31 December 2017

Солунски дибеци

Србите имаат една поговорка: Оно чиме се паметан стиди, будала се дичи! (Со она од што умниот се срами, будалиот се гордее!)

Сметав дека минатата гарнитура на власт направи ненадминливи утки, но уви!, еве го овој недостоен „функционосител“ отрча во Солун.



Срамота е за премиер или претседател на битни датуми да биде надвор од својата држава! Овој дибек тоа никогаш нема да го сфати, како што изгледа не сфаќа дека ги навредува не само достоинството на држава, туку и сентиментите и гордоста на „својот“ Народ...

Кој по утките и бројните гафови на Заев, како и по проневерите на функционерите во неговата гарнитура, галиба нема да ги тинтра долго ниту него ниту неговите.

Фијаско! Зоран Заев, срам да ти е, го поплука достоинството на народот!

28 August 2017

Хаос мајстор

Човекот чесно си објавил оглас, кажува што работи, а и евтин е - за 10 евра имате хаос каков што ќе си побарате! :D


08 August 2017

Из­го­ре пер­о­то, пре­те­че ма­сти­ло­то...

     Во вре­ме ко­га ше­ри­фот Мек­ла­уд ти го фук­на До­ми­ник Строс Кан во њу­јор­шка ап­са­на ко да е сит­но ди­лер­че, а не прв чо­век на Ме­ѓу­на­род­ни­от мо­не­та­рен фонд, ин­сти­ту­ци­ја­та што го др­жи па­рич­ни­от кр­во­ток на све­тот, се за­мис­лив мал­ку за тоа што на­ро­дот на ова под­неб­је сто­рил за тоа да се за­шти­ти се­бе­си и да го за­шти­ти оп­што­то до­бро. Збо­ру­вам за пос­тсо­ци­ја­ли­стич­ка­та ера, за пер­и­о­дот на де­мо­кра­ти­ја­та. И за де­мо­крат­ски­те ала­тки што, чи­нам, ни сто­јат ’рѓо­са­ни, а не­у­по­тре­бе­ни. 
     Ете, Аме­ри­кан­ци­те, на при­мер, чи­ја др­жа­ва се ра­ѓа це­ли 14 го­ди­ни отка­ко на ту­каш­на­та пра­вос­лав­на пас­тва и ја уби­ва­ат то­гаш­на­та Охрид­ска ар­хи­е­пи­ско­пи­ја, не­кои ра­бо­ти ги ре­ши­ле одам­на. Сфа­ти­ле де­ка одре­де­ни ин­сти­ту­ти на оп­штес­тво­то се за се­на­род­но до­бро, па ги за­шти­ти­ле од ин­тер­вен­ци­и­те на вр­ски­те, мо­ќта и па­ри­те. Не иде­ал­но раз­би­ра се, но та­му и да си Бил Гејтс, на при­мер, и да те фа­ти не­кој ло­ка­лен џан­дар де­ка си во­зел 4 мил­ји на час по­бр­зо од доз­во­ле­но­то, не те пер­е бра­тко ни тоа што мо­же­би прет­ход­на­та ноќ си бил на пи­јан­ка со пре­тсе­да­ва­чот на Се­на­тот. Ни­кој не мо­же да ти ја ски­не бе­ле­шка­та - ќе си пла­тиш или ќе си од­ле­жиш. По­ли­ци­ја­та е мно­гу по­сил­на од бо­гат­ство­то. Тоа го сфа­ти­ле и бо­га­ти­те, оти по­ли­ци­ја­та е ту­ка и да им го чу­ва бо­гат­ство­то од апа­ши, па сфа­ти­ле де­ка не тре­ба да ја зло­у­по­тре­бу­ва­ат, ту­ку да ја не­гу­ва­ат и да ја цврс­нат. 
     Исто­то им е и со су­до­ви­те. И Оба­ма да вле­зе во суд­ни­ца ка­ко све­док, има пи­пе­ре­вка, бре, да му игра на су­ди­ја­та, иа­ко овој мо­же­би и не е тол­ку до­сто­ен на фо­тел­ја­та, оти е ло­ка­лен шеф на Кју Клукс Кла­нот, или не­о­ткри­ен пе­до­фил... Се знае де­ка на пре­тсе­да­те­лот му е огра­ни­че­на мо­ќта до пор­та­та на суд­ни­ца, а на су­ди­ја­та пак со пра­во­суд­ни­от си­стем.
     Исти­от тер­тип во Со­е­ди­не­ти­те Аме­ри­кан­ски Др­жа­ви, уште мно­гу, мно­гу одам­на е при­ме­нет и врз но­ви­нарс­тво­то. Тоа та­му е ви­стин­ска си­ла. Тоа прв­пат по­сред­но го споз­нав уште од вре­ме­то ко­га во Скоп­је Аме­ри­кан­ски­от цен­тар бе­ше кар­ши „Бе­ко“, ка­де што зе­мав ед­но кни­жу­ле кое тре­ба­ше да би­де афир­ма­тив­на бро­шу­ра за САД. Та­му на не­кол­ку стра­ни­ци во де­та­ли бе­ше об­јас­не­то кол­ку на­ци­о­нал­ни, кол­ку ло­кал­ни, кол­ку спе­ци­ја­ли­зи­ра­ни те­ле­ви­зи­ски ста­ни­ци има, кол­ку вес­ни­ци, кол­ку ра­ди­ја и на кои бра­но­ви еми­ту­ва­ат. Од гор­до­ста со ко­ја се на­бро­ју­ваа по­да­то­ци­те ви­дов де­ка во „Аме­ри­ка“ раз­ви­е­но­то но­ви­нарс­тво се сме­та за сер­вис на јав­но­ста и ко­ре­ктив на вла­ста. Без раз­ли­ка во чии ра­це е - на биз­нис­ме­нот Џек или на око­ли­ски­от со­вет. Ка­ко пак изг­ле­да ра­бо­та­та на аме­ри­кан­ски­те но­ви­на­ри, по­крај во експ­ло­зи­ја­та на есеи на спе­ци­ја­ли­зи­ра­ни­те но­ви­нар­ски сај­то­ви, мо­жев да доз­на­ам и од еден иску­сен но­ви­нар­ски волк, кој ту­ка во Скоп­је др­же­ше пре­да­ва­ња. И се фра­пи­рав кол­ку па­ти по­ве­ќе е лес­но да си но­ви­нар во САД.
     Зем­ја­ва, ка­ко што се гле­да од при­ло­же­но­то, во тој пог­лед е уште во ка­ме­но до­ба. По­ло­ви­на го­ди­на вла­ста „те­ра мак на ко­нац“ да ја зат­не уста­та, да ја уни­шти пр­ва­та при­ват­на те­ле­ви­зи­ја А1, ка­ко и вес­ни­ци­те „Шпиц“, „Вре­ме“ и „Ко­ха е ре“. Не и се по ќе­фот, ја кри­ти­ку­ва­ат. Што, пак, су­штин­ски е за­да­ча­та и смис­ла­та на но­ви­нарс­тво­то. Ама ВМРО-ДПМНЕ тоа не го ин­те­ре­си­ра. Пар­ти­ја­та са­ка да по­сто­јат са­мо неј­зи­ни­те ме­ди­у­ми - та­кви пак ста­наа гро­то од игра­чи­те на но­ви­нар­ска­та сце­на.
    Во таа кон­сте­ла­ци­ја, на­ви­сти­на тра­гич­но е што ДПМНЕ ре­ши ни­ту еден неј­зин истак­нат член да не оди на ТВ де­ба­ти. Ем ме­ди­у­ми­те се ка­жи-ре­чи нив­ни, ем и та­му се пла­шат да се по­ја­ват! Па ово не­ма ни у Бе­о­гра­ду... 


     Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 21 мај 2011 година

27 July 2017

Курбани на лудилото

     Во време кога редица градби во  Македонијава наша страдална што ги граделе Римската, Византиската и Отоманската империја се оставени да ги догриза забот на времето, нашиот најнов император реши да ѕида нови. Го фрли пенкалото нашиот премиер откако си го искицира сонот и викна громко: „Скопје 2014 ќе го правиме, владеењето ќе си го красиме. Колку чини, нека чини!“
     И тргна налудничавиот проект. Со звук на владини фанфари, на опозициски свирежи и народни клетви и плачеви, почна проект кој, цврсто сум уверен, на крајот ќе биде само резил што ќе ни го споменуваат додека е светот и векот!  Проект за кој, да не забораваме, арчат народни пари толку слободно како татковците да им ги оставиле...
     Елем, забрчеа багерите, се затркалаа камионите, се завртеа мешалки за бетон за да го излеат сонот на Грујо Први. Фатија работниците тесли и пердашки и почнаа да ѕидаат, малку успокоени дека, барем за нив, ќе капне некој денар. Меѓу нив и сега покојните жртви на лудилото на власта – Ласте Богатиновски и Горан Трајковски. Кои загинаа во текот на едно седумдневие паѓајќи од објекти на неполни 50-тина метри еден од друг. Ѕидаа неимарите измачени , шалувајќи, леејќи бетон, редејќи цигла по цигла...  И кога сега гледам како мува не ги лази некои (не)одговорни, па дури имаше и обиди да ги прогласат покојните за виновни (уверен сум цврсто, драги мои, дека не станува збор за незнаење кај загинатите како се работи, туку за голема вина на тие што го брзаат целиот проект, за да се стаса сега во кампања уште некоја црвена лента да се пресече), вријам! Ама наредбодавачите  можеби и сметале на жртви...
     Тоа ми ги навева сега мислите кон една од најпотресните македонски легенди. Со слична тематика. Елем, во Кратово се наоѓа Радин мост на Манцева Река, за којшто народот верува дека во неговите темели жива е заѕидана некоја Рада.  Според приказната мостот го граделе 9 браќа, но тој постојано им паѓал. После долго думање, решиле да дадат курбан во човечки живот. И така, вели песната:

