12 March 2011

Здравство на збор

    После, како што за еден куп македонски медиуми сведочеа директно вклучените страдалници во македонското здравство, катаклизма во овој круцијален сектор на државата, Министерството за здравство повлече потег што, така, на прва погледнат, не  можеш да не го испофалиш. Набавка на нова опрема за установите и болниците. Низ целата држава. Тоа е прилично неопходна постапка, земајќи предвид дека во изминативе две децении на самостојност набавките беа повеќе инцидентни и вистинска реткост.
    Слушајќи првпат за планот да се потрошат седумдесетина милиони евра за медицинска опрема, се израдував. Оти иако сум немал потреба од нив, ме фаќаше тивок ужас од помислата на апаратите за магнетна резонанца, за компјутерска томографија, итн. Опашките што им беа закачени се провлекуваа со месеци... Одиш на снимање оти лекарот ти го препишал поради дијагноза, за да може итно да почне да те лекува, а ваму ќе ти речат дека ќе те снимаат после 6, 8, 11 месеци!? Во такви услови, навистина, и одлуката за набавка на само еден нов апарат за магнетна резонанца е фантастична вест, а камоли планот за огромен пакет опрема за секаде.
    Како што почна да се испорачува опремата, изгледаше дека сѐ е в ред... Сите насмеани, министерот нешто зборува, некои „министерки“ се фрцкаат пред камери, некои лекари се тепаат кој поблиску да биде до министерот...
    Севкупната вистина почна да излегува сега на површина... Опрема е купена (во многу случаи по цени повисоки од реалните, во нетранспарентна тендерска постапка, обвини СДСМ), но тоа како е делена е всушност најголемиот циркус...
    Два апарати за анестезија добила Клиниката за пластична хирургија, којашто има мала потреба од нив, оти главно работи со локални анестезии, додека Клиниката за неврохирургија, на која ѝ се постојано неопходни вакви апарати, ѝ дале само еден... Многу интересно е тоа што по еден нов лапараскопски апарат добиле и Клиниката за гинекологија и гинеколошката болница во Чаир. Во првата се вршат и по 700 интервенции, во втората 200. Простата математика покажува дека ако се работело фер, првата требало да добие барем три... Тоа раѓа сомневање дека поделбата се прави и по етнички клуч. Во првата директор е Македонец, во втората Албанец (не сакајќи сега да фрлам ниту трошка сомнеж за стручноста). Етничка миризба се засилува и од фактот дека Клиниката за неврологија не добила нов томограф (стариот одамна дотрајал), а таков апарат најверојатно ќе се испрати во Гостивар.
    Нема сомнеж дека опрема треба да се доставува секаде. Ама со потребите како критериум, не со некои други белези.
    И да биде маката поголема, после обвинувањата од фелата дека новите вработувања во здравството се претежно според партиската припадност, слушнавме изминатата недела дека и лекувањето подлежи на тој принцип. Лекари (коишто, нормално, сакаат да останат анонимни) се пожалија дека биле викани од некои директори во скопскиот Клинички центар за да им се каже дека на некои пациенти кои се со партиски книшки од владеачките партии мора да им се овозможи најдобро можно лекување. Другите пак ќе бидат оставени на редовните процедури.
    Следователно на сѐ што кажавме досега, предлагам да се смени името на здравството. Оти е тешко болно. И слабофункционално. А сите ние го плаќаме.

    Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 19 февруари 2011 година.

11 March 2011

Ринги- ринги- рингишпил!

