Showing posts with label компјутери. Show all posts
Showing posts with label компјутери. Show all posts

14 December 2010

Климе и Cray-zee

    Многу ме израдува веста дека на Универзитетот за информатички науки и технологии во Охрид се составува првиот македонски суперкомпјутер. Уште повеќе ми се бендиса тоа што висококомпетентните професори и нивните студенти нашле солуција тој да чини колку „Голф 5“. И не се сомневам дека ќе биде така.
    Но најсилна радост ме обли од веста дека компјутерот (кој, патем, би било прикладно да го наречеме со две имиња - едното е „Климе“, кога веќе ќе се роди во Охрид, а за второто ќе разглобувам малку подолу) ќе стои достојно рамо до рамо со најмоќните светски суперкомпјутери по една, за мене, како поборник на слободниот софтвер, многу битна работа. Имено, и тој ќе работи со верзија на оперативниот систем „Линукс“, што е случај со 470 од „ѕверовите“ кои годинава влегоа во листата „Топ 500 суперкомпјутери“.
    Ама, ајде да не се занесувам премногу со фалењето на „Линукс“-от, за тоа може да ви зборуваат момците и девојките од организацијата „Слободен софтвер Македонија“. Имам друга работа...
    Елем, мислам дека новиот суперкомпјутер, за кој авторите велат дека преку интернет-врска ќе биде достапен бесплатно за сите академски институции, ќе мора да помогне да се одгатнат некои работи кои се случуваат во земјава, во која има и отповеќе улавости. Затоа и мислам дека второто име мора да му биде „Cray-zee“. Cray по името на првиот прославен суперкомпјутер на светот, „роден“ пред повеќе од три децении, а тоа -zee пак е тука оти не ми текнуваше ништо подобро за да го формирам името, кое кога ќе се изговори е идентично на англиското crazy. Односно: улаво.
    А улафчини, како што би рекле беровци, во земјава има и отповеќе. Исто како и работи што моментално може да те споулават. Летаат и убиваат покриви на болници и на училишта, гладните стечајци упорно си трошат пари за од внатрешноста да доаѓаат во Скопје да бараат спас од Владата, која очигледно не ги есапи ич, а во меѓувреме се тепаме на мртво на спортските натпревари, па запира мечот за спортистите да ја гледаат пресметката на навивачите на трибините...
    Владата е незаинтересирана за обврските кон училишните сметководители кои се без плата повеќе од половина година; не сака да ги вдоми пак под покрив на училиштата училишните стоматолози; а во меѓувреме си продолжува изградбата на Триумфалната порта и на спомениците од „Скопје 2014“, исто како и на еден куп згради на кејот на Вардар во Скопје. Па добро бре, во ова време на криза ли е приоритет изградба на нефункционални објекти? Зарем не можеше толку пари колку што се предвидени за „Скопје 2014“ да се наменат за итна санација на основните и средните училишта. Некаде децата седат на клупи од пред 40 и кусур години.
    Нејсе, ќе ја искористам и јас првата прилика да го прашам „Cray-zee“ со парите за „Скопје 2014“ колку нови училишта може да се направат...

    П.С. Втората работа што ме израдува неделава е тоа што ќе имаме Германски божикен базар пред ГТЦ. Па ќе се почуствувам и јас еднаш како во Нирнберг или во Минхен. Кои можеби и никогаш нема да ги видам со свои очи. Посебно ако ни ги акнат пак визите поради „азилантите“.
    Нејсе, ќе се радувам пред Нова година... На 20 овој месец ќе видам како работи „Климе“, а потоа од 25 ќе навалам на вурштови и германски пива на базарот.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 4 декември 2010 година.

22 October 2010

Компјутер за вистински хаос

    Една од омилените шеги на компјутерџиите гласи вака: Да се греши е човечки, но за да предизвикаш вистински хаос е потребен компјутер. Иронијата со Македонија е тоа што кога се направи мамутски проект за воведување компјутери во училиштата, оваа шега стана горчлива реалност за многу наставници и директори, но не помалку и за учениците и родителите.
    Во време кога многу училишта во села, а неретко и во градови, нудат такви можности за вршење мала и голема нужда што учениците повеќе сакаат да „стискаат" до дома отколку макар минута да минат во училишните тоалети, одлуката да се купуваат компјутери за секое дете е невидено с...! Да не зборуваме пак во каква состојба се грото училници. Некаде толку многу капе од плафоните,  што никој не може да им замери на директорите што не сакаат да се инсталираат компјутерите. Оти од фаталните капки не само што може да настрадаат компјутерите (по еден за шест монитори!), туку лесно може да отиде и дотрајаната електрична инсталација. А и старите клупи тешко ќе го издржат дополнителниот товар од мониторите уште некоја година.
    Ама бидна. Власта се залета и се накупува компјутери. За 50 милиони евра. Само заборавија дека компјутерите сами по себе не значат ништо ако нема софтвер. Е сега, тука чувстувам потреба да застанам нешто да објаснам. Како приврзаник на слободниот софтвер (софтвер за кој нема заштитени авторски права, па секој со неопходните познавања може да интервенира во програмите, да си позајми дел од кодот за некоја своја програма, што на долг рок создава невидени можности за создавање многу разновидни квалитетни и стабилни апликации, кои честопати се и бесплатни), отпрвин се израдував кога чув дека на училишните компјутери ќе се инсталира оперативниот систем Едубунту. Тоа е верзија на Убунту, кој барем засега е најзастапената и една од најстабилните дистрибуции (варијанти) од семејството на Линукс. Но, како што минуваше времето сѐ повеќе ме удираше по глава горчливата реалност: дека сме далеку од тоа да се преведат или создадат навреме оптимален број содржини и училишно прилагодени програми за Линукс на јазиците кои се говорат во земјава, што е и главниот момент на користењето компјутери во училниците. Што го констатираше во средината на изминатава недела и фондацијата Метаморфозис која спровела истражување за користењето компјутери во училиштата, кое покажа неверојатно поразителни резултати. Нема доволно електронски содржини, компјутерите малку се користат, а и кога се користат главно тоа е за играње, безделничко сурфање или пак за крадење материјали од интернет, кои потоа учениците си ги потпишуваат како свои проекти или домашни задачи.
    Или кусо по скопски кажано: Утка невидена!
    Односно, еден во низата експерименти во двата најниски степени на образованието. Кое изгледа ќе доживува и нови авантури. Како онаа од почетокот на неделава, кога министерот за образование најави проект, кој и според мене и според поранешни министри и експерти е вон умот - учениците во шесто и седмо одделение да си се запишат направо во средно за да учат степен за некоја ниска квалификација. А основното до деветто одделение да си го туркаат паралелно...
    Ви треба ли сега некој друг да Ви сервира заклучок колкава е издржаноста и логиката на тие проекти? Не верувам - досега сами си го донесовте.
    Претчувствувате, секако, што кадри ќе излезат од така скроено образование.
   
    Oбјавено во „Сега“ („Шпиц“) на 9 октомври 2010 година.