„Се опкладиле деветте браќа
која ќе снаа утре да дојде
ручек да донесе на мајсторите
нејзе во темел да заѕидаат
да ни затрае мос на река Манцева
Вечерта кога дома дојдоа
сите им кажале на невестите
само не ѝ кажа најмалото братче
он не ѝ кажа на Рада невестата
Станала Рада ручек зготвила
ручек им однела на мајсторите
кога ја виде радиното момче
викнало оно на глас да плаче
Кога ја фанале Рада деверите
и ја заѕидале во темелите
Рада на деверите милно им се молела
барем остајте ми десната града
за да надојам машкото дете
И ја оставиле десната града
за да си надои машкото дете.“


     А што да правиме ние сега? Народот за Рада испеал песна (колку и да е приказната фантастична и за неверување). Што да правиме ние сега, ние кои ги плаќаме даноците од кои власта граба пари за својот налудничав проект?! Ние кои сега имаме крвави раце, оти не застанавме доволно силно да му кажеме на императорскиот дворец дека не дозволуваме така да си игра со нас и со нашите пари и со човечки животи?
     Ех, ништо не сторивме досега... Ама не мора така и да остане. Ете го кај е 5 јуни - можност да се обидеме да се искупиме за нашиот грев!


     Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 14 мај 2011 година.

Плажирање пред избори

     Додека прштеше по каквиот-таков македонски медиумски простор најновата „тема“ за истакнат кодош, којашто, чинам, беше внимателно темпирана за да се одвее вниманието од претходната точка на интерес – дека интензивно се води „кампања уместо кампање“ (проштевајте, ама не можев да одолеам да не го вклучам тука „Изногуд“ еден од стриповите на моето детство кого ми го овозможуваше едно на времето екстрапопуларно белградско списание), и јавноста и новинарите подзаборавија и на уште една работа. Елем, интервјуто на премиерот Груевски на „Сител“, кое, барем колку што јас знам, ќе да е прво кое не го водеше Латас (сигурен сум дека тој има добро оправдание за тоа - ако ништо друго, барем лекарска белешка).
     И така, „кампањски“ премиерот на националната телевизија распали да се фали што сè направиле, кажуваше што мисли за Шеќеринска, за кампањата на СДСМ, за постигањата... Додека тоа траеше во кујната си подготвував јадење. Оти сум го слушал тоа и претходно. Арно ама, кога водителот на вестите Валентин Николовски го постави прашањето за „Скопје 2014“ оставив сè и втрчав во дневната.
     Дури тогаш видов колкава е убеденоста на нашиот премиер дека прави добра работа. Се фалеше дека со децении претходно неговите бројни претходници не си ја сакале нацијата и државата, па ете тој морал да интервенира и да гради споменици и нови згради оти така личело, дека со градежниот бум правел арно (замислете си!) па овозможувал плата и приходи на илјадници градежни работници и нивните семејства, кои се вклучени во градежниот бум...
     А не кажа пустиот премиер дека арчи народни пари на хир, иако тие би можеле да бидат употребени за реставрација на уште патишта и автопати (ова последново го кажувам оти после подолго време неодамна возев по автопатот кон Градско, па видов дека асфалтот и по едната и по другата насока многу често изгледа како сложувалка (се крпело по потреба по половина квадратен метар до десет квадратни метри, иако асфалтот во нормалниот свет, колку што јас знам, се обновува по делници барем еднаш во 15-тина години, а кај нас некаде не е гибнат уште од кога е градена насоката Велес - Скопје).
     Од тие пари фрлени за „Скопје 2014“ нешто можеше да се употреби и да се изградат модерни филтер станици на градски и селски водоводи и за помодерни канализации насекаде - дури до Богородица и до Радожда, во Истевник и Тромеѓе...
     Можеше исто така пари да се вложат и за итна изградба на монтажните училишта по селата (кои министерот за образование ги најави уште пред два месеци) па сега да не им капе на децата по букварите кога врне, во училниците во старите училишни градби за кои министерството рече дека не се исплати да се реновираат...
     Можеше многу со тие пари, да... Исто како и со парите што скопскиот градоначалник ги лупна за втората градска плажа во Скопје, на која замислете и палми засадија! И на која никогаш нема да отидам, оти јас ако одам на плажа, сакам и да пливам, а на само да се сончам (тоа можам и на мојата тераса) - оти Вардар е уште забранет за капење!
     Нонсенс на векот, луѓе мои...

