Во време кога шерифот Меклауд ти го фукна Доминик Строс Кан во њујоршка апсана ко да е ситно дилерче, а не прв човек на Меѓународниот монетарен фонд, институцијата што го држи паричниот крвоток на светот, се замислив малку за тоа што народот на ова поднебје сторил за тоа да се заштити себеси и да го заштити општото добро. Зборувам за постсоцијалистичката ера, за периодот на демократијата. И за демократските алатки што, чинам, ни стојат ’рѓосани, а неупотребени.
Ете, Американците, на пример, чија држава се раѓа цели 14 години откако на тукашната православна паства и ја убиваат тогашната Охридска архиепископија, некои работи ги решиле одамна. Сфатиле дека одредени институти на општеството се за сенародно добро, па ги заштитиле од интервенциите на врските, моќта и парите. Не идеално разбира се, но таму и да си Бил Гејтс, на пример, и да те фати некој локален џандар дека си возел 4 милји на час побрзо од дозволеното, не те пере братко ни тоа што можеби претходната ноќ си бил на пијанка со претседавачот на Сенатот. Никој не може да ти ја скине белешката - ќе си платиш или ќе си одлежиш. Полицијата е многу посилна од богатството. Тоа го сфатиле и богатите, оти полицијата е тука и да им го чува богатството од апаши, па сфатиле дека не треба да ја злоупотребуваат, туку да ја негуваат и да ја цврснат.
Истото им е и со судовите. И Обама да влезе во судница како сведок, има пиперевка, бре, да му игра на судијата, иако овој можеби и не е толку достоен на фотелјата, оти е локален шеф на Кју Клукс Кланот, или неоткриен педофил... Се знае дека на претседателот му е ограничена моќта до портата на судница, а на судијата пак со правосудниот систем.
Истиот тертип во Соединетите Американски Држави, уште многу, многу одамна е применет и врз новинарството. Тоа таму е вистинска сила. Тоа првпат посредно го спознав уште од времето кога во Скопје Американскиот центар беше карши „Беко“, каде што земав едно книжуле кое требаше да биде афирмативна брошура за САД. Таму на неколку страници во детали беше објаснето колку национални, колку локални, колку специјализирани телевизиски станици има, колку весници, колку радија и на кои бранови емитуваат. Од гордоста со која се набројуваа податоците видов дека во „Америка“ развиеното новинарство се смета за сервис на јавноста и коректив на власта. Без разлика во чии раце е - на бизнисменот Џек или на околискиот совет. Како пак изгледа работата на американските новинари, покрај во експлозијата на есеи на специјализираните новинарски сајтови, можев да дознаам и од еден искусен новинарски волк, кој тука во Скопје држеше предавања. И се фрапирав колку пати повеќе е лесно да си новинар во САД.
Земјава, како што се гледа од приложеното, во тој поглед е уште во камено доба. Половина година власта „тера мак на конац“ да ја затне устата, да ја уништи првата приватна телевизија А1, како и весниците „Шпиц“, „Време“ и „Коха е ре“. Не и се по ќефот, ја критикуваат. Што, пак, суштински е задачата и смислата на новинарството. Ама ВМРО-ДПМНЕ тоа не го интересира. Партијата сака да постојат само нејзините медиуми - такви пак станаа грото од играчите на новинарската сцена.
Во таа констелација, навистина трагично е што ДПМНЕ реши ниту еден нејзин истакнат член да не оди на ТВ дебати. Ем медиумите се кажи-речи нивни, ем и таму се плашат да се појават! Па ово нема ни у Београду...
Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 21 мај 2011 година