    Мајстор Мијалче ја спушти кантичката на земја, ги избриша замастените раце со пуцвалот и крена рака. Машинистот Грујо го разбра сигналот... “Стегнато е, подмачкано е, може да тргне”. Ја грабна големата рачка и ја 'ргна напред. Трупу-трупу-врр-врр-др-р-р-р-р-р-р-р... Моторот даде сила и почна силно да се врти гумениот каиш шиен со бакарна жица на пет - шест места. Големиот рингишпил закитен со репродукции на барокните мајстори и со фотографии на Версај, Брисел, Лондон Шенбрун, Санкт Петербург, ама и со фотографии на комитски чети, почна да се врти. Како што седиштата закачени со `рѓосани синџири почнаа да завлекуваат настрана и нагоре, благајникот Ставре се зафати да ги брои талончињата. Се замисли. „Пари дури и помалку од претходно, кога ги немавме овие дречливи слики. Згреши газдата, потроши куп пари, а сега рингишпилот дури како да им е одбивен на луѓето”. Да, Ставре не еднаш виде раце со вперени показалци и цинично смеење.
    Децата качени на седиштата почнаа да врискаат. Од кркорливите звучници почна да свири Балашевиќ: „Знам, ово све сам мого реќи и пре, ал' птица трпи док је бар метар неба. Нисам хтео да се мешам, испашќку ко велим, смешан... Слободане! Слобода-не! И ја понекад попушим, ал' због тог земљу не рушим. Слободане!”
    Сликите на таблите на рингишпилот почнаа да се претопуваат во една какофонична лента, замелушувајќи ги умовите на родителите што го гледаа големото развртено тркало онолку колку што им се замелушуваше видот и им се растопуваше свеста на децата на рингишпилот...
    Потпрен со лакотот на големата контролна кутија, Грујо влечеше димови од цигарата и гледаше во далечината... „Ајде белким месецов ќе го продадам рингишпилот. Не ми се даваат, бре, пари за поправка и за замени. А и оваа глупост сега... Им текнало дека нема повеќе „рингишпил“, туку мора да се преименува во „хоризонтално тркало за забава“. Па, кај го има тоа?! Толку време сум со ова, цело време си го викам „рингишпил“... Не, не, нема шанси - продавам и се повлекувам од оваа работа... Друг, ако му чини така, нека менува што сака! Само, мора да бидам малку `ладен`, за купувачот да си помисли дека баш и не сакам да се ослободам од него.”
    За тоа време траеше лудата забава на децата. Гледаа нагоре кон небото, во кадарот им влегуваа и царските палати и комитските качкети, сѐ им се измеша... Гледаа сино небо со виножитни ленти. Екстаза!
    Оние долу, коишто ги платија билетите, веќе почнаа да добиваат нагон за повраќање. Тие ја немаа забавата, сѐ им се измеша во хаос, почна да ги боли и тоа што од малкуте пари што ги имаа - ах, што ги дупна ѓаволот! - му дадоа на овој продавач на шарени лаги така да ги „извози”. Море, само нека заврши оваа тура, та тие веднаш ќе ку кажат да си се спакува и да се витоса веќе оттука!
    „Деца у месту путују, младост на тачке купују. Слободане!... Дал сам бесан, да ли гризем? Пардон, је ли ово касарна ил' земља?“, гровташе гласот на панонскиот морнар од раскапаните звучници...

    Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 12 февруари 2011 година.

Излуфтирајте, Јустиција припадна!

    По најновите случувања со медиумите на Перо Наков, јавноста уште еднаш можеше да слушне дека состојбата на судството во земјава е сѐ само не добра. Опомени дека независноста на судството е мисловна именка упатија и евроамбасадорот Ерван Фуере и амбасадорот на САД Филип Рикер. Што се надоврза на Извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија во 2010, каде што беше отворено кажано дека состојбата е лоша и дека министерот Михајло Маневски врши притисок врз судството, преку неговото членство во Судскиот совет.
    Си мислам, па цели две децении веќе живееме во плурализам, државата одамна ни е полнолетна, а сѐ уште добиваме критики и од натре и од надвор за судството, за ресорот на божицата Јустиција, којшто би требало да биде главната контрола на битисувањето на заедниците опфатени со македонските граници.
    Вината за тоа секако треба да се бара и во судските згради, и во зградата на Министерството за правда, ама пред сѐ во штабовите на партиите кои владееја со ова колнато парче земја од осамостојувањето досега. Или во становите и канцелариите на оние коишто вака или онака решиле да излезат од формата на партиското дејствување, засолнувајќи се така од идниот можен бес на луѓето осиромашени од нивниот криминал. Па, 20 години не се малку бре луѓе! Имаше време и да се научи од светот, имаше време и да се извежба и одамна да заживее зрело, независно и прописно судство. Ама не сакале така тие коишто сме ги избирале да ја водат државата. Сакале алипно судство, оти така полесно се контролираат работите во државата во полза на своето и партиското чекмеџе.
    Акутниот проблем што сега треба да се решава е отстранувањето од Судскиот совет на Маневски, единствениот член на владиниот кабинет спомнат по име во Извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија во 2010. Маневски, првиот министер којшто се дрзна на прес-конференција да не одговара никакви други прашања освен тие за коишто си „научил“, односно за темата на пресот, додуша кажа дека кај власта има волја да се направат уставни измени за да се тргне министерот од Советот. Истото го кажа и премиерот Груевски, ветувајќи ѝ на опозицијата на последната парламентарна седница за пратенички прашања дека ги поддржуваат измените, не заборавајќи да напомене дека членството на министерот за правда во Судскиот совет го внел СДСМ во 2005 година. Но, колку тоа ќе се реализира сега ќе видиме, куп партии не се во Собранието, знаете зошто, да не се повторуваме...
А    лександра Зафировска, наследничката на Васил Грчев во првата фотелја на Судскиот совет избрана неделава, го дели ставот на меѓународната заедница дека местото на министерот не е меѓу судиите-регулатори на фелата. Но таа, орлеански храбро, исто така побара и судиите јавно да кажат кој им врши притисоци, за да почне да се преземаат мерки во институцијата што таа почна да ја раководи. Призна дека има судии кои се корумпирани. За разлика од нејзиниот претходник Грчев, кој на заминување се дрзна да каже дека состојбата на судството била многу подобра отколку во некои земји членки на ЕУ. И остана жив, замислете!
    Како и да е, историска одговорност лежи сега и пред власта и пред другите чинители, судиите пред сѐ, да ги отворат прозорците во судовите и да проветрат од корупцијата, непрофесионализмот, мрзеливоста, оти на божицата на правдата ѝ се слоши од смрдеата што се насобрала во нив.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 5 февруари 2011 година.

