Showing posts with label власт. Show all posts
Showing posts with label власт. Show all posts

29 March 2011

Не сакаат спорт...

    Половина од младите што сега се во средношколските клупи немаат никаква надеж дека за нив ќе има барем пристоен живот во државава и не се гледаат себеси во Македонија по десет години. Поразителната бројка ја покажува истражувањето што го спровел „Младински образовен форум“ меѓу 3.607 средношколци во 50 средни училишта во 13 градови во земјава.
    Бидејќи репрезентативниот примерок е трипати поголем од оние коишто ги земаат речиси сите агенции за истражување на јавното мислење, не сум склон да верувам дека е потфрлено при анкетата и доаѓањето до резултатите. Но и како таква, таа бројка е помала од процентот на разочарани кај севкупното население во земјава. Што веќе никого не го чуди. Оти каква каша ни забркаа во изминативе две и жилет децении тие што ги биравме да се погрижат за нашите потреби и интереси и да ја постават државата на вистинскиот колосек, чудно е што сега разочарувањето не е стоотстотно.
    Новото истражување покажува оти средношколците се уверени дека состојбата во земјава нема да се смени ни после десет години. Ги мачи помислата на недостигот на работни места, криминалот, корупцијата, насилството. Дури 72 отсто од нив сметаат дека тие самите не може да повлијаат на властите. Свесни се дека откако ќе матурираат или дипломираат ќе мора да чекаат 7 години (машките) за да дојдат до работа. Женските пак, според државниот просек, мора да чекаат дополнителни две години. А притоа и едните и другите се свесни дека добиваат малку од потребното образование. Застарените наставни програми, немањето доволно интерактивност во наставата, како и инсистирањето на „бубање“ за собирање што повеќе теоретско знаење ги прават „инвалиди“. За тоа и самите се болно свесни - и оние одличните велат дека имаат купишта информации во главите, но се недоволно обучени да ги применат.
    Тоа што имаат само свои проблеми, додека истовремено ги споделуваат проблемите на сите, не е најмрачното. Туку фактот што сметаат дека не можат да променат ништо и затоа не размислуваат за начини да ги бодат властите нешто да им сменат. Ги зафатила апатија, покажа анкетата.
    Тоа е голема шлаканица и за претходните, но пред сѐ за оваа влада. Која вели дека презема еден куп чекори за поправање на состојбите. И не успева. Иако презема обемна акција да воведат нови учебници, гледаме дека тие се полни со небулози и грешки што и самите средношколци ги забележуваат. И се обемни, дури и преобемни - што го знам од лично согледување, оти разгледував неколку од нив па видов дека внатре се надробени и работи што би им предизвикале главоболка дури и на студенти. Иако министерството спроведуваше обуки за наставниците, средношколците не виделе ефект, покажува анкетата. Иако купи купишта компјутери за наставата, тие уште малку се користат во таа намена. Иако сакаше да се покаже Дедо Мраз овозможувајќи бесплатен автобуски и комби превоз за голем дел од нив, факт е дека честопати не го добиваа - главно оти министерствата не ги измируваат трошоците кон превозниците.
    Ама владата изненадува со „решенија“. Гради спортски сали, фудбалски и тениски игралишта дури и во села каде што едвај останале дваесетина деца. Веројатно мисли дека ќе ги занимава така, за да заборават на секојдневието. Ама тие не забораваат. Не им е до спорт - до нормален живот им е (покажа анкетата, нели?)!

    Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 26 март 2011 година.

12 March 2011

Одиме на Марс!

