Showing posts with label вулканска прашина. Show all posts
Showing posts with label вулканска прашина. Show all posts

01 January 2018

Спок и Вулкан

   Над Европа изминативе денови имаше две причини за отежнат авионски сообраќај. Едната беше ерупцијата на исландскиот вулкан Гримсвотн, кој исфрли огромни количества прав во атмосферата и го отежна летањето над голем дел од Северна Европа. Но тоа за Исланд е и очекувана работа... 
   Втората причина беше ерупцијата на „вулканот Преродба”, кој еруптираше од поодамна, но продолжи со активна работа и изминатава недела. Крена голем облак пепел во атмосферата од проширувани и изгребани улици во Скопје, кои треба да асфалтираат или пак беа асфалтирани, ама набргу, поради неквалитетот, и преасфалтирани; потоа од големите количества честички цемент кои се креваат при туривањето во мешалките за градежните проекти од многу скапоцениот проект „Скопје 2014”, но не помалку и од булдожерите кои пробиваат патишта за селата... 
   Да не го заборавиме и ситниот песок од скопските плажи кои според амбицијата на информатичарот, пардон, актуелен скопски градоначалник, треба да им го разубават животот на скопјани, на кои веќе сè им е потаман, ама им фалеа плажи покрај смрдливиот Вардар.
   Ах, да, за малку ќе заборавев... Не помалку прашина се крева и од партиските конвои кои конечно згазија и по излоканите селски патишта за да отидат таму кај што речиси никогаш не биле - по селата - да ожнеат и таму некој потенцијален гласач.
   И тие думани прашина што ги крева амбицијата на власта да ни покаже дека ете навистина мисли на нас, како да ме замајаа и мене, тука долу на земјата. Дотолку што веќе почна да ми се допаѓа изборната кампања.
   Едно што од прашината не догледувам толку убаво кој што зборува за своите планови “кога ќе дојде на власт” па се ми изгледа ново и веродостојно, но најмногу поради тоа што пак нешто се случува по ова поднебје. Додуша со задоцнување!
   Оти сите силни зафати власта можеше да ги преземе и досега. Па седнаа во фотелји во 2006 година, а две години подоцна добија и втор печат за авторитет. Зошто досега не ги преземаа тие зафати? Еве, да не ширам подалеку, да се задржам на Скопјево. Што им требаше одеднаш да јурнат да ги реконструираат сите главни сообраќајници во скопскиот Центар. Па и пошироко?
   Па да, кампања е... А тоа градењето, е така да речам, помошно средство за вербалните ветувања. Кои се исполнуваат... Ако не сега, потоа... Ако не тогаш кога било ветено, некоја година подоцна. Важно “Остваруваме!”. И сега брзаме за да може пред избори нови ленти да пресечеме.

   П.С. Тоа што нам сега ни се случува чинам не би можел да го разбере ниту Спок од планетата Вулкан, еден од главните ликови во првото издание на култната “Ѕвездени патеки”, битие речиси човек, но суперинтелигентен и претерано рационален. 

   Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 28 мај 2011 година