15 February 2011

Студентска мака - проширена и надградена!

    Чинам имав небесна среќа што моите години на студирање се врзани со Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Ем студирав нешто за што мислев дека е перспективна професија, ем имав професори и асистенти кои како да беа од друга галаксија. Вистина ви велам - сушта спротивност на она што тогаш го имаа како највисок кадар по другите факултети на Универзитетот „Кирил и Методиј“! Да не ги именувам сега сите, иако би требало, некои од нив се во пензија, некои сѐ уште таму - ама сите заедно, вклучително и библиотекарката, ми овозможуваа секој ден да се чувствувам привилегиран. Сите беа минале по шестмесечје, година, па и по повеќе години во САД и Велика Британија, предавале таму... И ни го правеа студирањето исто како во тие земји. Работеа заради нас, а не како ние студентите да сме таму заради нив...
    Но, наставата не им беше единствениот ангажман. Кој превел капитални книжевни дела, кој издал трудови што беа референтни општо за книжевноста и за науката за јазикот, кој твореше во поезијата и прозата... Ги имаше нивните имиња во македонските и странски списанија. Многу денови во амфитеатрите и предавалните минав за да можам со увереност да го кажам ова: предавањата и вежбите беа задоволство, оти беа добро подготвени за нив. А тогаш немаше интернет!
    Тоа за многу мои пријатели и познаници кои студираа по други катедри и по други факултети, беше нешто како научна фантастика - се соочува со сосема спротивни нешта на своите студии.
    И добро ќе беше состојбата на тие мои блиски да завршеше тогаш. Но не се случи тоа. Како што следев во изминативе речиси деценија и пол, состојбата на многу факултети остана истата. Да, им ставија компјутери, ги врзаа на интернет, па и книги странски им купија, престои во странство им плаќаа на магистри и доктори - ама некако мене работата ми се чини дежа ви! Не гледам дека многу се запнува со научна работа (за што можеби вината е и во малкуте пари што се префрлале за тоа во изминативе децении). А и педагогијата им е „тера инкогнита“ - уште има многумина што сметаат дека титулата м-р или д-р е одлично алиби да се празнат фрустрации врз студентите...
    Да не должам премногу - министерот Никола Тодоров, кому имам многу работи да му префрлам - сега не можам премногу да го кудам. Решил да преземе некои мерки за кои смета дека ќе донесат проветрување и подобрување во професорските кабинети. Смета дека професорите малку работат во споредба со просечната работна недела. И мислам дека е во право за тоа. Како и дека не запнуваат многу кога станува збор за нови трудови, за едно држење кондиција и реноме во фелата. И тука, кога станува збор за многумина вработени на универзитетите, е во право.
    Ама малку ја претерува со контролата и со корективите. Нека не им создаваат дополнителни стресови на студентите, туку нека се насочат на оние од другата страна на катедрата. Оти професорите се платени - а студентите плаќаат!

