Showing posts with label сообраќајка. Show all posts
Showing posts with label сообраќајка. Show all posts

07 November 2010

Час по физика


    Во основно и во средно училиште, моите професорки по физика важеа за строги, но начинот на кој ги пренесуваа содржините на лекциите и ни ги расветлуваа тајните на физика, сега ми изгледа многу умешен и педагошки правилен. Тие и најсложените термини и закони знаеја да ги објаснат просто, за да ги разберат веднаш нашите млади глави.
    Мислам дека многу бргу ги запаметив поимите маса, брзина, забрзување, инерција... Се разбира, испарило некое знаење, но честопати ми се обновува. Нешто гледајќи документарни емисии или серии, нешто во секојдневието. На пример, кога ќе се качам во автобус на ЈСП. Како пред некој ден. Качувајќи се во 19-ка утрината, првото искуство ми беше авионско. Знаете, како она на самиот старт на полетување кога пилотот одеднаш ги отпушта кочниците, па инерцијата те треснува од наслонот на седиштето ако не си залепен за него со грбот. Со таа разлика што во 19-ката не бев седнат... Па масата на моето тело фатена од инерција во дел од секунда се најде 2-3 метри наназад, со едното колено на земја. Но пилотското забрзување на возачот стар четириесетина години, не му беше доволно. Веднаш потоа го продолжи “предавањето” за инерцијата и забрзувањето, кога на речиси празната улица се залета да престигнува автомобил, а потоа мораше нагло да прикочи. Сега моето тело, кое сепак беше фиксирано преку едната рака на држачот, мрдна само околу половина метар нанапред. При што благодарение на рефлексите и брзиот маневар на вратот, избегнав директен судир (односно, претворање на кинетичката енергија во потенцијална, со потенцијална последица блага контузија на мозокот) со вертикалниот држач.
    Елем, многумина возачи во ЈСП од чие управување би се исплашил и лудиот возач на Формула 1 Себастијан Фетел, наскоро ќе мора да возат и даблдекери... Кои не знам зошто премиерот и компанија решија да ги донесат на скопските улици. Но, кога конечно ќе пристигнат, секако ќе ја збогатат практичната настава по физика. На пример, ќе ни помогнат да го совладаме градивото за тежиштето. Научени на сегашните автобуси, кога возачите ќе влетаат во кривина како магаре во градина со зелка, патниците ќе сфатат дека даблдекерите (во кои, иронично, ќе може само да се седи) имаат повисоко тежиште - факт што ќе им го илустрира наведнувањето на една страна со одвојување на двете тркала од другата страна од асфалтот.
Ама не е сѐ толку негативно. Во даблдекерите ќе учиме и цврстина на материјалите. Производителите кои во Кина ги посети министерот Јанакиески не уверуваат дека автобусите ќе бидат цврсти. Кога на пример некој таков залетан даблдекер ќе удри во автомобил, немало опасност горниот дел да се одвои и да лизне напред. А и ако се превртел на страна, немало да се преполови...
    Ама, ајде доста со физика. Да преминеме, мислам, сега на психологија! На пример, дали скопјани, научени во полн автобус да се движат од предна врата максимум до средна, во двокатните автобуси ќе се решат да се качат горе? Посебно ако треба да се возат максимум четири-пет постојки...
По нови релации, се разбира. Линиите ќе мора да се сменат, научивме сите, оти двокатните Кинези ќе може да се движат само по половина од сегашните...

    П.С. Може требаше да нарачаат кочии со коњи наместо даблдекери како оние од педесетите години - за да се ускладат со кич-центарот на Скопје во изградба.

    Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 23 октомври 2010 година.