Showing posts with label улавост. Show all posts
Showing posts with label улавост. Show all posts

14 December 2010

Климе и Cray-zee

    Многу ме израдува веста дека на Универзитетот за информатички науки и технологии во Охрид се составува првиот македонски суперкомпјутер. Уште повеќе ми се бендиса тоа што висококомпетентните професори и нивните студенти нашле солуција тој да чини колку „Голф 5“. И не се сомневам дека ќе биде така.
    Но најсилна радост ме обли од веста дека компјутерот (кој, патем, би било прикладно да го наречеме со две имиња - едното е „Климе“, кога веќе ќе се роди во Охрид, а за второто ќе разглобувам малку подолу) ќе стои достојно рамо до рамо со најмоќните светски суперкомпјутери по една, за мене, како поборник на слободниот софтвер, многу битна работа. Имено, и тој ќе работи со верзија на оперативниот систем „Линукс“, што е случај со 470 од „ѕверовите“ кои годинава влегоа во листата „Топ 500 суперкомпјутери“.
    Ама, ајде да не се занесувам премногу со фалењето на „Линукс“-от, за тоа може да ви зборуваат момците и девојките од организацијата „Слободен софтвер Македонија“. Имам друга работа...
    Елем, мислам дека новиот суперкомпјутер, за кој авторите велат дека преку интернет-врска ќе биде достапен бесплатно за сите академски институции, ќе мора да помогне да се одгатнат некои работи кои се случуваат во земјава, во која има и отповеќе улавости. Затоа и мислам дека второто име мора да му биде „Cray-zee“. Cray по името на првиот прославен суперкомпјутер на светот, „роден“ пред повеќе од три децении, а тоа -zee пак е тука оти не ми текнуваше ништо подобро за да го формирам името, кое кога ќе се изговори е идентично на англиското crazy. Односно: улаво.
    А улафчини, како што би рекле беровци, во земјава има и отповеќе. Исто како и работи што моментално може да те споулават. Летаат и убиваат покриви на болници и на училишта, гладните стечајци упорно си трошат пари за од внатрешноста да доаѓаат во Скопје да бараат спас од Владата, која очигледно не ги есапи ич, а во меѓувреме се тепаме на мртво на спортските натпревари, па запира мечот за спортистите да ја гледаат пресметката на навивачите на трибините...
    Владата е незаинтересирана за обврските кон училишните сметководители кои се без плата повеќе од половина година; не сака да ги вдоми пак под покрив на училиштата училишните стоматолози; а во меѓувреме си продолжува изградбата на Триумфалната порта и на спомениците од „Скопје 2014“, исто како и на еден куп згради на кејот на Вардар во Скопје. Па добро бре, во ова време на криза ли е приоритет изградба на нефункционални објекти? Зарем не можеше толку пари колку што се предвидени за „Скопје 2014“ да се наменат за итна санација на основните и средните училишта. Некаде децата седат на клупи од пред 40 и кусур години.
    Нејсе, ќе ја искористам и јас првата прилика да го прашам „Cray-zee“ со парите за „Скопје 2014“ колку нови училишта може да се направат...

    П.С. Втората работа што ме израдува неделава е тоа што ќе имаме Германски божикен базар пред ГТЦ. Па ќе се почуствувам и јас еднаш како во Нирнберг или во Минхен. Кои можеби и никогаш нема да ги видам со свои очи. Посебно ако ни ги акнат пак визите поради „азилантите“.
    Нејсе, ќе се радувам пред Нова година... На 20 овој месец ќе видам како работи „Климе“, а потоа од 25 ќе навалам на вурштови и германски пива на базарот.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 4 декември 2010 година.