Showing posts with label кафеана. Show all posts
Showing posts with label кафеана. Show all posts

30 November 2010

Смртта ги обиколува селата пешки

    - Си го видел џипот на овој директоров сегашен на едикојаси агенција? Паркиран кај едикојаси продавница на Партизанска? Не можеш друже да го промашиш, има лавче обесено на ретровизорот? Има тој таму стан од барем 80.000 евра. И од каде бе тој копук за година и пол на функција дојде до таков стан? Ај сеа...
    Со таква дигресија мојот пријател ја прекина паузата во муабетот за владеењето на Путин, додека седевме впивајќи ја благодатта на ќумбето на дрва во култната скопска кафеана „Наџак“, во која втрчавме од дождливото попладне.
    - Е, човече, ова ти е навистина ј... да си изгризаш од мака..., заврши тој, свртувајќи ги очите кон стаклото кое нѐ двоеше од мочливото Скопје.
    Пинг! Газда Столе со вечната насмевка ги стави криглите пиво пред нас.
    - Да - му велам јас на пријателот - модерни џипови покрај кои минуваат раскантани автобуси. И гладни сограѓани; до неодамна сопственици на куќи или станови, а сега без адреса; Роми со "луксузните" велосипеди со приколки буричкајќи во контејнерите за заграб пластика која ќе треба да ја "одвеслаат" километри понатаму заради една-две излижани банкноти; звездосани пензионери кои излегуваат со рецептите в рака како лепеза од аптека, и со по едно кутивче во малечката ќеса; млади скитници со диплома на полицата дома, ама без партиска книшка в џеб...
    Велам потоа, да беше оваа власт власт со салтанати, ваквите џипови да ги одземеше како што треба (за што има формална можност - слушам нешто за некои анкетни листови за функционерите) па да однесеше некој од нив за месната заедница во селото Брест, можеби немаше 13-годишната Валмире Бајрами пред некоја недела да почине на рацете на татко ѝ, во близина на реката. И Смртта со својата коса тргнала по нив пешки. Да имаа џип, автомобил и пат по кој би го возеле, можеби ќе ѝ избегаа...
    Да не се повторувам сега, оти пишував повеќепати за вакви трагедии кои здравството во сегашната состојба ги збибери на луѓе од сите ќошиња на земјава. Оти, да се изразам со медицински речник, луѓето кои носени кон помош од белите мантили, добиваа дијагноза exitus letalis, односно "не е веќе меѓу живите" од почетокот на годинава досега ми е многу мачно да ги бројам. Оти и мене ме боли болката на нивните семејства. Затоа пак се зафатив да ги бројам новите споменици, барокни катни гаражи, тарабите со кои го направија плоштадот скопски лавиринт... Па, притоа се зафатив и со владините функционери кои држат по две-три функции оти многу ги бивало (ама за сопственото чкембе и за партијата, не за мене, не за селанецот во Оризари или Мислешево)...

    П.С. Ех, си мислам, фала на Бог, земам плата редовно, персонален данок и од мене се слива во касите на власта која треба да се грижи за народот, ДДВ плаќам и кога ќе купам осум ролни тоалетна хартија, ама изгледа тие "мои"  пари нема никогаш да ги видам во нова асфалтна постилка на улица, во апарат за магнентна резонанца во Берово, туку во копитото на коњот на Филип Втори, во некој Хјундаи џип паркиран пред скапа кафеана во која подждригнуваат завластени торлаци, за кои и јас до неодамна, детски наивно (прости ми Боже!) мислев дека се еснаф луѓе.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 29 ноември 2010 година.