    П.С. Не дека сѐ е чкарт на факултетите - има многумина магистри и професори со сите нишани, кои лесно се двојат од флотантната маса. Ама нема гајле - тие од прва ќе положат!

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 15 јануари 2011 година.

Сите во Дубаи

    Почна годинава со убаво и со многу силно ветување за радост и бериќет. Преку првите рожби во новата година, близначиња, машко и женско. Го здогледаа светот во приватната болница „Ремедика“ во првата минута. Бевме јас и, верувам, многумина други, охрабрени, оти сметавме дека тоа е некаков знак од небото дека годината ќе ни биде родна, радосна, расцветана, разумна и како ризница. Оти претходно нѐ удри рецесијата, па не беше баш пријатно.
    Арно ама, клопчето почна да ни се расплеткува во друга насока. Ај што си продолжи тој бишка-грипот од претходната година, туку ни продолжи и рецесијата, која власта отпрвин ја негираше, па после ја „смалуваше“. Тие две работи мене баш и не ми се испрчија отпрво пред очи како знак дека нема да биде така како што сум се надевал. Требаше да ме тресне по нос тупаницата на власта во почетокот во февруари. Признавам бев неспремен. Не ги предвидов добро лошите знаци.
    Ме акна, здраво ме акна. Ги паметам вестите кога ги видов истопорени. Од тоа насмевките, да признам синестезија ме фати. Од сликата што ја гледав, нешто во мозокот се групираше и - не лажам! - ми се чуја и дисторзирани фанфари!
    Ама набргу ми падна мрак пред очи. „Скопје 2014“. „Свих ми бубњева Дарквуда!“, што би рекол Загор Те-Неј, стрип-јунакот на моето детство. Во време на криза, кога речиси секој сектор на државата се распарува, кога од позитивни промени имавме само најави и Потемкинови села, власта реши да арчи пари на ангро на гол фодуллак. И иако потоа се случуваа еден куп протести на стечајци и лекари; иако стопанските комори цвилеа; иако гувернерот на Народна Банка стегаше и отпушташе за да ја задржи монетарната стабилност; иако на матичните лекари им ги намалуваа надоместоците по пациент; иако социјалците постојано се бунеа дека парите им доцнат, исто како и стипендиите за студентите; иако индустриското производство паѓаше; иако извозот паѓаше или стагнираше, нашата власт продолжи смело со својата налудничава идеја да инвестира во споменици и во реконструкција на Скопје. А колку да измие образ, поднабави по некој апарат за здравствените установи - ама кога ќе се земе целата вредност на тие набавки, не изнесуваат ни колку копитото на коњот на Гоце пред Камени!
    Такво градежно лудило како кај нашата власт, го зафати претходно владетелот на Дубаи. Само што тој сепак реши да инвестира во туристички капацитети, нешто што би носело многу приходи на емиратот. Но и покрај тоа, неговата корпорација банкротираше. Веста за тоа го обиколи светот.
    Се прашувам, во фонот на овие настани, каков епилог може ние да очекуваме во годинава што е пред нас. Кога нафташкиот шеик, кој покрај личното богатство трошеше и пари од странски инвеститори и кредитори, „рикна“, што ќе ни се случи нам? Ние ни инвестиции не можеме да привлечеме. Ене, Бунарџик 1 работи со само 15 отсто од планираниот капацитет, а „Шише Џам“ фино ни рече „Чао, шашма државо...“
    Како што се покажа власта досега, сметам дека заслужуваат да ги спакуваме сите топтан и да ги испратиме во Дубаи. Да учат таму какви чекори презема владетелот Шеик Мохамед бин Рашид ал Мактум за да се извлече од кашата. Но и поради друга работа - таму повеќе ќе бидат од фајде отколку тука кај нас. Во некоја актракција - музеј на лудите соништа!

    П.С. Абе, ова бишка-грипот пак се врати, а? Ау, да не биде новава година како изминатава? Леле мајко...

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 31 декември 2010 година.

