Showing posts with label интернет-киосци. Show all posts
Showing posts with label интернет-киосци. Show all posts

19 June 2010

Баба Перса доби интернет

    Баба Перса внимателно го стави филџанот со врелото утринско кафе на масата, седна, го крена миљенцето од мониторот и го вклучи компјутерот. Додека се креваше оперативниот систем, почна оваа окапана старица од село Горно Самовилско да се преслушува. Козите ги измолзе, кокошките ги нарани, па ќе биде раат до кај пладне...
    „Хм, ќе проверам првин мејл на Џимејл, после тој на Јаху, па после ќе се закачам на Фејсбук. Море... Да се закачам веднаш на Фејсбук да видам дали добро осунал Трајко од Смолско...“, си мисли баба Перса.
    Веднаш потоа ѝ заврви друга мисла. „Бог да ги поживее децава, ете интернет ни ставија в село! Автобус и онака нема да има. Ниту лекар ќе дојде некогаш. Барем нешто да добиеме... А и тој интернет-киоскот кај селската чешма е одлична работа! Додека се наполни балончето со вода, ќе прочатам малку со другачка ми Анѓа...“
    Останаа тие двете во Горно Самовилско сами како утки...
    Така си мислеше баба Перса за владиниот проект за безжичен интернет во селата и за интернет-киосци. Бесплатни во следните четири години... за потоа ќе се види.
    Кликна Перса на иконата за поврзување и за вчас се отвори насловната страница на Фејсбук. Се логираше и виде дека дедо Трајко од соседното Смолско има нов статус. „Жив сум!“ напишал тој. „Ах, дочека уште едно осамнување, сиромашкиот...“ Му кликна едно „лајк“ на статусот, па погледна дали правнука ѝ Ана Марија од Скопје ја прифатила за пријател. „Ех, не сака да ме прифати, да не ја срамам пред другарките ваква со шамија“, си мислеше кутра Перса.
    Ајде, и претходно децата ретко ѝ се јавуваа на телефон, ама баба Перса многу се израдува кога почнаа да ги местат антените близу шумата. „Белким сега почесто ќе проверуваат дали сум жива“, си помисли таа тогаш. Ама небото не ѝ ги одговори молитвите. Само по некоја честитка ѝ праќаат на мејл, никој не најде време два-три реда да напише...
    И додека баба Перса го затвораше Јаху мејлот, два километри подолу во полето, во Долно Самовилско, Митре и од седми пат не успеа да се конектира... Се изнервира дека не ќе може навреме да ги собере јагодите што ги засади на "Фармвил" на Фејсбук, па ќе му пропаднат... „Ех, до задутре нема да соберам пари да си купам трактор“, си помисли разочарано.
    „Семката да ви се сотре“, се разгневи тој на комшиите Стојановци. Кај бавчичката од нив не може да си ја навади  - а ја сврти водата накај неа, тие за 15 минути ќе дојдат и ќе ја навртат накај нивните бавчи - туку сега и конекцијата му ја „цицаат“...
    „Ќе тркнам до кафеана да го викнам Мендета, тој ќе знае нешто да ми подеси, белким ќе стасам така јагодите да ги оберам и тутун да засадам“. Кутриот Митре, не успеа да си земе нива од државните, па остана само со бавчичка и сиромашка надеж дека барем на "Фармвил" ќе стане голем стопан.
    Кога стаса до селската кафеана ги виде дваесетината ергени како играат „Анриал Турнамент" на лаптопи. Ама Менде го поли со студен туш. - Не можам сега, морам да одам на Благоја да му го оправам лаптопот пред да ги изнесе говедата на пасење угоре в планина. Не му работи нешто Винампот, па не ќе може музика да си пушта - се правдаше Менде пред Митрета...

    П.С. Додека тие правеа муабет, децата почнаа да пцујат кај единствениот интернет-киоск - пак снема струја!

    (Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 19 јуни 2010)