Showing posts with label јавно здравство. Show all posts
Showing posts with label јавно здравство. Show all posts

02 June 2010

Аирлија работа мајстори!

    Си имал некој селанец мака со парите, па морал со години да собира, од устата на семејството да двои, за да си купи коњ. Кога конечно му се исполнила желбата, сфатил дека не направил шталичка за да не ѕемне новиот член надвор. Па му турил огламник на коњот и кинисал со него во коријата да влечка трупци за греди и штици за шталичката.
    Од радост просто подлетнувал, како да не ја газел земјата. И така од утро до вечер... И го тепал коњчето кога преморено ќе застанело да собере душа... Сѐ додека по 3-4 дена, утрото не го нашол кутриот млад коњ веќе истинат во дворот. Ненаучен на работа, пцовисал од преголемиот труд. Новиот стопан мислејќи дека добро прави, не повел сметка колку може кутрото животно да издржи.
    Слично на овој немукаетлија стопан, и власта во моментов презема некои чекори во манир што открива дека ги нема баш предвид состојбата и издржливоста на народот. Што е акутен проблем посебно во здравството.
    Да почнеме. Пациенти на Клиниката за рендгенологија во Скопје чекале по два и повеќе часа завчера да им се закаже снимање. Многумина од нив треба да се подложат на комплицирани операции на другите клиники, но морале да чекаат да закажат снимање. Мачната слика ја уловија телевизиски камери, по што од клиниката се правдаа дека на шалтерот за закажување работи само еден човек, оти во истиот ден им се разболеле двајца луѓе. Добро. Можеби е и така.
    А можеби е проблем и нешто друго. Кое власта го одрекува. Дека во Клиничкиот центар се случува и криза и егзодус - главно на лекарите, ама и на другиот персонал. И платите несоодветни и опрема главно стара, со материјали се кубури... велат неофицијално, оти речиси никому не му стиска јавно да искритикува.
    Помпезно најавуваниот проект за нова апаратура, која требаше да заврши до ноември ќе се пролоногира, оти се платила само рата за ангиографи. За другото изгледа нема пари. Можеби и ќе има, министерот за финансии Ставрески вети дека со ребалансот на буџетот кој ќе се случи набргу, здравството нема да биде гибнато. А завчера се пофали заедно со неговиот колега во бел мантил со проектот за реконструкција на објектите на здравствените установи.
    Убаво! Само ми личи дека кога ќе ја направат "шталата" нема повеќе да го имаат коњот. Ако нешто не се смени со платите, ќе си испозаминат и тие што останаа во државното здравство, па ќе нема кој да лекува во варосаните и светнати болници со нови камери.
    А и тоа реконструкцијата... се чекало да се ни одобри кредит Банката за развој на Советот на Европа.  Молам? Пак ли кредити? И после враќање на рати. Со камати! Па нема ли државава пари да го направи тоа сама? Чекај, чекај... Да бе, ми текна! Има некои пари... За Скопје 2014, градот убав пак што никнува! Јавноста протестира, на опозицијата ѝ се темни пред очите од кич-расипништвото, а власта не ја боли глава. За тоа се нашло... Брц во чекмеџето и фрлај семе - за споменици, за барокизирани фасади, за мостови, и тие полни 'ко око со споменици... За да гледа народ и да му се крева патриотскиот дух!
    Кој црн народ - ако не ги лекуваме луѓето како што треба, по неколку години можеби ќе нема кој да шета по "затнатиот" скопски плоштад!

    П.С. Можеби ставањето камери по ходниците и шалтерите на болници беше со цел да се види кои лекари им "бегаат".

    (Објавено во „Сега“ - „Шпиц“ на 29 мај 2010)