Совеста и свеста

    Многу ме замисли една вест што стаса до мене, а верувам и до вас, завчера. Некоја Италијанка ја загубила работата. Ја зафатил сиромашката очајот, па си помислила „Ете, сега како најголемиот дел од Италијанците на мои години, ќе мора да се враќам да живеам кај родителите. Пари за кирија нема. Каква срамота!“ Заклучила дека дотаму е работата. Намера ѝ се родила да си го прекине животот за да го избегне срамот.
    Арно ама, како што и кажуваат психолошките студии и практиката, и кај неа како кај огромен дел од луѓето што помислуваат да си го одземат животот, намерата не била моментална и бесповратна. Па, како и другите потенцијални самоубијци, решила да ја обелодени. На својот профил на „Фејсбук“. И веднаш забележале нејзините пријатели и ја алармирале полицијата. Полицајците ѝ телефонирале на депресивната жена и ја задржале на телефон додека во нејзиниот дом не пристигнале специјални полициски и здравствени екипи, кои успеале да ја предомислат од плановите за самоубиство.
    Ух-хух! Пребирам сега по сеќавањата за некој таков случај кај нас, и да ви кажам право, не ми текнува на нешто такво, туку само на нешто слично, а сепак многу различно - поддршка само на збор, без разлика дали на социјалните мрежи, по блоговите, или во муабетите...
    Ама затоа ми текнува на други работи. На очајните приказни и судбини на некои поединци или групи луѓе кои бараа помош, поддршка, правда, збор на утеха (некогаш и безгласно) - со многу солзи на лицата. На пример стечајците од приватни фирми. Останале без работа, па во десетици наврати од цела Македонија доаѓаа во Скопје да бараат милостина од Владата. И не добија. Е сега, се прашувам колкумина од нас, кои го сфатија безизлезот на овие луѓе, најдоа за сходно да дојдат да ја дополнат бројноста на протестите. Макар и да стојат десетина метри понатаму, но да им се придружат во грлените повици.
    Колкумина пак се потресоа од мрачните приказни за хоророт што на хроничните болни и на пациентите им го приреди здравството во изминативе години. Колкумина се решија да напишат писмо до Владата за да ѝ кажат дека не бива, бре, така да прави со парите што тие како даноци ги плаќаат - да ги залива во грамадни споменици, наместо да ги материјализира со лекови, во нови терапии, нови специјализации...
    Примери многу. Кога „Макамтранс“, независниот синдикат на камионџии, најави пред два-три месеци протести пред Владата за да побара намалување на цените на зелените картони, упатија и повик сите сопственици на возила да им се приклучат. И што се случи? Ништо. Блиску до шлеперот и дваесетината синдикалци имаше само возачи во автомобили на поминување.
    Да не набројувам премногу... Имало многу протести и поплаки кои минале само со директно засегнатите. Другите стоиме на страна. Сѐ до мигот додека не нѐ зачеша и нас судбината. А тогаш, кога ќе се свртиме, гарантирам, нема да видиме никој покрај нас. Оти сите сме такви. Мува не нѐ лази. Ниту свест, ниту совест покажуваме. Како да ни ги отстраниле и мозоците и совеста. А бидејќи речиси сите сме такви и малубројни се оние што отворено ќе застанат против лошото, чекориме сите кон амбис во ритамот на несолидарноста.

    П.С. Посебно опасен е молкот за многу пренасилни, брутални, не толку оправдани постапки на полицијата.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 25 декември 2010 година.

