Showing posts with label камери. Show all posts
Showing posts with label камери. Show all posts

26 September 2010

Мотороло, полициско коло

    Во мигот на влегувањето, ушите ми ги запара остар кикот кој доаѓаше од првото биро до вратата во големата просторија исполнета со луѓе. Еден седеше, другиот беше застанат до него.
    „Види, види шо му праам... Ќе полуди! Сеа сигурно мисли дека некој вирус му го заразил компјутерот“, му велеше седнатиот на станатиот. „Сигурно сега ќе проба да го искључи“, одговори ноншалантно овој.
    Пусто љубопитство... Застанав зад нив и ѕирнав во големиот 24-инчен „Дел“ монитор. Седнатиот беше упаднал во компјутерот на некојси несреќен блогер којшто некако го привлекол вниманието на полицијата и го зезаше преземајќи ја контролата над маусот...
    Уф, си реков, инфантилни работи... „Ако вие вчера сте научиле како тоа се прави, не значи дека жртвата цица весла па му се стресле гаќите“, си помислив и се завртев. Ме ѕвездоса ѕидот исполнет со ЛЦД екрани. Најголемиот дел од нив го прикажуваа тоа што го снимаа сообраќајните камери. Прилично еднолична слика на автомобили и градски автобуси на најголемиот дел од нив. Но добро ќе беше да беше сѐ така.
    Вниманието ми го привлече мониторот во горниот десен агол. Се меткаше некоја женска фигура на него... Се втренчив и видов дека во тој момент на бујните дојки го става градникот. „Заврши епизодата Влатко... врти на тој другиот стан, може онаа плавата сега се истуширала“, прозборе низ смеа пробелениот маж кој седеше некаде на средината на пултот.
    Не сакајќи да ја продолжувам ваквата случајна воајеристичка авантура, се свртев накај средината на просторијата. Од дваесетината бироа, барем петнаесетина кои седеа на нив беа со слушалки на глава. Но тоа, нели, и го очекував...
    Она што не го очекував е што на мониторите се гледаше како работи некоја за мене непозната компјутерска програма. „Слушалкарите“ седеа со скрстени раце, некои и со пенкало и крстозборка в раце, а компјутерите сами пишуваа. Ми требаа две-три секунди да ми текне. Да, ги знам програмите кои говор речиси инстантно претвораат во текст, но знам дека се за англиски, француски и една за германски јазик. Сега првпат видов дека некој направил таква програма и за македонски јазик.
    „Шефе, овие пак планираат прес-конференција“, се дрекна во еден момент еден од "слушалкарите". - Ја кажаа шифрата "Ќе треба да купиме патлиџани" - објасни некако со олеснување.
    Младиот шеф се возбуди. - Веднаш влегувајте им во мејловите на баграта... Шифрите со кои мислат дека се кријат од нас им ги знаете, знаете што да барате... Ало, екипа "мобиљка"... Веднаш префрлете се на мобилните на другите тројца и не сакам ни шум да Ви побегне... Снимајте се на 256 кбпс - ја отсече наредбата момчето десетина години помладо од мене кое честопати го имам гледано низ градов. Ми личеше на скопско шминкерче со многу богати родители кое не знаејќи што да прави со времето, е редовно по кафулињата, со прескап мобилен телефон натокмен на масата.
    Фраерот значи не се перчел за да привлекува женски, туку снимал разговори, констатирав.
    Како што целата атмосфера почна да ми легнува, почнав да чуствувам некаква одвратност... Барем половина минута беше потребна да се сетам дека ми ја предизвикуваат шунд-нотите од една од подотворените врати. „Мотороло, полициско коло, мотороло отсвирај ми коло, дал ме драги воли, дал ме воли док је у патроли“. Да, бе, песната на Бајага од култниот филм „Професионалец“ на Душан Ковачевиќ.
    Не ми се верува... И во ова „сино“ гнездо имало иронија - да си се смеат на полициската работа ... или пак можеби некој сака да донаучи нешто за методите на нивните колеги од режимот на Милошевиќ...

