Да не сте чуле сега некаква црква да се завршува? Или пак да е закажано осветување темели на некој нов храм? Прашувам оти немам такви информации. А веројатно и во ВМРО-ДПМНЕ и во владата не чуле такво нешто. Да беше така, веројатно ќе се истрчаше портокаловата врхушка во таква црква по таков повод да бара благослови од Небото за својата предизборна кампања. Вака мислам дека се најдоа во небрано. Па закажаа свечено отворање на новата Гинекологија во Клинички. Веројатно си помислиле „Кога нема ’актуелна’ црква, ќе си бараме благослов во најблиското можно нешто. Ново родилиште, место каде што почнуваат животи. Кои ги дава Бог, па и Тој е сигурно таму нагласено присутен - многу повеќе отколку во друга клиника. Таму ќе бараме благослов“.
Арно ама, дали центарот за информирање на портокаловата партија, дали некој нејзин одбор, секретаријат, или пак Министерството за здравство, малку повеќе затаил... Не разбрал на време дека зградата, која се гради веќе десет години, не е подготвена да се отвори ни како магацин, а камоли како клиника со елементарни услови. Па се закажало сечење црвена лента од плускавичавите раце на премиерот, кој во последно време се изжули со лопатите, како и од неговиот потчинет задолжен за ресорот здравство, Бујар Османи. И тоа наголемо се трубеше и се најавуваше по медиумите со силна емоција кон власта. Сакам да кажам, тие медиуми што гледаат на власта благонаклонето, како што бабата и дедото гледааат на своите внучиња и се подготвени сѐ да им простат - дури и она што не би им го простиле ни родителите.
Ама двајцата не се појавија. Свеченото отворање пропадна за да се спречи да избие уште поголем скандал. Зградата неспремна, нема технички прием. Премиерот и министерот биле навреме предупредени да не отидат. А гледајќи колку ревносно се трча на секаков настан погоден за фалење на своите и партиските постигања, мислам дека разочарувачката вест ги затекнала во позиција на низок старт. Е, сега, тоа неприсуство секако ги разочара дотераните гости со бонбониери во рацете. Кои, за разлика од протагонистите, не биле информирани дека доаѓаат пред карабина. Па чекаа и се думаа во вторникот... Разочарани сигурно биле и болничарите, медицинските сестри и лекарите кои во ноќна акција, налик на онаа партизанската за брз изградба на импровизиран мост крај разнесениот мост на Неретва, влечкале по некој кревет, чаршаф, стетоскоп или хаварисан инкубатор, за малце да заличат празните соби.
Нејсе, портокаловите срамот така го намалија барем малку во последен момент. Но, колку и да сакаат, нема да може да го избришат од колективното сеќавање. Оти бруката што пукна се пренесе до Фиџи, Алјаска и Антарктикот. Та дури и до работ на пустината во Боцвана. Не треба човек да е многу паметен за двете недели трубење дека наскоро ќе се отвори уште една победа на власта да ги сфати како инфантилен обид да се крева партискиот рејтинг пред изборите. Како обид да се донесе на свет изборната кампања за нова победа. Ама колку многу се способни, издутнаа само сматок...
Катастрофа. Што е настан од поголема магнитуда, кој сепак влегува во истата категорија со очајот, бедата, сиромаштијата, умирањето од банални болести, крадењето, за кои опозицијата вели дека се одлики на оваа влада...
Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 9 април 2011 година.