    Абе избори! Пак...
    Ама, што зборувам јас! Та се навикнавме веќе на кратките циклуси. По последните редовни парламентарни во 2006 година, дебело платените пратеници ги избираме на две-две и пол години. Уште се натегаат партииве за кога да излеземе пак пред пластичните кутии, ама, изгледа, нема да чекаме многу. И власт и опозиција рекоа „Ајде овој-оној... да идеме на избори!“.
    На овие избори веројатно и јас пак ќе излезам да гласам. Како и на сите парламентарни, локални избори, референдуми во изминативе 20 и нешто ситно години на плурализам на Македонијава. Може некогаш сум згрешил на заокружувањата или чкртањата и допишувањата и сум се каел потоа, ама по толку гласање, веќе се навлеков
на ритуалот...
    Станувам значи рано сабајле (како и секој ден, делничен или празничен), ќе се подготвам (обврзно и ќе се избричам, оти јас не се бричам баш секој ден) и ќе тргнам
кон „мојата” училница. Сакам да избегнам гужви, па влегувам на гласачкото место некаде околу 7.30, и по барање на список, ултравиолетова рампа, мастило, следи одење до картонскиот пулт на кој ќе треба да ги ставам во кругови или зборови моите ставови... Многупати сум го правел тоа.
    И во сите тие, дали 5 дали 25 минути, пред очите ќе ми се вртат репризи на сето тоа што сум го видел во изминатите недели на кампањата. Куп телевизиски преноси на партиски митинзи, ридови плакати и билборди, купчиња информации по медиумите и неколку посети на врата од партиските активисти со пенкалца, запалки и брошури со партиските програми. А и на интернет не си мирен - по Фејсбуци, Твитери, блогови повторно истите ветувања и убедувања, дебати и пцуења. Некогаш се плашам и да отворам фрижидер, оти си мислам дека и на шишето со јогурт ќе видам некоја фотографија на партиски лидер и слоган.
    Заедничкиот именител на сите тие работи се ветувања. Купишта ветувања. За подобар живот, за економија која ќе процвета, за подобар стандард, за исправување на неправилности, за подобри закони. Фабриките ќе работат турбо, нивите ќе пукаат од род, ќе имаме огромен извоз, сите ќе бидат лекувани по шведски стандарди, учениците ќе учат во нови училници, сите ќе може да менуваме мебел дома на три години, автомобили на четири, ќе одиме сите и на летен и на зимски одмор во странство. Секој член на семејство ќе биде вработен, а во земјоделските семејства и по две овци или телиња. Тие што не чуваат стока, туку обработуваат земја, ќе мора да си набават куче, ако веќе го немаат, за и тоа да биде вработено!
    Чекам уште само некој да се истопори на говорница и да каже дека ќе нѐ носат и на Марс... Само тоа не сум го чул, признавам, во сите тие кампањи што прегрмеле врз мојата глава. Сите тие силни ветувања што растат по квантитет со секои нови избори, ми кажуваат дека политичарите очигледно мислат дека сме паднати од Марс Па, редно е да нѐ однесат таму. Еве им златна шанса!

    П.С. Овие избори, сепак, ќе ми бидат малку поразлични. Од дома до училиштето каде што гласам ме дели една пофреквентна улица на која минуваат и автобуси на
ЈСП. Па, се плашам дека на некој од новите автобуси, нагрдени со она „Донатор: Влада на Република Македонија” (како владата да е фирма, па ги купил од заработки, а не
од буџетот - мои и твои пари), пред гласањето ќе ме пресретне уште еднаш фотографијата на Вождот...

    Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 26 февруари 2011 година.

11 July 2010

Октроирани молитви

    Искуствата со владините мерцедеси, подржавувањето на факултетите на двете најголеми верски заедници, како и напати штедрата поддршка од државното чекмеџе за изградба на верски храмови, зборува дека нашите верски водачи тешко некогаш ќе ја научат лекцијата од САД.

    Иако членот 19 од Уставот на земјава, која само што излегува од тинејџерските години, јасно ги разделува верските заедници од државата, што би требало да ископа доволно широк дол меѓу верата и политиката, дури и најневнимателниот може да забележи дека најчесто тоа не е така. Политичарите, посебно оние на власт, се трудат секогаш да ги одоброволат, некогаш и да ги зауздаат, верските заедници, кои се канализатори на метафизичкото, знаејќи колку големо е нивното влијание врз психата на народот. А и „невестата" нема ништо против. Верските заедници во изминатите две децении на слобода на религијата отворено кокетираа со власта, напати длабоко завлегувајќи во сферата вон елементарното човечко достоинство.