    (Ова е целосна фикција и затоа секоја сличност е случајна)

    Oбјавено во „Сега“ („Шпиц“) на 21 август 2010 година.

02 June 2010

Аирлија работа мајстори!

    Си имал некој селанец мака со парите, па морал со години да собира, од устата на семејството да двои, за да си купи коњ. Кога конечно му се исполнила желбата, сфатил дека не направил шталичка за да не ѕемне новиот член надвор. Па му турил огламник на коњот и кинисал со него во коријата да влечка трупци за греди и штици за шталичката.
    Од радост просто подлетнувал, како да не ја газел земјата. И така од утро до вечер... И го тепал коњчето кога преморено ќе застанело да собере душа... Сѐ додека по 3-4 дена, утрото не го нашол кутриот млад коњ веќе истинат во дворот. Ненаучен на работа, пцовисал од преголемиот труд. Новиот стопан мислејќи дека добро прави, не повел сметка колку може кутрото животно да издржи.
    Слично на овој немукаетлија стопан, и власта во моментов презема некои чекори во манир што открива дека ги нема баш предвид состојбата и издржливоста на народот. Што е акутен проблем посебно во здравството.
    Да почнеме. Пациенти на Клиниката за рендгенологија во Скопје чекале по два и повеќе часа завчера да им се закаже снимање. Многумина од нив треба да се подложат на комплицирани операции на другите клиники, но морале да чекаат да закажат снимање. Мачната слика ја уловија телевизиски камери, по што од клиниката се правдаа дека на шалтерот за закажување работи само еден човек, оти во истиот ден им се разболеле двајца луѓе. Добро. Можеби е и така.
    А можеби е проблем и нешто друго. Кое власта го одрекува. Дека во Клиничкиот центар се случува и криза и егзодус - главно на лекарите, ама и на другиот персонал. И платите несоодветни и опрема главно стара, со материјали се кубури... велат неофицијално, оти речиси никому не му стиска јавно да искритикува.
    Помпезно најавуваниот проект за нова апаратура, која требаше да заврши до ноември ќе се пролоногира, оти се платила само рата за ангиографи. За другото изгледа нема пари. Можеби и ќе има, министерот за финансии Ставрески вети дека со ребалансот на буџетот кој ќе се случи набргу, здравството нема да биде гибнато. А завчера се пофали заедно со неговиот колега во бел мантил со проектот за реконструкција на објектите на здравствените установи.
    Убаво! Само ми личи дека кога ќе ја направат "шталата" нема повеќе да го имаат коњот. Ако нешто не се смени со платите, ќе си испозаминат и тие што останаа во државното здравство, па ќе нема кој да лекува во варосаните и светнати болници со нови камери.
    А и тоа реконструкцијата... се чекало да се ни одобри кредит Банката за развој на Советот на Европа.  Молам? Пак ли кредити? И после враќање на рати. Со камати! Па нема ли државава пари да го направи тоа сама? Чекај, чекај... Да бе, ми текна! Има некои пари... За Скопје 2014, градот убав пак што никнува! Јавноста протестира, на опозицијата ѝ се темни пред очите од кич-расипништвото, а власта не ја боли глава. За тоа се нашло... Брц во чекмеџето и фрлај семе - за споменици, за барокизирани фасади, за мостови, и тие полни 'ко око со споменици... За да гледа народ и да му се крева патриотскиот дух!
    Кој црн народ - ако не ги лекуваме луѓето како што треба, по неколку години можеби ќе нема кој да шета по "затнатиот" скопски плоштад!

    П.С. Можеби ставањето камери по ходниците и шалтерите на болници беше со цел да се види кои лекари им "бегаат".

    (Објавено во „Сега“ - „Шпиц“ на 29 мај 2010)