27 July 2017

Плажирање пред избори

     Додека прштеше по каквиот-таков македонски медиумски простор најновата „тема“ за истакнат кодош, којашто, чинам, беше внимателно темпирана за да се одвее вниманието од претходната точка на интерес – дека интензивно се води „кампања уместо кампање“ (проштевајте, ама не можев да одолеам да не го вклучам тука „Изногуд“ еден од стриповите на моето детство кого ми го овозможуваше едно на времето екстрапопуларно белградско списание), и јавноста и новинарите подзаборавија и на уште една работа. Елем, интервјуто на премиерот Груевски на „Сител“, кое, барем колку што јас знам, ќе да е прво кое не го водеше Латас (сигурен сум дека тој има добро оправдание за тоа - ако ништо друго, барем лекарска белешка).
     И така, „кампањски“ премиерот на националната телевизија распали да се фали што сè направиле, кажуваше што мисли за Шеќеринска, за кампањата на СДСМ, за постигањата... Додека тоа траеше во кујната си подготвував јадење. Оти сум го слушал тоа и претходно. Арно ама, кога водителот на вестите Валентин Николовски го постави прашањето за „Скопје 2014“ оставив сè и втрчав во дневната.
     Дури тогаш видов колкава е убеденоста на нашиот премиер дека прави добра работа. Се фалеше дека со децении претходно неговите бројни претходници не си ја сакале нацијата и државата, па ете тој морал да интервенира и да гради споменици и нови згради оти така личело, дека со градежниот бум правел арно (замислете си!) па овозможувал плата и приходи на илјадници градежни работници и нивните семејства, кои се вклучени во градежниот бум...
     А не кажа пустиот премиер дека арчи народни пари на хир, иако тие би можеле да бидат употребени за реставрација на уште патишта и автопати (ова последново го кажувам оти после подолго време неодамна возев по автопатот кон Градско, па видов дека асфалтот и по едната и по другата насока многу често изгледа како сложувалка (се крпело по потреба по половина квадратен метар до десет квадратни метри, иако асфалтот во нормалниот свет, колку што јас знам, се обновува по делници барем еднаш во 15-тина години, а кај нас некаде не е гибнат уште од кога е градена насоката Велес - Скопје).
     Од тие пари фрлени за „Скопје 2014“ нешто можеше да се употреби и да се изградат модерни филтер станици на градски и селски водоводи и за помодерни канализации насекаде - дури до Богородица и до Радожда, во Истевник и Тромеѓе...
     Можеше исто така пари да се вложат и за итна изградба на монтажните училишта по селата (кои министерот за образование ги најави уште пред два месеци) па сега да не им капе на децата по букварите кога врне, во училниците во старите училишни градби за кои министерството рече дека не се исплати да се реновираат...
     Можеше многу со тие пари, да... Исто како и со парите што скопскиот градоначалник ги лупна за втората градска плажа во Скопје, на која замислете и палми засадија! И на која никогаш нема да отидам, оти јас ако одам на плажа, сакам и да пливам, а на само да се сончам (тоа можам и на мојата тераса) - оти Вардар е уште забранет за капење!
     Нонсенс на векот, луѓе мои...

     П.С. Во времето кога го пишувам ова, уште ништо не се знае за идентитетот за кодошот, за кои некои напишаа дека работел под псевдонимот „Корбизје". Познавајќи ја полициската логика и начинот на којшто ги именуваат операциите и соработниците, се прашувам да не е правена аналогија - што ќе рече, да не е кодошов колега на Корбизје (иако само формално)?


     Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 30 април 2011 година

21 October 2016

Осуда за нападот на Павле Беловски

Нападот на Павле Беловски е напад на новинарството - премногу важниот фактор за контрола на властите. Сите релевантни чинители МОРА да го осудат нападот, во спротивно стануваат соучесници на тепачот и на оние што сакаат да го убијат новинарството во Македонија.


15 July 2015

Хе-хе-хе Слоновите конечно од Жиганци тргнаа кон Пишица!

   Ние коишто работиме во онлајн-медиуми знаеме како е кога ќе направиш ваква грешка - во брзање да „залепиш“ несоодветна фотографија на вест.
   Затоа намерата не ми е да бидам малициозен и да се подбивам со колегата или колешката од МИА на кого/која му/и се „лизнало“, ама навистина ми беше симпатична фотката со слон на камион како илустрација за веста дека е почнато асфалтирање на патот меѓу селата Жиганци и Пишица.


