Showing posts with label Трајче Ванев. Show all posts
Showing posts with label Трајче Ванев. Show all posts

28 November 2010

Браво штипски Фигаро!

    Комичната Opera buffa, покажува лефтерното прелистување на енциклопедиите, е оперски жанр за обичниот човек, музичко дело кое тој ќе може многу лесно да го восприеме, во кого ќе може многу лесно да се пронајде. Протагонисти во комичните опери се обичните луѓе со обични проблеми, но и со многу мудрост; а дијалозите се најчесто на дијалекти...
    Според многу светски референтни дела и енциклопедии, за ремек дело во рамките на комедијата во музиката се смета операта „Севилскиот берберин“ на Џоакино Росини. Е сега, сметам дека нема потреба за неа многу да разглобувам, оти уводната арија на Фигаро, локалниот берберин и главниот лик во оваа опера, е веројатно првата асоцијација на секој човек кога ќе му се спомене опера. Мудриот Фигаро, предлагајќи ингениозни акции, го движи дејствието на оваа опера сѐ до нејзиниот среќен крај.
    Динамичната опера завчера доживеа нова изведба, една комична штипска адаптација... Во која, како и во оригиналот, главната улога ја одигра еден мудар, чесен берберин, човек од народот. Имено, берберинот од штипската болница. Кој „отпеа“ прекрасна критична арија за безумието кое го зафатило здравството... И затоа Трајче Ванев е стоотстотно позитивен и мудар јунак, лик за пофалба, да не бидам погрешно сфатен, дека сакам - скраја да е! - да му се потсмевам. Потсмевот и критиките се подготвени за другите. Оние што му ја запржиле улавата каша. Работел човекот 30 години како берберин во штипската болница, а потоа таму им зафалиле болничари. Па директорката  помислила дека Ванев е, како што пее Фигаро на Росини, „фактотум“. Лексиконите зборот го толкуваат како „човек што е погоден за сѐ“, но и како „повереник што извршува без приговор нечии налози“. Па го главила како болничар - и тоа во операциона сала! - иако не завршил обука за тоа.
    Арно ама Ванев, кој е „унапреден“ на 62 годишна возраст, излезе во јавност за да каже дека не е ниту едното ниту другото. Оти знае дека нема квалификации за болничар, и второ, за да изнесе приговор на неверојатната одлука, да каже дека противзаконски добил прераспределба, да каже дека има капитален приговор, да каже дека навистина му пречи што го сториле протагонист во ваква епизода од хорор-серијата „Македонско здравство“. Му збоктисало на сиромашкиот хирурзите да го „пудат“ од салата.
    Во неверојатнава ситуација, кога ќе помислам, мора да имаме разбирање и за директорката... Како што вели, од министерството не добиле дозвола да вработат луѓе за работните места што се празни. А многу им фалат лекари, болничари и чистачки, и проблемот мора да го решаваат со прераспределба...
    А не дека и болницата е во некоја привлечна состојба... Ванев вели дека нема чаршафи, пижами, влечки. Кога хирурзите оперираат, во салите капе вода од покривот...
    Режисеру, на оваа комична опера, министру Османи! Немој да ти текнало да ги „оперираш“ овие двајца ликови. Оперирај таму кај што треба - обезбеди веќе еднаш услови, аман!

    П.С. Сакам уште еднаш да го поздравам потегот на Ванев да излезе во јавност и да разоткрие хаос, со дел од познатата уводна арија на Фигаро: Pronto, prontissimo son come il fulmine, sono il factotum della città. Ah, bravo Figaro! Bravo, bravissimo...
    Односно: Јас итам како молња, направете пат за фактотумот на градот. Ах, браво Фигаро!, браво, навистина браво...

       Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 20 ноември 2010 година.