18 December 2010

Бутел 2014

    Во болница сум лежел само еднаш. Во 1996 година во Воена болница. Мојата матична лекарка не сакаше да ме пушти во Државна, оти ми рече дека стопати подобро ќе бидам третиран во огромната зграда карши базенот. И сега на др. Лиле од „Феличита“ сум ѝ многу благодарен. Исто како и на др. Слободан, кој кога ме виде во каква состојба сум, веднаш ме прими во Воена. Беше, како што чув во тие две недели во болницата, извонреден стручњак во својата област, поприлично познат надвор од нашите граници.
    После 15-16 дена од таа болница излегов излекуван, но, како што ми кажаа потоа роднините и блиските, и малку поправен. Делумно тоа се должи на лежењето и слабата физичка активност, но главно на храната што ја добивавме. Навистина добивавме одлично избалансирана исхрана, за непцето разновидна, а за волуменот на желудникот - потаман. Се гледаше дека добри мајстори работат во кујната...
    После најновите случувања во Клиничкиот ни центар со фирмата која подготвуваше храна за болните, повторно се вратив на тие мои болнички денови.
    Дента кога фирмата „Хацат“, која пет години доставувала храна за болните од која биле задоволни и пациентите и лекарите, решила да прекине со испорака оти државата им е должна милион евра, во Клинички се прибегнало кон итни мерки. Купиле кифли за пациентите, а и побарале појадок од Воена болница. Каде што мислам дека уште се готви како што треба. Па така барем за малку е избегната кашата којашто на околу 1.000 пациенти во Клинички им ја запржи државата. Која се однесува вон секаква логика. Што пак се гледа и од потезите што ги влечеше потоа. Замислете си само, правдајќи се дека еден ден - потенцирам! - еден ден „Хацат“ не испорачал појадок, министерот Бујар Османи (кој во последно време освен што трча да се слика на презентација на туѓи донации, почна и да им се лути на новинарите што не го фалат) решил да го раскине договорот „оти ,Хацат` го прекршила“
    Ајдееее... А да кажеше тој колку им е платено на „Хацат“! Од каде велат дека Клинички им должи милион евра. Ќе кажеше - да имаше што да каже... Напротив, Османи немаше аргумент за обвинувањето од „Хацат“ дека државата катаљарда пати го прекршила договорот со нив и не им плаќа за тоа што го доставуваат во болничките соби. Ќе да е дека министерството за здравство нема со што да плати - како што се гледа од целата слика во македонската медицина...
    Но, има и друга можност. Бујар Османи е дел од владата која повеќепати напомена дека за нив се приоритет се спомениците и новите градби. Во ова време на криза!!! Кога медицината е во состојба на распаѓање, нема пари за социјалците, производството стагнира... Мајко мила, од ова лудило со „Скопје 2014“ и „Македонија 2014“, мене ми изгледа дека ќе излезе и „Бутел 2014“. Куп нови споменици на пресни гробови. На голем дел од нив со крст - кој им го ставила власта. Само за мермерот сепак ќе мора да платат расплаканите семејства...


    П.С. Во целиов овој заплет, има и друга можност. Човек може да си помисли и дека министерот читал некои книги од алтернативната медицина за лекување со глад. Па веројатно си мислел дека така најлесно ќе го реши проблемот на болните. Тие ќе гладуваат и ќе се лекуваат, тој ќе штеди пари, а „Хацат“ ќе си остане со прстот во уста...


    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 18 декември 2010 година.

Невидливиот човек

    Претполагам дека малкумина се оние коишто повеќепати во животот не посакале да бидат како јунакот на една новела на помалку чудниот Херберт Џорџ Велс. Да заличат на научникот Грифин од „Невидливиот човек“. Не целосно, верувам, оти не би сакале да полудат, ама сигурно би сакале да станат невидливи барем во некои клучни мигови. За да може така да се мушнат некогаш во некоја просторија па да чујат некоја важна информација, инсајдерска, која би им помогнала да се збогатат; или да дојдат до некоја мудрост туѓа како да си го поразат непријателот; да видат каков е некој зад затворени врати или пак само да чујат што другите навистина мислат за нив...
    Но, тоа, драги мои, сега и во иднина ќе биде само научна фантастика. Во кој жанр е сместена и новелата на Херберт Џ. Велс. И сега што правиме со таа пуста желба иманентна, што ќе рече присутна, во секој човек? Ништо! Ќе мора да бараме компензација, сиреч други начини, за задоволување на таа глад. Да чекаме пријател ли, весник ли, сајт ли, социјална мрежа ли, книга ли, да ни ги даде информациите што ни се потребни.
    Во сферата на геополитиката тоа веќе се случува. "Викиликс" моментално ја ремети американската дипломатија. Објави еден куп депеши, коишто, како што кажува името, требало да останат нешто што ќе го дознае само дипломатијата на САД и државниот врв. И игра улога на доброупатен човек којшто информира што се случувало и зборувало зад затворени врати. Импликациите на овој потег допрва ќе се согледуваат, и иако веќе се разви дискусија на интернет за тоа што може да се очекува после оваа бомба и колку е оправдан потегот на "Викиликс", немам намера да завлегувам сега во тие води.
    Повеќе би сакал да замислувам дека по некое чудо овој сајт некогаш ќе објави еден куп документи и разговори коишто ќе ми помогнат да дознаам зошто се направи таков невиден грабеж при приватизацијата во кревката македонска демократија; зошто цели две децении се водеше таква надворешна и внатрешна политика во оваа држава; зошто се земаа толку многу кредити и каде отидоа парите од нив; зошто тргнавме во плурализам дури и порано од Словакија, а сега оваа земја е светлосни години пред нас - и економски и во поглед на политичкиот кредибилитет во рамките на европското семејство, но и во поглед на внатрешната демократија - да не зборувам за други многу попознати и пославни примери во овој поглед, како Словенија, Полска...
    Би сакал Викиликс некогаш да објави и психолошки профил на овој народ, кој упорно гласа за едни исти луѓе и партиски знамиња, без разлика дали сега се на власт или во опозиција; да дознаам зошто како народ дозволуваме толку да нѐ лажат, и тоа со конструкции кои и детенце некаде во странство веднаш би ги препознало како измама.
    Би сакал и да дознаам зошто освен еден грст луѓе, кои не се политички активни, сите други седиме и молчиме додека ги трошат парите што јас и ти ги внесуваме во државниот буџет, а власта ни ги троши на споменици, мостови и палати покрај Вардар. Оти тоа им било приоритет, молим ти се?!


