Showing posts with label Рада. Show all posts
Showing posts with label Рада. Show all posts

27 July 2017

Курбани на лудилото

     Во време кога редица градби во  Македонијава наша страдална што ги граделе Римската, Византиската и Отоманската империја се оставени да ги догриза забот на времето, нашиот најнов император реши да ѕида нови. Го фрли пенкалото нашиот премиер откако си го искицира сонот и викна громко: „Скопје 2014 ќе го правиме, владеењето ќе си го красиме. Колку чини, нека чини!“
     И тргна налудничавиот проект. Со звук на владини фанфари, на опозициски свирежи и народни клетви и плачеви, почна проект кој, цврсто сум уверен, на крајот ќе биде само резил што ќе ни го споменуваат додека е светот и векот!  Проект за кој, да не забораваме, арчат народни пари толку слободно како татковците да им ги оставиле...
     Елем, забрчеа багерите, се затркалаа камионите, се завртеа мешалки за бетон за да го излеат сонот на Грујо Први. Фатија работниците тесли и пердашки и почнаа да ѕидаат, малку успокоени дека, барем за нив, ќе капне некој денар. Меѓу нив и сега покојните жртви на лудилото на власта – Ласте Богатиновски и Горан Трајковски. Кои загинаа во текот на едно седумдневие паѓајќи од објекти на неполни 50-тина метри еден од друг. Ѕидаа неимарите измачени , шалувајќи, леејќи бетон, редејќи цигла по цигла...  И кога сега гледам како мува не ги лази некои (не)одговорни, па дури имаше и обиди да ги прогласат покојните за виновни (уверен сум цврсто, драги мои, дека не станува збор за незнаење кај загинатите како се работи, туку за голема вина на тие што го брзаат целиот проект, за да се стаса сега во кампања уште некоја црвена лента да се пресече), вријам! Ама наредбодавачите  можеби и сметале на жртви...
     Тоа ми ги навева сега мислите кон една од најпотресните македонски легенди. Со слична тематика. Елем, во Кратово се наоѓа Радин мост на Манцева Река, за којшто народот верува дека во неговите темели жива е заѕидана некоја Рада.  Според приказната мостот го граделе 9 браќа, но тој постојано им паѓал. После долго думање, решиле да дадат курбан во човечки живот. И така, вели песната:

„Се опкладиле деветте браќа
која ќе снаа утре да дојде
ручек да донесе на мајсторите
нејзе во темел да заѕидаат
да ни затрае мос на река Манцева
Вечерта кога дома дојдоа
сите им кажале на невестите
само не ѝ кажа најмалото братче
он не ѝ кажа на Рада невестата
Станала Рада ручек зготвила
ручек им однела на мајсторите
кога ја виде радиното момче
викнало оно на глас да плаче
Кога ја фанале Рада деверите
и ја заѕидале во темелите
Рада на деверите милно им се молела
барем остајте ми десната града
за да надојам машкото дете
И ја оставиле десната града
за да си надои машкото дете.“


     А што да правиме ние сега? Народот за Рада испеал песна (колку и да е приказната фантастична и за неверување). Што да правиме ние сега, ние кои ги плаќаме даноците од кои власта граба пари за својот налудничав проект?! Ние кои сега имаме крвави раце, оти не застанавме доволно силно да му кажеме на императорскиот дворец дека не дозволуваме така да си игра со нас и со нашите пари и со човечки животи?
     Ех, ништо не сторивме досега... Ама не мора така и да остане. Ете го кај е 5 јуни - можност да се обидеме да се искупиме за нашиот грев!


     Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 14 мај 2011 година.