Showing posts with label контејнери. Show all posts
Showing posts with label контејнери. Show all posts

01 January 2018

Улицата зад затемнети разладени стакла

   Тој можеби сум јас. Можеби си ти. Или некој когошто го знаеш. Можеби сега не си тој, но постои опасност да станеш таков. Ќе ме прашаш каков? Па бездушен... Што ќе рече никаков... 
   (Знам дека се обраќам во машки род, ама не ми е намерата да ги прозвам само мажите – истото се однесува и на жените, ама некако ми е поелегантно да се обраќам со машките форми, што ќе рече, да ги прозивам сега мажите, поради стилски причини).
   Оти некои работи на мажите и на жените им се премногу слични. Ама јас нема да се задржам сега на се, туку само на тоа најгорливото и најмнорничавото.
   Еднаква ни е незаинтересираноста за оној којшто нема. Можеби нема дом, можеби нема ни два денари во џебот, можеби не може да си купи и векна леб, па му вие волчја глутница во стомакот. Можеби и не е дека нема, ама тоа што го има е премногу далеку од доволно за барем еднаш во денот да се почувствува малку подзаситен...
   Поминуваме покрај нив со нашите нови и бесни автомобили. Но не ги регистрираме. Не ги сметаме за живи; повеќе за непријатен уличен декор којшто некако го извадила земјата (оти ги гледаме како кал, не потсетуваат на земја, на нешто валкано). Не сакаме да им се приближиме за да не си ги извалкаме белите кошули со тенки, тенки сиви риги. Не сакаме да дојдеме во нивната близина за да не се пренесе врз нас нивниот неуспех да поминат добро во животот; за да не скокне и врз нас и да почне да не дави нивниот очај и беда.
   И не, не сакаме да им дадеме пари. А дури и кога тоа ќе се случи, со тешка болка вадиме максимум десетденарка од џебот. Скраја да е да дадеме повеќе! Па ние чесно и со голема мака ги печалиме своите пари, а тие сакаат дел од нив, а не сакаат да работат... Нека метат улици барем...
   Ги гледаме честопати преку затемнетите стакла на климатизираниот автомобил. До половина навлезени, буричкаат во крајпатните контејнери... Но ние заминуваме, не очекуваат нови радости и нови победи.
   Тој издрпан старец со велосипед кој собира разни предмети од изгнасените контејнери можеби некогаш исто размислувал и исто поминувал покрај бедните со својот „стојадин“. Но денеска можеби и тој не се сеќава на тоа. Не може да размислува за нешто друго освен за црвецот кој му рие во желудникот.
   Не мислиме на нив и тогаш кога купуваме во блескавите супермаркети. А купуваме водени од алчноста да се има што е можно повеќе, да се купи речиси од се. Иако можеби и нема потреба од тоа. И потоа, купеното ќе стои невкусено додека не му мине рокот – и ќе заврши во контејнер. Од каде ќе го избуричка некој многу понесреќен од нас. Иако не морало да биде така – само ако сме се сетеле некаде пред да помине рокот да го споделиме со некој кој со години живее со постојано празен стомак.
   За некои проблеми потребно е навистина малку за да се ублажат. Но тоа малку мора да го прави секој од нас. Тогаш ќе видиме дека заеднички можеме навистина многу.


    Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 4 јуни 2011 година