Showing posts with label естетика. Show all posts
Showing posts with label естетика. Show all posts

10 April 2010

Средбата на старата дама и снобот

    Влегувајќи во салонот, се вознемири кога ги здогледа отмените дреи на аристократите, ама нервозата бргу му исчезна кога виде дека не го ни забележале. Но не помина многу пред да сети студеникав поглед... Ја прошпарта со очите просторијата и бргу ја забележа впечатливата стара дама во фотелјата со висок наслон како саркастично му се смее, затскривајќи се со ладалото. Пребледе мислејќи колку ли му „се познава“ дека првпат облекува фрак...


     Уште од денот кога во неверица и гнев зјапна македонската интелектуална јавност откако ѝ го тупосаа прескапиот проект „Скопје 2014 како што се фрла коска пред куче, размислував со што би можел да ја споредам новата недоквакана визура на мојот град. Но едноставна споредба нема - а асоцијации многу, како што се многу спомениците и парчињата од различните архитектонски ери и меридијани кои ги спремаат за насилна (според искусеното во градското и во државното Собрание) козметичка хирургија врз Скопје. За да го остарат, и, како што велат, да го огиздават, за да заличел на светските метрополи, за да ни донесел белосветски патници и нивни златници...
 
    Неодамнешното искуство да газам по тротоарите на Виена ми помогна да си искристализирам во умот зошто калемарите кои планираат да направат Франкенштајн од Скопје грешат и како всушност еден град со долга историја и преобемно културно и урбанистичко наследство може да се негува во 21. век - со следење на светогледот и естетиката на денешнината, со синхроно, а не анахроно, создавање нови градби. Старата дама Виена го знае она што снобовите што сакаат да заличат на аристократи не го знаат - биди природен и сфати дека не е добро да се претвориш сосила во музеј. Или ако веќе сакаш навеви од историјата кога градиш нешто ново, најдобро барај нешто од својата традиција. Како што во Скопје во не толку далечното минато е сторено, на пример со зградите на МАНУ и на НУБ „Свети Климент Охридски“...

     Oтмената валцер-метропола се закитила низ историјата со градби во различни стилови. Во Виена ќе видите од готика, класицизам, преку романескна и барокна архитектура до Арт Нуво... Но ќе видите и многу модерна архитектура, која се испрчила рамо до рамо со старите градби, дури и во најстрогиот центар на Виена.

     Патем, она што е старо, во Виена се негува - зградите стари и по два века се со посвежо варосани или барем исчистени фасади, па на прв поглед не се разликуваат многу од помодерните кои се насадиле до нив. Камо во Скопје така да се грижевме за старата архитектура (со чесните исклучоци како Ристиќева палата и палатите на Икономови и Настеви, веднаш до неа).

     Распрскани низ Виена, не се малку на број. Нови солитери со фасади со стакло и метал и со ѕидани фасади но со бои кои велат: „Иднината беше на посета“; неретки беа и деловните згради со фасади „стакло-сендвич“, според најновите еколошки параметри за заштеда на енергија за затоплување и ладење. А тука е и супер модерниот Дунав-град. Ќе биде завршен во 2012, само на неколку чекори од комплексот на ОН, кој исто така ги има контурите на денешницата.

    Виена, хабзбуршката дама, сега се облекува во техно гардероба, не во балски фустани! 
    Најподатен пример за тоа колку тој град будно ја следи современоста е секако „Хаас - Хаус“. Блескава модернистичка градба завршена во 1990 година, со фасада главно од огледално стакло, денес е една од атракциите на строгиот центар на градот. Многумина ја сакаат затоа што е парче од модерноста поставено среде стари градби - а главната симпатична одлика и е што во нејзината фасада се огледува готската катедрала „Свети Стефан“.
     Ете, не мора да се реставрира старо за да се привлечат воздишки од луѓето. И новото е супер - ако го поставиш во вистинска спрега со тоа што веќе го имаш!

    Жално Скопје, тебе сосила побратим на Виена каква што тие си ја замислуваат сакаат да те прават, сосила сноб! А таа, младешки облечена аристократка, кога ќе те види како те дотерале непродлабочени „театарски костимографи“, ќе ти се изнасмее в лице...

    П.С. Новата зграда на Филхармонијата меѓу Македонска опера и балет и Факултетот за музичка уметност е исклучок што го потврдува правилото за „Скопје 2014“.

    Сашо Спасоски

    (Скратена верзија е објавена во „Сега“ („Шпиц“) на 10 април 2010 на 14 страница.)