    Член 19  од Уставот на Република Македонија:
Се гарантира слободата на вероисповеста. Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата. Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот. Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

    Најтазе пример веројатно може да биде првиот човек на втората по бројност верска група во земјава - Исламската верска заедница. Иако од пораката на израелскиот заменик премиер и министер за надворешни работи Авигдор Либерман дека Ал каеда и други исламистички екстремни групи се обидуваат да воспостават свои бази на Балканот, поглаварот на ИВЗ во Македонија, реис-ул-улема Хаџи Ефенди Сулејман Реџепи, упорно негираше дека во земјава има вахабисти, кои важат за прилично екстремни дури и кон муслиманите од другите школи во сунитскиот Ислам, и прилично жестоко на крајот на март ги негираше цитатите во британскиот весник „Сандеј Тајмс“ дека вахабистите запоседнале четири џамии, после неколкуте боксови, шлаканици и пцости на петочната молитва во џамијата „Иса Бег“, во што беа вмешани и партиски кадри, веднаш си го смени ставот! Призна дека вон контрола им се четири џамии и дека вахабистите се во силна офанзива и дури навлегуваат во политичките партии. Та дури почна да бара помош од МВР и зборуваше за пасивност кај надлежните органи на Владата. А претходно ги заведуваше со своите изјави!
    На реисот тоа изгледа му беше реакција, некаков рефлекс. Психологијата вели дека тоа е постапка која произлегува од потсвесното, и која не е сврзана со рационално постапување, туку произлегува од одредени набрзина апсолвирани „места“. Во случајот, тоа дека верата не може без власта.
    Но не е само умот на врвот на муслиманите во земјава така кондициониран. Истото е случај и со најголемата заедница на верници во земјава - МПЦ-ОА. Синодот и нејзините поглавари во изминатиот период си дозволуваа политички профилирања до ниво на јасно давање поддршка на владеачите. Посебно во текот на еден владин тим кој љубеше да крева крстови и цркви или барем штедро да ја помага нивната изградба. Па дури и кога се востоличуваше сегашниот архиепископ, жезолот го држеше премиерот. Не дека така не се прави на интронизациите, ама вниманието што на тој момент му го посвети владиниот портпарол (читај: камерите на Македонската телевизија) говореше многу.
    Да не зборуваме за владините мерцедеси кои ги користеа и ги користат главите на големите верски групи. И за тоа дека државата ги зеде под свое нивните високообразовни институции во 2008 година и се задолжи целосно да ги финансира. Оти, можеби не сака целосно да ја октроира верата, ама мислам сака да ја има в рака поради нејзиното социолошко, општествено значење... А најголемите верски заедници прифатија - како да не ја чуле никогаш античката искуствена максима "Чувај се од Данајците и дарови кога носат!"
    Елем, крикот против вахабизмот упатен од грлото на реисот, покажа не само дека постои одредена фиксација, туку и дека владее одредена паника. Оти вахабистите за кои конечно тој проговори веќе оствариле значително влијание меѓу народот, ИВЗ поради својот разронет изглед не може да се бори против нивното влијание онака како што би сакала. За тоа проговорија и главните експоненти на крилото против кое сака ИВЗ да се бори. Обвинија дека заедницата е потоната во политички валцери и во криминални ора.
    Сличен проблем има и МПЦ - ОА, олицетворен во Православната Охридска Архиепископија на Јован Вранишковски. Иако нејзиното влијание кај мирјанството не е ни оддалеку толку големо (за што самиот сум се осведочил) како она на вахабистите, за кои велат дека стасале до три илјадарки, фактот што и ПОА ја обвинува МПЦ за одредени проневери, покрај главното обвинување - она за раскол со православната екумена - надополнето со досегашната прама, говори дека можеби и кај нашите владици и попови би се родил сличен рефлекс како тој на реисот. Што ќе биде погубно.
    Според искуството на не многу старата држава САД, каде истотака уставно се разграничени државната управа и верите, вистинскиот рецепт за верата е да не се сузбива, туку да ѝ се даде слобода - сѐ до мигот кога ќе стане деструктивна. Но никако да не се храни од државните јасли. САД тоа го почитуваат. Кај нас, по сѐ изгледа, тоа одамна не е случај, што, рековме веќе, може да биде најпогубно токму за верата.

    П.С. Во големи верски заедници со кои власта ги држи главните протоколарни средби, покрај двете наброени и католиците, се и Еврејската заедница (легитимно), но и Евангелистичко-Методистичката црква. Која е помалубројна од Адвентистите на седмиот ден во земјава. Но од методистите излезе еден претседател - Борис Трајковски. Од адвентистите не. Веројатно тоа беше пресудниот фактор методистите да влезат во големата четворка.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 10 јули 2010 година.