор

    После, како што за еден куп македонски медиуми сведочеа директно вклучените страдалници во македонското здравство, катаклизма во овој круцијален сектор на државата, Министерството за здравство повлече потег што, така, на прва погледнат, не  можеш да не го испофалиш. Набавка на нова опрема за установите и болниците. Низ целата држава. Тоа е прилично неопходна постапка, земајќи предвид дека во изминативе две децении на самостојност набавките беа повеќе инцидентни и вистинска реткост.
    Слушајќи првпат за планот да се потрошат седумдесетина милиони евра за медицинска опрема, се израдував. Оти иако сум немал потреба од нив, ме фаќаше тивок ужас од помислата на апаратите за магнетна резонанца, за компјутерска томографија, итн. Опашките што им беа закачени се провлекуваа со месеци... Одиш на снимање оти лекарот ти го препишал поради дијагноза, за да може итно да почне да те лекува, а ваму ќе ти речат дека ќе те снимаат после 6, 8, 11 месеци!? Во такви услови, навистина, и одлуката за набавка на само еден нов апарат за магнетна резонанца е фантастична вест, а камоли планот за огромен пакет опрема за секаде.
    Како што почна да се испорачува опремата, изгледаше дека сѐ е в ред... Сите насмеани, министерот нешто зборува, некои „министерки“ се фрцкаат пред камери, некои лекари се тепаат кој поблиску да биде до министерот...
    Севкупната вистина почна да излегува сега на површина... Опрема е купена (во многу случаи по цени повисоки од реалните, во нетранспарентна тендерска постапка, обвини СДСМ), но тоа како е делена е всушност најголемиот циркус...
    Два апарати за анестезија добила Клиниката за пластична хирургија, којашто има мала потреба од нив, оти главно работи со локални анестезии, додека Клиниката за неврохирургија, на која ѝ се постојано неопходни вакви апарати, ѝ дале само еден... Многу интересно е тоа што по еден нов лапараскопски апарат добиле и Клиниката за гинекологија и гинеколошката болница во Чаир. Во првата се вршат и по 700 интервенции, во втората 200. Простата математика покажува дека ако се работело фер, првата требало да добие барем три... Тоа раѓа сомневање дека поделбата се прави и по етнички клуч. Во првата директор е Македонец, во втората Албанец (не сакајќи сега да фрлам ниту трошка сомнеж за стручноста). Етничка миризба се засилува и од фактот дека Клиниката за неврологија не добила нов томограф (стариот одамна дотрајал), а таков апарат најверојатно ќе се испрати во Гостивар.
    Нема сомнеж дека опрема треба да се доставува секаде. Ама со потребите како критериум, не со некои други белези.
    И да биде маката поголема, после обвинувањата од фелата дека новите вработувања во здравството се претежно според партиската припадност, слушнавме изминатата недела дека и лекувањето подлежи на тој принцип. Лекари (коишто, нормално, сакаат да останат анонимни) се пожалија дека биле викани од некои директори во скопскиот Клинички центар за да им се каже дека на некои пациенти кои се со партиски книшки од владеачките партии мора да им се овозможи најдобро можно лекување. Другите пак ќе бидат оставени на редовните процедури.
    Следователно на сѐ што кажавме досега, предлагам да се смени името на здравството. Оти е тешко болно. И слабофункционално. А сите ние го плаќаме.

    Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 19 февруари 2011 година.

18 December 2010

Бутел 2014

    Во болница сум лежел само еднаш. Во 1996 година во Воена болница. Мојата матична лекарка не сакаше да ме пушти во Државна, оти ми рече дека стопати подобро ќе бидам третиран во огромната зграда карши базенот. И сега на др. Лиле од „Феличита“ сум ѝ многу благодарен. Исто како и на др. Слободан, кој кога ме виде во каква состојба сум, веднаш ме прими во Воена. Беше, како што чув во тие две недели во болницата, извонреден стручњак во својата област, поприлично познат надвор од нашите граници.
    После 15-16 дена од таа болница излегов излекуван, но, како што ми кажаа потоа роднините и блиските, и малку поправен. Делумно тоа се должи на лежењето и слабата физичка активност, но главно на храната што ја добивавме. Навистина добивавме одлично избалансирана исхрана, за непцето разновидна, а за волуменот на желудникот - потаман. Се гледаше дека добри мајстори работат во кујната...
    После најновите случувања во Клиничкиот ни центар со фирмата која подготвуваше храна за болните, повторно се вратив на тие мои болнички денови.
    Дента кога фирмата „Хацат“, која пет години доставувала храна за болните од која биле задоволни и пациентите и лекарите, решила да прекине со испорака оти државата им е должна милион евра, во Клинички се прибегнало кон итни мерки. Купиле кифли за пациентите, а и побарале појадок од Воена болница. Каде што мислам дека уште се готви како што треба. Па така барем за малку е избегната кашата којашто на околу 1.000 пациенти во Клинички им ја запржи државата. Која се однесува вон секаква логика. Што пак се гледа и од потезите што ги влечеше потоа. Замислете си само, правдајќи се дека еден ден - потенцирам! - еден ден „Хацат“ не испорачал појадок, министерот Бујар Османи (кој во последно време освен што трча да се слика на презентација на туѓи донации, почна и да им се лути на новинарите што не го фалат) решил да го раскине договорот „оти ,Хацат` го прекршила“
    Ајдееее... А да кажеше тој колку им е платено на „Хацат“! Од каде велат дека Клинички им должи милион евра. Ќе кажеше - да имаше што да каже... Напротив, Османи немаше аргумент за обвинувањето од „Хацат“ дека државата катаљарда пати го прекршила договорот со нив и не им плаќа за тоа што го доставуваат во болничките соби. Ќе да е дека министерството за здравство нема со што да плати - како што се гледа од целата слика во македонската медицина...
    Но, има и друга можност. Бујар Османи е дел од владата која повеќепати напомена дека за нив се приоритет се спомениците и новите градби. Во ова време на криза!!! Кога медицината е во состојба на распаѓање, нема пари за социјалците, производството стагнира... Мајко мила, од ова лудило со „Скопје 2014“ и „Македонија 2014“, мене ми изгледа дека ќе излезе и „Бутел 2014“. Куп нови споменици на пресни гробови. На голем дел од нив со крст - кој им го ставила власта. Само за мермерот сепак ќе мора да платат расплаканите семејства...


    П.С. Во целиов овој заплет, има и друга можност. Човек може да си помисли и дека министерот читал некои книги од алтернативната медицина за лекување со глад. Па веројатно си мислел дека така најлесно ќе го реши проблемот на болните. Тие ќе гладуваат и ќе се лекуваат, тој ќе штеди пари, а „Хацат“ ќе си остане со прстот во уста...


    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 18 декември 2010 година.