11 July 2014

Сами во бројно друштво

   Додека во еден миг во четвртокот вечерта си ги разлачував мислите околу погибијата на Мухамед Али Јашари, остро ме прекина рафал, најверојатно од пиштол насочен кон небото. Некаде близу средното „Арсениј Јовков" беше пукачот. Ги истури куршумите, 8-10 на број и стивна населбата. Потоа на улиците бучеа само автомобилите и автобусите... Се случува такво „свадбарско“ расположение во мојата населба честопати. За среќа, ретко станувало збор за некаква престрелка или пукање во некого. Значи, најчесто некој решава да се провесели, пукајќи во воздух...
   Притоа не помислува што тие татнежи од неговото оружје, кое најчесто пукачите го поседуваат на диво, предизвикуваат во околината. Преплашување на мали деца, а рака на срце, и кај возрасните, со струење големи количества адреналин во нивните жили. Некој можеби се буди од сон, некој што е надвор во тој момент можеби се фрла на земја, не знаејќи дали ако остане на нозе нема да го закачи некој куршум...
   Таквото однесување на пукачите е еден одличен, иако брутален, пример за тоа каква е свеста на населението во Македонија за тоа што значи да живееш во заедница. Ја нема! Со своите постапки, горе-долу, барем по неколкупати на ден покажуваме дека не ни е грижа за другите. Остануваме, според сопствената свест, сами во бројно друштво. А таа состојба на мизерија ни станува прилично болна само кога ќе се најдеме на другата, на примачката страна, на себичните, напати злобните постапки на другите...
   Социолошки погледнато, тоа е еден жив ужас. За кој не може да се најде никакво оправдување - ама баш никакво. Алиенацијата е феномен на денешницата кој силно заграбува во секоја пора, феномен, на кој за жал, одамна сме се навикнале и сме го прифатиле.
   Затоа, чинам, силно одекна во сечија глава херојскиот гест на младиот кондовец Мухамед Али Јашари. Чиј живот трагично згасна во обид да го одбрани својот соученик од тепачите во дворот на средното „Здравко Цветковски“. Притрчал на помош не помислувајќи дали тепаниот е „негов“ или е „каур“. Таква мисла не му севнала во главата, оти како што кажуваат тие што го познавале, Мухамед Али имал срце како планина и неговата свест не била загадена со поделби. Пред себе гледал само човек во неволја.
   Не дека немало и други хумани луѓе, за чии потфати посведочуваа понекогаш медиумите. Но траурниот момент на прекинување на неговиот живот беше тој „прекинувач“ во умовите на луѓето кои се во мојот круг, со кои многу дискутираме за херојскиот подвиг на Јашари. Притоа, убеден сум дека на ова храбро хумано момче од селото Кондово, кое во изминативе години стана прочуено по работи од другата страна, по негативности, најдобар споменик ќе му кренеме ако се смениме сите, без разлика на вера и нација, ако станеме подобри и похумани, посочуствителни. Ако се научиме да ги имаме и другите во мислите, ако се научиме да им притекнуваме напомош водени само од хуманоста.
   А кога тоа ќе го правите, не заборавајте да се потсетите на храбриот млад кондовец и да му го посветите вашиот хуман гест нему, на споменот за него. Така ќе овозможите да живее постојано, барем во сеќавањата, момчето кое се жртвуваше за друг.
   Тоа ќе биде вечниот споменик за Мухамед Али Јашари!


Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 16 април 2011 година.

