26 March 2018

Му беше премногу далечна

   Му беше премногу далечна... Стоеше онаму каде што лебедот нежно ги склопува крилјата, малку пред местото каде што се бакнуваат езерото и небото. Далеку од каква било скрб.

21 February 2018

Бањање на градот

   Додека небото родителски го бања градот, зад многуте прозорци во моментов умираат многу тела и души. Души искрвавени до смрт. Ќе се издигнат тивко над ефемералноста вишнејќи кон небото, но набргу ќе ги завее пак некој падежен ветар и утредента ќе станат исти како нивните убијци.

11 February 2018

Протагонистите на злобата

   Злобата залудно се залагаш да ја сознаеш. Ако тоа го правиш,  навистина си и туѓинец. Којшто живее крај нејзините протагонисти.

06 February 2018

Немтуросани непријатели

   Нежна ноќ најсетне. Немтуросани непријатели наблизу. Но најважното ноќта беше нејзината нежност.

Стивнување

   Не умееше да ги пофаќа нишките на тој сон. Го втасуваше честопати, иако секогаш инаков, секогаш пострашен, секогаш порастресувачки. Како небото да му кажуваше дека му се источуваат дамарите...

Валкани пробисвети

   Глупавоста и алчноста од двата спротивставени табора го шибаа како ластегарки по грб на вол-орач.
   Но неговата крупна снага ги примаше болките како исконска вибрација на овој несвет свет што само му ја засилува решителноста да продолжи да се бори против валканите пробисвети кои влегле во неговата ливада за да ги згмечат сите нејзини шаренила.

02 February 2018

Средба во спомените

   Седеше во профил на правецот на нејзиното доаѓање. Ја чувствуваше како топлина што не ја сетил одамна.
   Како некогаш, по влегувањето во поприлично затоплената соба по долгото санкање на ритчето во населбата.

Во разминување

   Фатени во „коридор“ помеѓу паркирани автомобили и ѕид, многумина ќе се разминат навалувајќи ги бргу чадорите настрана. Притоа многумина од нив ќе се допрат. Ќе остане по некоја мирисна трага на копнеж на тоа место.

Низ прозорецот

   Секогаш кога е можно тоа, се обидувам од прозорците на гнасните автобуси со погледот да го уловам Водно. Тоа е се што неговиот брат Скопје не е. Чисто. Издигнато над гнасотиите.

Ќе си честитаат

   Во многу кафулиња денеска главната зафрканција ќе биде „Ај нек ти е честит празников!“, па ќе се креваат чаши. Во близина, пак, многу души ќе креваат недојадени парчиња храна од кантите за отпадоци и ќе ги требат од најнечистото налепено на нив.