    П.С. Да биде невидлив, сметам, сега би сакал да биде и Иво Санадер, претходниот премиер на Хрватска. Оти таму државата посегна и по него.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 11 декември 2010 година.

14 December 2010

Климе и Cray-zee

    Многу ме израдува веста дека на Универзитетот за информатички науки и технологии во Охрид се составува првиот македонски суперкомпјутер. Уште повеќе ми се бендиса тоа што висококомпетентните професори и нивните студенти нашле солуција тој да чини колку „Голф 5“. И не се сомневам дека ќе биде така.
    Но најсилна радост ме обли од веста дека компјутерот (кој, патем, би било прикладно да го наречеме со две имиња - едното е „Климе“, кога веќе ќе се роди во Охрид, а за второто ќе разглобувам малку подолу) ќе стои достојно рамо до рамо со најмоќните светски суперкомпјутери по една, за мене, како поборник на слободниот софтвер, многу битна работа. Имено, и тој ќе работи со верзија на оперативниот систем „Линукс“, што е случај со 470 од „ѕверовите“ кои годинава влегоа во листата „Топ 500 суперкомпјутери“.
    Ама, ајде да не се занесувам премногу со фалењето на „Линукс“-от, за тоа може да ви зборуваат момците и девојките од организацијата „Слободен софтвер Македонија“. Имам друга работа...
    Елем, мислам дека новиот суперкомпјутер, за кој авторите велат дека преку интернет-врска ќе биде достапен бесплатно за сите академски институции, ќе мора да помогне да се одгатнат некои работи кои се случуваат во земјава, во која има и отповеќе улавости. Затоа и мислам дека второто име мора да му биде „Cray-zee“. Cray по името на првиот прославен суперкомпјутер на светот, „роден“ пред повеќе од три децении, а тоа -zee пак е тука оти не ми текнуваше ништо подобро за да го формирам името, кое кога ќе се изговори е идентично на англиското crazy. Односно: улаво.
    А улафчини, како што би рекле беровци, во земјава има и отповеќе. Исто како и работи што моментално може да те споулават. Летаат и убиваат покриви на болници и на училишта, гладните стечајци упорно си трошат пари за од внатрешноста да доаѓаат во Скопје да бараат спас од Владата, која очигледно не ги есапи ич, а во меѓувреме се тепаме на мртво на спортските натпревари, па запира мечот за спортистите да ја гледаат пресметката на навивачите на трибините...
    Владата е незаинтересирана за обврските кон училишните сметководители кои се без плата повеќе од половина година; не сака да ги вдоми пак под покрив на училиштата училишните стоматолози; а во меѓувреме си продолжува изградбата на Триумфалната порта и на спомениците од „Скопје 2014“, исто како и на еден куп згради на кејот на Вардар во Скопје. Па добро бре, во ова време на криза ли е приоритет изградба на нефункционални објекти? Зарем не можеше толку пари колку што се предвидени за „Скопје 2014“ да се наменат за итна санација на основните и средните училишта. Некаде децата седат на клупи од пред 40 и кусур години.
    Нејсе, ќе ја искористам и јас првата прилика да го прашам „Cray-zee“ со парите за „Скопје 2014“ колку нови училишта може да се направат...