15 May 2011

Раѓањето на кампањата

Да не сте чуле сега некаква црква да се завршува? Или пак да е закажано осветување темели на некој нов храм? Прашувам оти немам такви информации. А веројатно и во ВМРО-ДПМНЕ и во владата не чуле такво нешто. Да беше така, веројатно ќе се истрчаше портокаловата врхушка во таква црква по таков повод да бара благослови од Небото за својата предизборна кампања. Вака мислам дека се најдоа во небрано. Па закажаа свечено отворање на новата Гинекологија во Клинички. Веројатно си помислиле „Кога нема ’актуелна’ црква, ќе си бараме благослов во најблиското можно нешто. Ново родилиште, место каде што почнуваат животи. Кои ги дава Бог, па и Тој е сигурно таму нагласено присутен - многу повеќе отколку во друга клиника. Таму ќе бараме благослов“.
Арно ама, дали центарот за информирање на портокаловата партија, дали некој нејзин одбор, секретаријат, или пак Министерството за здравство, малку повеќе затаил... Не разбрал на време дека зградата, која се гради веќе десет години, не е подготвена да се отвори ни како магацин, а камоли како клиника со елементарни услови. Па се закажало сечење црвена лента од плускавичавите раце на премиерот, кој во последно време се изжули со лопатите, како и од неговиот потчинет задолжен за ресорот здравство, Бујар Османи. И тоа наголемо се трубеше и се најавуваше по медиумите со силна емоција кон власта. Сакам да кажам, тие медиуми што гледаат на власта благонаклонето, како што бабата и дедото гледааат на своите внучиња и се подготвени сѐ да им простат - дури и она што не би им го простиле ни родителите.
Ама двајцата не се појавија. Свеченото отворање пропадна за да се спречи да избие уште поголем скандал. Зградата неспремна, нема технички прием. Премиерот и министерот биле навреме предупредени да не отидат. А гледајќи колку ревносно се трча на секаков настан погоден за фалење на своите и партиските постигања, мислам дека разочарувачката вест ги затекнала во позиција на низок старт. Е, сега, тоа неприсуство секако ги разочара дотераните гости со бонбониери во рацете. Кои, за разлика од протагонистите, не биле информирани дека доаѓаат пред карабина. Па чекаа и се думаа во вторникот... Разочарани сигурно биле и болничарите, медицинските сестри и лекарите кои во ноќна акција, налик на онаа партизанската за брз изградба на импровизиран мост крај разнесениот мост на Неретва, влечкале по некој кревет, чаршаф, стетоскоп или хаварисан инкубатор, за малце да заличат празните соби.
Нејсе, портокаловите срамот така го намалија барем малку во последен момент. Но, колку и да сакаат, нема да може да го избришат од колективното сеќавање. Оти бруката што пукна се пренесе до Фиџи, Алјаска и Антарктикот. Та дури и до работ на пустината во Боцвана. Не треба човек да е многу паметен за двете недели трубење дека наскоро ќе се отвори уште една победа на власта да ги сфати како инфантилен обид да се крева партискиот рејтинг пред изборите. Како обид да се донесе на свет изборната кампања за нова победа. Ама колку многу се способни, издутнаа само сматок...
Катастрофа. Што е настан од поголема магнитуда, кој сепак влегува во истата категорија со очајот, бедата, сиромаштијата, умирањето од банални болести, крадењето, за кои опозицијата вели дека се одлики на оваа влада...

Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 9 април 2011 година.

Педа земја не остана

По силниот градежен бум во центарот на Скопје, дел од „остварувањата” на актуелната власт, за кои најголеми „заслуги” има ВМРО-ДПМНЕ (што ми роди потсетување за влијанието на масонеријата во формирањето на тајната ослободителна организација, и нејзиното синхроно “присуство” во партијата со светло име денеска, после повеќе од век од тој датум), во центарот на Скопје не остана педа земја нешто да се направи. Сѐ е брате испозафатено, до последната стапка... До толку што решија и во Вардар да навлезат, па не еден, туку два моста да направат. А и статуи не заборавија да му посадат. И нова прескапа градска плажа тука пред нив. За скопјани да се сончаат и да се восхитуваат на генијалноста на Владата, која цела историја им изгради на едвај два квадратни километри.
Бум! Некои велат градежен бум. Ама мене ми е бум во главата - од куп пари испотрошени досега за нечуениот досега хир на власта. Ама, како што им се испослучи сега, по притисокот од СДСМ и со свршениот чин да се оди предвремено во избори на новиот парламент, поради форсираното градење и власта ја заболе главата. Сѐ испозафати во центарот на Скопје предвреме, и не им останаа парцели за нови предизборни проекти.
Можам да замислам како се препотувале во врвот на партијата, кроејќи планови какви нови Остварувања да направат... Нејсе, некому му текнало дека има решение - ја извадиле од нафталин 12-13 години старата идеја, па решија да прават подземна сообраќајница. Не остана место на земја, па одиме под земја! Не е важно каде, важно е да се гради за да се покаже дека се остварува.
И така... се договорија градоначалникот на Скопје Коце Трајановски и контролорот на буџетот Зоран Ставрески, дека Скопје ќе го личи една подземна улица. Ќе плаќаат за тоа и градот, ќе плаќа и Владата. И двете сега ги контролира ДПМНЕ. За да создадат ново Потемкиново село, кое е прескапо и целосно излишно. Оти проблемот со густиот сообраќај во Скопје се решава на други поелегантни начини. Со воведување еднонасочен сообраќај на постоечките сообраќајници. И со целосно средување на ЈСП, кое, дознаваме, повторно бележи загуби. Вака, со отворање на уште две градилишта (влезот и излезот од тунелот), уште повеќе ќе се зголеми сообраќајниот хаос барем во текот на една година.
Кога сме кај „Скопје 2014”, власта е решена да го истурка по секоја цена. Дури и ако изгуби на изборите. Оти се плаши дека ако падне од врвот, тој што ќе дојде на нејзиното место веднаш ќе го стопира грандиозниот барок. Уф, можам да замислам колку се насекирале? Ама му текнало некому решение...
„Еј, имаме резервирани пари во ММФ! Ќе земеме 220 милиончиња, ќе платиме однапред сѐ на градежните фирми, па после да ги видам тие што ќе дојдат како ќе ни го уништат златно Скопје 2014”... Веројатно вака зазвучило соломонското решение.
И тука завршил брејнстормингот. Оти таа една идеја им дала и решение за другото што им е нужно неопходно. „Ете пари и за купување гласови, дали преку вреќи брашно, дали преку сини банкноти... а најмногу за нови работни места - уште партиски војници во државната администрација. Ќе мора така - ситуацијата е кризна, може и да ги изгубиме изборите, мора да се билда гласачко тело сега”.