     П.С. Во времето кога го пишувам ова, уште ништо не се знае за идентитетот за кодошот, за кои некои напишаа дека работел под псевдонимот „Корбизје". Познавајќи ја полициската логика и начинот на којшто ги именуваат операциите и соработниците, се прашувам да не е правена аналогија - што ќе рече, да не е кодошов колега на Корбизје (иако само формално)?


     Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 30 април 2011 година

21 October 2016

Осуда за нападот на Павле Беловски

Нападот на Павле Беловски е напад на новинарството - премногу важниот фактор за контрола на властите. Сите релевантни чинители МОРА да го осудат нападот, во спротивно стануваат соучесници на тепачот и на оние што сакаат да го убијат новинарството во Македонија.


15 July 2015

Хе-хе-хе Слоновите конечно од Жиганци тргнаа кон Пишица!

   Ние коишто работиме во онлајн-медиуми знаеме како е кога ќе направиш ваква грешка - во брзање да „залепиш“ несоодветна фотографија на вест.
   Затоа намерата не ми е да бидам малициозен и да се подбивам со колегата или колешката од МИА на кого/која му/и се „лизнало“, ама навистина ми беше симпатична фотката со слон на камион како илустрација за веста дека е почнато асфалтирање на патот меѓу селата Жиганци и Пишица.


11 July 2014

Сами во бројно друштво

   Додека во еден миг во четвртокот вечерта си ги разлачував мислите околу погибијата на Мухамед Али Јашари, остро ме прекина рафал, најверојатно од пиштол насочен кон небото. Некаде близу средното „Арсениј Јовков" беше пукачот. Ги истури куршумите, 8-10 на број и стивна населбата. Потоа на улиците бучеа само автомобилите и автобусите... Се случува такво „свадбарско“ расположение во мојата населба честопати. За среќа, ретко станувало збор за некаква престрелка или пукање во некого. Значи, најчесто некој решава да се провесели, пукајќи во воздух...
   Притоа не помислува што тие татнежи од неговото оружје, кое најчесто пукачите го поседуваат на диво, предизвикуваат во околината. Преплашување на мали деца, а рака на срце, и кај возрасните, со струење големи количества адреналин во нивните жили. Некој можеби се буди од сон, некој што е надвор во тој момент можеби се фрла на земја, не знаејќи дали ако остане на нозе нема да го закачи некој куршум...
   Таквото однесување на пукачите е еден одличен, иако брутален, пример за тоа каква е свеста на населението во Македонија за тоа што значи да живееш во заедница. Ја нема! Со своите постапки, горе-долу, барем по неколкупати на ден покажуваме дека не ни е грижа за другите. Остануваме, според сопствената свест, сами во бројно друштво. А таа состојба на мизерија ни станува прилично болна само кога ќе се најдеме на другата, на примачката страна, на себичните, напати злобните постапки на другите...
   Социолошки погледнато, тоа е еден жив ужас. За кој не може да се најде никакво оправдување - ама баш никакво. Алиенацијата е феномен на денешницата кој силно заграбува во секоја пора, феномен, на кој за жал, одамна сме се навикнале и сме го прифатиле.
   Затоа, чинам, силно одекна во сечија глава херојскиот гест на младиот кондовец Мухамед Али Јашари. Чиј живот трагично згасна во обид да го одбрани својот соученик од тепачите во дворот на средното „Здравко Цветковски“. Притрчал на помош не помислувајќи дали тепаниот е „негов“ или е „каур“. Таква мисла не му севнала во главата, оти како што кажуваат тие што го познавале, Мухамед Али имал срце како планина и неговата свест не била загадена со поделби. Пред себе гледал само човек во неволја.
   Не дека немало и други хумани луѓе, за чии потфати посведочуваа понекогаш медиумите. Но траурниот момент на прекинување на неговиот живот беше тој „прекинувач“ во умовите на луѓето кои се во мојот круг, со кои многу дискутираме за херојскиот подвиг на Јашари. Притоа, убеден сум дека на ова храбро хумано момче од селото Кондово, кое во изминативе години стана прочуено по работи од другата страна, по негативности, најдобар споменик ќе му кренеме ако се смениме сите, без разлика на вера и нација, ако станеме подобри и похумани, посочуствителни. Ако се научиме да ги имаме и другите во мислите, ако се научиме да им притекнуваме напомош водени само од хуманоста.
   А кога тоа ќе го правите, не заборавајте да се потсетите на храбриот млад кондовец и да му го посветите вашиот хуман гест нему, на споменот за него. Така ќе овозможите да живее постојано, барем во сеќавањата, момчето кое се жртвуваше за друг.
   Тоа ќе биде вечниот споменик за Мухамед Али Јашари!


Објавено во „Сега” („Шпиц”) на 16 април 2011 година.