    П.С. Втората работа што ме израдува неделава е тоа што ќе имаме Германски божикен базар пред ГТЦ. Па ќе се почуствувам и јас еднаш како во Нирнберг или во Минхен. Кои можеби и никогаш нема да ги видам со свои очи. Посебно ако ни ги акнат пак визите поради „азилантите“.
    Нејсе, ќе се радувам пред Нова година... На 20 овој месец ќе видам како работи „Климе“, а потоа од 25 ќе навалам на вурштови и германски пива на базарот.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 4 декември 2010 година.

30 November 2010

Смртта ги обиколува селата пешки

    - Си го видел џипот на овој директоров сегашен на едикојаси агенција? Паркиран кај едикојаси продавница на Партизанска? Не можеш друже да го промашиш, има лавче обесено на ретровизорот? Има тој таму стан од барем 80.000 евра. И од каде бе тој копук за година и пол на функција дојде до таков стан? Ај сеа...
    Со таква дигресија мојот пријател ја прекина паузата во муабетот за владеењето на Путин, додека седевме впивајќи ја благодатта на ќумбето на дрва во култната скопска кафеана „Наџак“, во која втрчавме од дождливото попладне.
    - Е, човече, ова ти е навистина ј... да си изгризаш од мака..., заврши тој, свртувајќи ги очите кон стаклото кое нѐ двоеше од мочливото Скопје.
    Пинг! Газда Столе со вечната насмевка ги стави криглите пиво пред нас.
    - Да - му велам јас на пријателот - модерни џипови покрај кои минуваат раскантани автобуси. И гладни сограѓани; до неодамна сопственици на куќи или станови, а сега без адреса; Роми со "луксузните" велосипеди со приколки буричкајќи во контејнерите за заграб пластика која ќе треба да ја "одвеслаат" километри понатаму заради една-две излижани банкноти; звездосани пензионери кои излегуваат со рецептите в рака како лепеза од аптека, и со по едно кутивче во малечката ќеса; млади скитници со диплома на полицата дома, ама без партиска книшка в џеб...
    Велам потоа, да беше оваа власт власт со салтанати, ваквите џипови да ги одземеше како што треба (за што има формална можност - слушам нешто за некои анкетни листови за функционерите) па да однесеше некој од нив за месната заедница во селото Брест, можеби немаше 13-годишната Валмире Бајрами пред некоја недела да почине на рацете на татко ѝ, во близина на реката. И Смртта со својата коса тргнала по нив пешки. Да имаа џип, автомобил и пат по кој би го возеле, можеби ќе ѝ избегаа...
    Да не се повторувам сега, оти пишував повеќепати за вакви трагедии кои здравството во сегашната состојба ги збибери на луѓе од сите ќошиња на земјава. Оти, да се изразам со медицински речник, луѓето кои носени кон помош од белите мантили, добиваа дијагноза exitus letalis, односно "не е веќе меѓу живите" од почетокот на годинава досега ми е многу мачно да ги бројам. Оти и мене ме боли болката на нивните семејства. Затоа пак се зафатив да ги бројам новите споменици, барокни катни гаражи, тарабите со кои го направија плоштадот скопски лавиринт... Па, притоа се зафатив и со владините функционери кои држат по две-три функции оти многу ги бивало (ама за сопственото чкембе и за партијата, не за мене, не за селанецот во Оризари или Мислешево)...

    П.С. Ех, си мислам, фала на Бог, земам плата редовно, персонален данок и од мене се слива во касите на власта која треба да се грижи за народот, ДДВ плаќам и кога ќе купам осум ролни тоалетна хартија, ама изгледа тие "мои"  пари нема никогаш да ги видам во нова асфалтна постилка на улица, во апарат за магнентна резонанца во Берово, туку во копитото на коњот на Филип Втори, во некој Хјундаи џип паркиран пред скапа кафеана во која подждригнуваат завластени торлаци, за кои и јас до неодамна, детски наивно (прости ми Боже!) мислев дека се еснаф луѓе.

    Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 29 ноември 2010 година.