Showing posts with label песок. Show all posts
Showing posts with label песок. Show all posts

17 July 2010

Сакам песок!

    Мој градоначалнику Коце Трајановски,
    Ете, на некои 15 месеци од Вашиот мандат, си дозволувам да Ви се обратам еднаш директно. Морав да Ви кажам дека пријатно ме изненадивте што сепак дојдовте и во мојата населба завчера, кога конечно почна асолна реконструкција на коловозот на улицата Ќемал Сејфула.
    Тоа што во изминативе пет години си ги амортизирав амортизерите на мојот автомобил по дупките и лошите испакнати крпеници (кои, патем да кажам, траеја само по една година) и многу пати благодарение на рефлексите избегнував директни судири со автомобили од спротивната насока, кои, возејќи слалом поради дупките, влегуваа во мојата лента и не е целосно Ваша вина. Само, во изминатите година и четвртина сепак можевте да видите што Вашите претходници не направиле и во тој, другиот дел на Скопје.
    Но, поводот за ова писмо не се моите рели-искуства по Ќемал Сејфула. Поводот е нешто друго. Имено, сакам да ми изработат мозаик за масичка во дневната соба. Ама никој не сака да ми продаде толку малку песок колку што е потребно за малтерот за подлогата. Па се сетив дека имам мој песок. Во Градската плажа, платена како Свети Петар што си ја платил кајганата. Ни помалку ни повеќе, туку 100.000 евра. Опа! Која ја изградивте без да поминете прописна консултација со граѓаните за чии интереси се грижите и примате плата. Односно, од даноците што ги плаќаме.
    Покрај толкуте дупки во Скопје, нерешена градска канализација (и фекална и атмосферска) и еден куп други проблеми, Вие решивте да направите плажа. Која од водата на Вардар ја делат табли за забрането капење. Нонсенс на векот. Ама и тоа не е толкав проблем. Поголема мака е тоа што нетранспарентно и проблематично шанковите (кај што сега мало Скопско пиво е 100 денари) ги дадовте на фирма на угостители која дури отпосле, после Вашата одлука, е прописно регистрирана. И уште си дозволувате да велите дека не гледате проблем во тоа. Па кај го има тоа?
    Е, сега, бидејќи не ме прашавте за плажата, сакам Вашите потчинети да пребројат колку зрнца од увезениот песок се мои и сакам да ми бидат испорачани на домашна адреса. Сум си ги платил! Да купевте со моите пари песок за поставување павер елементи на некој од улиците под градска надлежност, немаше да Ви барам да ми ги вратите моите злоупотребени пари. Вака, претпочитам мозаик во дневна пред Градска плажа на Вардар кај што не може да се капам.
    Е сега, мој градоначалнику, ќе преминеме на вториот нонсенс. Велите дека ќе сте плателе 400.000 евра на некојси Шпанци да Ве советуваат за нови подземни сообраќајници и за воскреснување на Луна Паркот. Велите дека тоа не било скапо! Оти за тие пари ќе морале да најдат и концесиониери. Инаку немало да им платите.
    Хм, не ми е јасно само зошто им давате плата на луѓето во Вашата администрација. Нели од нашите даноци и тие добиваат плата? Па би требало и тие нешто да сработат.
    Ако не можат тие, еве јас Ви ќе давам совети. За десет пати помала сума од таа за Шпанците. Си го знам градот и неговите болки.
    Луна Паркот можевте и сами да го дадете под концесија. Наместо да барате консултанти, ќе огласевте тендер за исти пари во европски публикации за кои објавивте оглас за консултанти, па сигурно ќе се јавеше некој. А за подземни сообраќајници заборавете - оти нема подземен катастар па не знаете ни каде е канализацијата, а да не зборуваме за еден куп цевки и кабли.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 17 јули 2010 година.

10 July 2010

Песок во купаќите

    Скиселеното време деновиве, кое ми прави тектонски промени на расположението и си игра со мојот крвен притисок како со јојо, беше проблем ама не успеа да израсне во пречка. Се присилив и излегов.
    Кога се качив во прилично навалениот на една страна автобус на ЈСП, во ноздрите ме пресече коктелот на развеана прашина и моторни уханија. Не знам зошто, од многуте можни асоцијации, ми исплива тогаш во мислите од некој темен долап сликата на еден ден пред дваесет и кусур години... Иста таква реа и густа прашина ме пречека во автобусот со кој тргнав да одам на езеро... Рекреативното езеро Треска. Кое во долгите топли лета во моите рани години ми беше секојдневие. Најчесто одевме семејно со автомобил. Со подготвено јадење за цел ден, сламени лежалки и голем сонцебран. По цел ден во вода... Убави денови ми беа тоа, кои ми ги „полнеа батериите".
    Но сеќавањата на идилата во еден миг ми ја пресече трупотот на доклинканиот автобус. Ми пукна меурот од сапуница и веднаш се роди гнев. Па добро, зошто јас како граѓанин што си ги плаќа даноците не можам да отидам, еве, утре, на езерото Треска? За кое и моите родители плаќаа самопридонес...
    Како што рече градскиот татко неодамна, за реновирање на езерото Треска годинава се намалуваат парите, па сѐ ќе си остане по старо. Со ребалансот на градскиот буџет парите се малку за обнова на тој капацитет... Ама затоа нашле пари за Какакабана. Знаете, нели, за новата градска плажа на Скопје со увезен песок, на која бесплатно може да лежите и да сурфате - ама на интернет! И да го мирисате валканиот Вардар. Од капење ни брцнување. Ако сакате да се напиете нешто - има! Ќе си отидете до еден од шанковите кои газдите на познати скопски кафулиња ги добиваат за беспари па ќе си платите 'ко на улица Македонија да сте седнати...
    И за тоа чудо градот фрла 100.000 евра! Па за толку веројатно би можело една нова филтер станица за езерото Треска да се направи. Не мора од најскапите, та нема да ја пиеме! Само да се разладиме малку во водата во жешките денови и да запливаме како луѓе. Ама не, Коце реши да ни прави плажа покрај Вардарот полн со излачувања од скопската канализација. Вели видел во светските метрополи дека така правеле... плажи само за сончање.
    Можеби. Само нивните системи за отпадни води се многу пософистицирани од нашите, па реките помалку им смрдат. Потоа, помалку смрди и околу плажите. Оти таму работат со ум! Па има и тоалети покрај лежалките. Кај нас ако те стегне зорт мораш да трчаш во тоалетите кај Луна Парк. Претходно ќе треба да внимаваш како влетуваш на уличката, да не те собере некој од скопјаните кои тука возат автомобили како да се автопатот кон Велес. Не дај Боже да има Хронова болест!
    Јас да ви кажам, немам намера да одам на таа плажа. Оти сум научен на друго, како и старите скопјани - ако веќе ми влезе песок во купаќите, треба тие да бидат намокрени. Оти на суво повеќе јаде!
    И ако веќе ми ги отфрлите погорните забелешки како на празен циник, размислете за нешто друго. Додека, според градоначалникот, се разработува новата плажа, колку ли ќе спечалат со тие цени угостителите кои Коце "ги избрал на тендер"?
   
    П.С. Со парите за плажата можеа да платат аванс барем за три нови автобуси, кои Украинците одбија да ги испорачаат поради неплаќање.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 3 јули