Showing posts with label Фејсбук. Show all posts
Showing posts with label Фејсбук. Show all posts

15 February 2011

Совеста и свеста

    Многу ме замисли една вест што стаса до мене, а верувам и до вас, завчера. Некоја Италијанка ја загубила работата. Ја зафатил сиромашката очајот, па си помислила „Ете, сега како најголемиот дел од Италијанците на мои години, ќе мора да се враќам да живеам кај родителите. Пари за кирија нема. Каква срамота!“ Заклучила дека дотаму е работата. Намера ѝ се родила да си го прекине животот за да го избегне срамот.
    Арно ама, како што и кажуваат психолошките студии и практиката, и кај неа како кај огромен дел од луѓето што помислуваат да си го одземат животот, намерата не била моментална и бесповратна. Па, како и другите потенцијални самоубијци, решила да ја обелодени. На својот профил на „Фејсбук“. И веднаш забележале нејзините пријатели и ја алармирале полицијата. Полицајците ѝ телефонирале на депресивната жена и ја задржале на телефон додека во нејзиниот дом не пристигнале специјални полициски и здравствени екипи, кои успеале да ја предомислат од плановите за самоубиство.
    Ух-хух! Пребирам сега по сеќавањата за некој таков случај кај нас, и да ви кажам право, не ми текнува на нешто такво, туку само на нешто слично, а сепак многу различно - поддршка само на збор, без разлика дали на социјалните мрежи, по блоговите, или во муабетите...
    Ама затоа ми текнува на други работи. На очајните приказни и судбини на некои поединци или групи луѓе кои бараа помош, поддршка, правда, збор на утеха (некогаш и безгласно) - со многу солзи на лицата. На пример стечајците од приватни фирми. Останале без работа, па во десетици наврати од цела Македонија доаѓаа во Скопје да бараат милостина од Владата. И не добија. Е сега, се прашувам колкумина од нас, кои го сфатија безизлезот на овие луѓе, најдоа за сходно да дојдат да ја дополнат бројноста на протестите. Макар и да стојат десетина метри понатаму, но да им се придружат во грлените повици.
    Колкумина пак се потресоа од мрачните приказни за хоророт што на хроничните болни и на пациентите им го приреди здравството во изминативе години. Колкумина се решија да напишат писмо до Владата за да ѝ кажат дека не бива, бре, така да прави со парите што тие како даноци ги плаќаат - да ги залива во грамадни споменици, наместо да ги материјализира со лекови, во нови терапии, нови специјализации...
    Примери многу. Кога „Макамтранс“, независниот синдикат на камионџии, најави пред два-три месеци протести пред Владата за да побара намалување на цените на зелените картони, упатија и повик сите сопственици на возила да им се приклучат. И што се случи? Ништо. Блиску до шлеперот и дваесетината синдикалци имаше само возачи во автомобили на поминување.
    Да не набројувам премногу... Имало многу протести и поплаки кои минале само со директно засегнатите. Другите стоиме на страна. Сѐ до мигот додека не нѐ зачеша и нас судбината. А тогаш, кога ќе се свртиме, гарантирам, нема да видиме никој покрај нас. Оти сите сме такви. Мува не нѐ лази. Ниту свест, ниту совест покажуваме. Како да ни ги отстраниле и мозоците и совеста. А бидејќи речиси сите сме такви и малубројни се оние што отворено ќе застанат против лошото, чекориме сите кон амбис во ритамот на несолидарноста.

    П.С. Посебно опасен е молкот за многу пренасилни, брутални, не толку оправдани постапки на полицијата.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 25 декември 2010 година.

19 June 2010

Баба Перса доби интернет

    Баба Перса внимателно го стави филџанот со врелото утринско кафе на масата, седна, го крена миљенцето од мониторот и го вклучи компјутерот. Додека се креваше оперативниот систем, почна оваа окапана старица од село Горно Самовилско да се преслушува. Козите ги измолзе, кокошките ги нарани, па ќе биде раат до кај пладне...
    „Хм, ќе проверам првин мејл на Џимејл, после тој на Јаху, па после ќе се закачам на Фејсбук. Море... Да се закачам веднаш на Фејсбук да видам дали добро осунал Трајко од Смолско...“, си мисли баба Перса.
    Веднаш потоа ѝ заврви друга мисла. „Бог да ги поживее децава, ете интернет ни ставија в село! Автобус и онака нема да има. Ниту лекар ќе дојде некогаш. Барем нешто да добиеме... А и тој интернет-киоскот кај селската чешма е одлична работа! Додека се наполни балончето со вода, ќе прочатам малку со другачка ми Анѓа...“
    Останаа тие двете во Горно Самовилско сами како утки...
    Така си мислеше баба Перса за владиниот проект за безжичен интернет во селата и за интернет-киосци. Бесплатни во следните четири години... за потоа ќе се види.
    Кликна Перса на иконата за поврзување и за вчас се отвори насловната страница на Фејсбук. Се логираше и виде дека дедо Трајко од соседното Смолско има нов статус. „Жив сум!“ напишал тој. „Ах, дочека уште едно осамнување, сиромашкиот...“ Му кликна едно „лајк“ на статусот, па погледна дали правнука ѝ Ана Марија од Скопје ја прифатила за пријател. „Ех, не сака да ме прифати, да не ја срамам пред другарките ваква со шамија“, си мислеше кутра Перса.
    Ајде, и претходно децата ретко ѝ се јавуваа на телефон, ама баба Перса многу се израдува кога почнаа да ги местат антените близу шумата. „Белким сега почесто ќе проверуваат дали сум жива“, си помисли таа тогаш. Ама небото не ѝ ги одговори молитвите. Само по некоја честитка ѝ праќаат на мејл, никој не најде време два-три реда да напише...
    И додека баба Перса го затвораше Јаху мејлот, два километри подолу во полето, во Долно Самовилско, Митре и од седми пат не успеа да се конектира... Се изнервира дека не ќе може навреме да ги собере јагодите што ги засади на "Фармвил" на Фејсбук, па ќе му пропаднат... „Ех, до задутре нема да соберам пари да си купам трактор“, си помисли разочарано.
    „Семката да ви се сотре“, се разгневи тој на комшиите Стојановци. Кај бавчичката од нив не може да си ја навади  - а ја сврти водата накај неа, тие за 15 минути ќе дојдат и ќе ја навртат накај нивните бавчи - туку сега и конекцијата му ја „цицаат“...
    „Ќе тркнам до кафеана да го викнам Мендета, тој ќе знае нешто да ми подеси, белким ќе стасам така јагодите да ги оберам и тутун да засадам“. Кутриот Митре, не успеа да си земе нива од државните, па остана само со бавчичка и сиромашка надеж дека барем на "Фармвил" ќе стане голем стопан.
    Кога стаса до селската кафеана ги виде дваесетината ергени како играат „Анриал Турнамент" на лаптопи. Ама Менде го поли со студен туш. - Не можам сега, морам да одам на Благоја да му го оправам лаптопот пред да ги изнесе говедата на пасење угоре в планина. Не му работи нешто Винампот, па не ќе може музика да си пушта - се правдаше Менде пред Митрета...

    П.С. Додека тие правеа муабет, децата почнаа да пцујат кај единствениот интернет-киоск - пак снема струја!

    (Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 19 јуни 2010)