П.С. Во меѓувреме, ја чекаме тужбата на скулпторката Стефановска против СДСМ и препотувањето на судиите...

Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 2 април 2011 година.

29 March 2011

Не сакаат спорт...

    Половина од младите што сега се во средношколските клупи немаат никаква надеж дека за нив ќе има барем пристоен живот во државава и не се гледаат себеси во Македонија по десет години. Поразителната бројка ја покажува истражувањето што го спровел „Младински образовен форум“ меѓу 3.607 средношколци во 50 средни училишта во 13 градови во земјава.
    Бидејќи репрезентативниот примерок е трипати поголем од оние коишто ги земаат речиси сите агенции за истражување на јавното мислење, не сум склон да верувам дека е потфрлено при анкетата и доаѓањето до резултатите. Но и како таква, таа бројка е помала од процентот на разочарани кај севкупното население во земјава. Што веќе никого не го чуди. Оти каква каша ни забркаа во изминативе две и жилет децении тие што ги биравме да се погрижат за нашите потреби и интереси и да ја постават државата на вистинскиот колосек, чудно е што сега разочарувањето не е стоотстотно.
    Новото истражување покажува оти средношколците се уверени дека состојбата во земјава нема да се смени ни после десет години. Ги мачи помислата на недостигот на работни места, криминалот, корупцијата, насилството. Дури 72 отсто од нив сметаат дека тие самите не може да повлијаат на властите. Свесни се дека откако ќе матурираат или дипломираат ќе мора да чекаат 7 години (машките) за да дојдат до работа. Женските пак, според државниот просек, мора да чекаат дополнителни две години. А притоа и едните и другите се свесни дека добиваат малку од потребното образование. Застарените наставни програми, немањето доволно интерактивност во наставата, како и инсистирањето на „бубање“ за собирање што повеќе теоретско знаење ги прават „инвалиди“. За тоа и самите се болно свесни - и оние одличните велат дека имаат купишта информации во главите, но се недоволно обучени да ги применат.
    Тоа што имаат само свои проблеми, додека истовремено ги споделуваат проблемите на сите, не е најмрачното. Туку фактот што сметаат дека не можат да променат ништо и затоа не размислуваат за начини да ги бодат властите нешто да им сменат. Ги зафатила апатија, покажа анкетата.
    Тоа е голема шлаканица и за претходните, но пред сѐ за оваа влада. Која вели дека презема еден куп чекори за поправање на состојбите. И не успева. Иако презема обемна акција да воведат нови учебници, гледаме дека тие се полни со небулози и грешки што и самите средношколци ги забележуваат. И се обемни, дури и преобемни - што го знам од лично согледување, оти разгледував неколку од нив па видов дека внатре се надробени и работи што би им предизвикале главоболка дури и на студенти. Иако министерството спроведуваше обуки за наставниците, средношколците не виделе ефект, покажува анкетата. Иако купи купишта компјутери за наставата, тие уште малку се користат во таа намена. Иако сакаше да се покаже Дедо Мраз овозможувајќи бесплатен автобуски и комби превоз за голем дел од нив, факт е дека честопати не го добиваа - главно оти министерствата не ги измируваат трошоците кон превозниците.
    Ама владата изненадува со „решенија“. Гради спортски сали, фудбалски и тениски игралишта дури и во села каде што едвај останале дваесетина деца. Веројатно мисли дека ќе ги занимава така, за да заборават на секојдневието. Ама тие не забораваат. Не им е до спорт - до нормален живот им е (покажа анкетата, нели?)!

    Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 26 март 2011 година.

13 March 2011

Кериме, ближат 20 март и 23 јуни

    Излегувам од дома утрото на 20 март 1996 година за да одам на предавања на факултет. За белја, на пат до автобуската нема трафика, па правам скршнување за да си го купам новиот весник. „Дневник” ве молам, ѝ велам на продавачката подавајќи ѝ 20 денари. Го земам весникот в рака и се шокирам. На насловната страница доминира брутална фотографија на изгорени трупови од големиот пожар во дискотека во Манила. Се стресувам, но потоа помислувам „Па можеби и не е погрешно да се прикаже како изгледа ужас - и онака некои таму морале да го гледаат со свои очи”. Го листам весникот на автобуската и ми се допаѓа тоа што го гледам... Решавам дека ќе го купувам редовно - ако татко ми ми дава пари, се разбира!
    На 10 јуни после две работи, со кои сега нема да ве заморувам, станувам дел од редакцијата на тој весник, првиот приватен дневен весник кој и денеска го има. Прва беше „Република“, ама кратко траеше...
    Мојата епизода со „Дневник“ заврши на крајот на 2003 година, ама љубовта кон тој весник, мислата и грижата за моите драги колеги таму, не завршила и нема да заврши.
    Одиме понатаму... 23 јуни 1999 година. Некаде околу пладне. Јас во летна тераса во кафуле во центарот на Прилеп. Излезен со дозвола, облечен во маскирно, пијам кафе со пет-шестмина британски војници, на кои полуофицијално сум им преведувач и дел од логистиката... На масата пред мене првиот број на „Утрински Весник“. Го листам јас, ѕиркаат и тие...„This is quite good“, велат. „Да, прилично е добар“, се согласувам. Следните денови, оти сум на посебна задача од командата на гарнизонот, барем по 1-2 часа сум „надвор од жица” и секако си купувам „Дневник“, весникот каде што ме чека моето работно место откако ќе отслужам војска, и „Утрински”, се разбира. Читам јас, после читаат моите војнички другари...
    Вие што ќе го прочитате ова, немојте премногу да ми забележувате што можеби ве заморувам со вакви работи... Сиреч, дека ви продавам патетики... Оти сега не можам да мислам на друго, во градиве ми се потквасува рев, во срцето буи гнев... Сакал Керим да го затвори „Утрински“, сакал да брка вработени од „Дневник“ и „Вест“. Иако сум во крајно незавидна положба поради актуелностите во случајот „Пајажина”, не можам да си го дозволам луксузот да се затворам во соба и да се самосожалувам. Тоа никако! Оти на бесенички сиџим во државава сакаат да стават поголеми работи од мојата маленкост!
    Ах, има ли потреба да зборувам за политичките притисоци на власта да ги обои сите медиуми портокалово? Мислам не, гледате и самите, читате, дека „како што дознаваме неофициално“ Керим, главата на МПМ, издавачот на трите весника наводно рекол дека оти државава ни е мала и сиромашна, ќе мора првиот независен весник да се врзе со власта. А „Утрински“ да оди во историјата оти фирмата имала загуби...
    Ја мајката!!! Па зар тие загуби се од платите (кои не се баш нешто за фалење) на моите колеги во „Дневник“, во „Утрински“, во „Вест”? Не бре Кериме, не е од нив! Никој не може да ме убеди во тоа... Па колкави се платите на најголемиот дел од нив, а колкава е твојата? Колкави се платите на тие бројни менаџери што си ги собрал под Швалерскиот рид? (Зајчев Рид, заб.авт). Колку си дал за твои и нивни рашетувања ваму-таму? За силни ручеци, за скапи мебели!
    Кажувај и реагирај правилно веднаш, оти во вторник и јас ќе ти дојдам со шише за да си ги поддржам колегите!!! Бирај - или оставка во коверт или шишиња! Наближија 20 март и 23 јуни. А ти си многу, МНОГУ помал од нив.

    Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 12 март 2011 година.