Showing posts with label споменици. Show all posts
Showing posts with label споменици. Show all posts

18 December 2010

Невидливиот човек

    Претполагам дека малкумина се оние коишто повеќепати во животот не посакале да бидат како јунакот на една новела на помалку чудниот Херберт Џорџ Велс. Да заличат на научникот Грифин од „Невидливиот човек“. Не целосно, верувам, оти не би сакале да полудат, ама сигурно би сакале да станат невидливи барем во некои клучни мигови. За да може така да се мушнат некогаш во некоја просторија па да чујат некоја важна информација, инсајдерска, која би им помогнала да се збогатат; или да дојдат до некоја мудрост туѓа како да си го поразат непријателот; да видат каков е некој зад затворени врати или пак само да чујат што другите навистина мислат за нив...
    Но, тоа, драги мои, сега и во иднина ќе биде само научна фантастика. Во кој жанр е сместена и новелата на Херберт Џ. Велс. И сега што правиме со таа пуста желба иманентна, што ќе рече присутна, во секој човек? Ништо! Ќе мора да бараме компензација, сиреч други начини, за задоволување на таа глад. Да чекаме пријател ли, весник ли, сајт ли, социјална мрежа ли, книга ли, да ни ги даде информациите што ни се потребни.
    Во сферата на геополитиката тоа веќе се случува. "Викиликс" моментално ја ремети американската дипломатија. Објави еден куп депеши, коишто, како што кажува името, требало да останат нешто што ќе го дознае само дипломатијата на САД и државниот врв. И игра улога на доброупатен човек којшто информира што се случувало и зборувало зад затворени врати. Импликациите на овој потег допрва ќе се согледуваат, и иако веќе се разви дискусија на интернет за тоа што може да се очекува после оваа бомба и колку е оправдан потегот на "Викиликс", немам намера да завлегувам сега во тие води.
    Повеќе би сакал да замислувам дека по некое чудо овој сајт некогаш ќе објави еден куп документи и разговори коишто ќе ми помогнат да дознаам зошто се направи таков невиден грабеж при приватизацијата во кревката македонска демократија; зошто цели две децении се водеше таква надворешна и внатрешна политика во оваа држава; зошто се земаа толку многу кредити и каде отидоа парите од нив; зошто тргнавме во плурализам дури и порано од Словакија, а сега оваа земја е светлосни години пред нас - и економски и во поглед на политичкиот кредибилитет во рамките на европското семејство, но и во поглед на внатрешната демократија - да не зборувам за други многу попознати и пославни примери во овој поглед, како Словенија, Полска...
    Би сакал Викиликс некогаш да објави и психолошки профил на овој народ, кој упорно гласа за едни исти луѓе и партиски знамиња, без разлика дали сега се на власт или во опозиција; да дознаам зошто како народ дозволуваме толку да нѐ лажат, и тоа со конструкции кои и детенце некаде во странство веднаш би ги препознало како измама.
    Би сакал и да дознаам зошто освен еден грст луѓе, кои не се политички активни, сите други седиме и молчиме додека ги трошат парите што јас и ти ги внесуваме во државниот буџет, а власта ни ги троши на споменици, мостови и палати покрај Вардар. Оти тоа им било приоритет, молим ти се?!


    П.С. Да биде невидлив, сметам, сега би сакал да биде и Иво Санадер, претходниот премиер на Хрватска. Оти таму државата посегна и по него.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 11 декември 2010 година.

12 June 2010

Споменична фузија со МРТВ

    Уште пред години ставив кабелска дома. Најмногу ме привлекуваше понудата на документарни канали, во кои покрај извиканите Нешенел Џиографик и неколкуте на Дискавери, ги имаше и Вајасат Хистори и Вајасат Експлорер. Сите редовно ги гледам. Покрај тоа што ми се многу полезни за да си ги пополнам дупките во знаењето, ми овозможуваат и да "шетнам" по светот.
    И од толку гледање - и самиот некогаш се фаќам како посветувам премногу време на шарениот прозорец кон светот поставен во дневната - не се сеќавам дека имам видено толкава споменична еуфорија како македонската, освен можеби во Туркменистан и во Сенегал... Ама таму власта е тоталитаристичка.
    Од тој спектар на владеењето нешто ни се случува и нам. Владеачките партии сакаат да ни ја материјализираат историјата пред очи. Во тој правец ќе ги прошират музејот на ОНА отворен пред неколку години и Музејот на македонската борба кој треба да се отвори наскоро. И двата да се протегнат до централниот плоштад на Скопје. Кој ќе го начичкаат со споменици и "остарени" градби во рамките на донекаде реализираниот прескап проект "Скопје 2014". Па кога ќе шеташ по плоштадот во вечерната летна спарнина, дополнително, покрај внимавањето да не се судриш со некој од скопјаните уверени дека цел плоштад е нивни, ќе мораш да пазиш и да не удриш во Даме, во Ченто, во илирската кралица Теута, во овој, во оној... Оти ќе нема место за шетање со толку споменици, кои сепак, разбравме, се според Рамковниот договор.
    Да се правеле споменици пред половина век, ќе разберев... Телевизија речиси и нема, интернет јок, книгите релативно скапи... Па и печатени во црно - бело. Можности да се информираш за работи што се случувале во светот малку... Од весниците, со задоцнување од два-три дена. А и за својата историја дознаваш од книги, учебници. А во нив да се стави фотографија во тоа време, подразбирало долг и скап процес... Да се направи клише, па да се вметне на ваљакот...
    Затоа порано се правеле споменици. Покрај основната улога - да се одбележи некој настан и човек - и на луѓето да им се долови визуелно настанот или ликот на истакната личност. Ќе го направиш еднаш споменикот и тој ќе си стои со децении, со векови... Ќе едуцира.
    Ах, да, почнав за телевизиите да зборувам... Милина брате, тоа кабелските! Посебно Вајасат Хистори кој редовно си го гледам... За разлика од Македонската телевизија, која не ја гледам. И не знам зошто би ја гледал тапа е, што би рекле скопјани - иако плаќам редовно радиодифузна такса, покрај сметката за кабелската.
    Па си велам: чекај бре, овие во МТВ и онака не може да си ја пополнат програмата, па што не снимат еден куп документарци за сите личности на кои власта сака да им крене споменици, па нека ги емитуваат на секој час. Та буџетите за сето тоа би чинеле само еден отсто од вкупните пари за Скопје 2014. Услови за такви снимања има и отповеќе. Вработени еден куп, накупувани службени возила, огромната зграда покрај Вардар, која, патем, е најголемиот споменик моментално - на глупоста на социјалистичкото управување кое создаде мастодонт како дом на радио и телевизија за нецели два милиони народ.
    П.С. Народот можеби поради документарците ќе виси почесто на МТВ, па можеби и повеќе ќе ги гледа актуелните властодршци, кои се редовни "гости".

(Објавено во „Сега“ - „Шпиц“ на 12 јуни 2010)