18 May 2010

Мароко... машала авантура!

    Ете, се случи и тоа. Премиерот Груевски отпатува за Африка. За првпат да го испочитува кралството Мароко со кое сме воспоставиле дипломатски односи во септември 2002 година. И со кое лани сме имале "вносна" трговска размена. Сме извезле стока за 60.000 евра. Па премиерот, според оптимистичките изјави што стасаа од таму, веројатно планирал да "оствари" турбо прогрес и да договори зголемување од 100 отсто. Отприлика би се стасало така до сума колку што може да ве чини некој автомобил на кој сите ќе ви завидуваат... Ама, рака на срце, мислам дека тоа би било премногу за македонската економија во состојбата во која што е сега.
    Е, добро де... Груевски понуди и стипендии за студии во Македонија.
    Убаво е што премиерот наш скитна малку во Западната хемисфера. Што не му се случува баш често. Па уште во Африка! Не дека се изнапатува во последната година и по Европа... Нејсе, тоа беше многу интересно патување, заради повеќе работи. Но и егзотично, заради поднебјето и живиот свет таму. Како и природните феномени кои се случуваат...
    На пример, егзотичниот вулкански пепел од Исланд. Не пустинска бура со песок, замислете, како што сите би очекувале, туку пепел од северот. Што чудо ќе беше да стаса таков облак до Мароко кога е таму нашиот премиер?
    Ахм... тоа малку ме потсетува на нешто што сум читал во Стариот Завет. Таму пепелта има битна улога. На Евреите Бог им заповедал некогаш за лекување болести, некогаш ако се допрат до нешто умрено, да се измијат со пепел од жртва која изгорела на олтарот. А ако човек сака да се покае за гревови, треба да ја посипе главата со пепел, се вели во библиските напомени за Евреите.
    Се прашувам што ли е работата? Можеби Бог го покренал вулканот и облакот до Мароко за да му обезбеди на премиерот средство да се покае. Ќе прашате за што би можел премиерот да се кае? Изборот, ако се следи јавноста би бил голем... Јас, за да не заморувам со набројувањата сега, во продолжение ќе посочам две варијанти.
    Поради брканицата што ја направи со главниот во американскиот Стејт Департмент за Македонија, Филип Гордон. Која авантура веројатно ја планирал, за да избега од неминовното. Како инаку да се протолкува тоа што во четвртокот стаса информација дека не може авионот да слета во Скопје. Иако на скопскиот аеродром немаше одложено ниту еден лет поради временски услови. Потоа од Владата информираа дека премиерот, кој да потсетиме, премногу често доцни,  ќе лета за Загреб, поради неформален самит на премиери закажан за вчера. Да стаса еднаш на време!
    Ама Филип Гордон излезе ербап - ја смени агендата, па наместо за Приштина експресно замина за Загреб. Го улови. Му било битно на Груевски да му пренесе порака од Вашингтон, која изгледа премиерот ја антиципираше како не баш поволна, па се вадеше...
    А кој знае? Можеби пак пепелта Бог му ја пуштил не поради Гордон, туку поради нешто друго. Можеби Груевски видел некој објект од убавата мароканска архитектура, па посакал нешто такво да докалеми на Скопје 2014. За плус пари, разбира се, кои ги нема за други работи, ама ги има за Франкенштајн во Скопје - грозна крпеница на стилови довлечкани од историјата или од други земји.

    П.С. Ако е последнава варијанта точна, изгледа Бог е единствениот што ги сака изнапатените во оваа земја.

    Сашо Спасоски
    (Објавено во „Сега“ - „Шпиц“ на 15 мај 2010)

14 May 2010

СВОЗ пред последниот воз

    Нема речиси ништо да им значи акронимот од насловот на најголемиот дел од читателите родени после 1980 година... Годината кога умре Тито и ние жителите на тогашна СФРЈ се плашевме дека ќе нѐ нападнат едикојси агресори...
    На "СВОЗ", скратено од „Сите во одбрана и заштита" се собираа соседите на првата поголема површинка, ќе запалеа по некоја гума донесена од „месна", па ќе дојдеше екипа од блиската амбуланта, па фино домаќинките ќе ги почестеа сестрата со наполитанки и домашни колачи, а докторот со една-две "љути"... Учениците - основци ќе покажеа што научиле за пружање прва помош, често освестувајќи некој комшија привремено онеспособен од комбинацијата на првото појако пролетно сонце и неколку чашки мавнати до 11 часот...
    Тогаш, стоејќи на браникот на социјализмот, се спремавме да се браниме од некое туѓо, агресорско оружје, или од надворешниот непријател што се вметнал во нашите редови. Но акции „СВОЗ" се крајно нужни и денес. Кога треба да се браниме од внатрешен, можеби уште покрволочен,  непријател. Од кои некои се родени после 1980 година. И кои исто така имаат оружје - со кое напаѓаат секого што некако ќе им го препречи патот.     Како што е случајот на Мухамед Иса (каква иронија - неговото име и презиме се спој на имињата на двајцата основачи на големи религии - Мухамед и Иса (Исус). И тој Мухамед Иса, поради негова пеколна причина, да ти се налутил на Рамадан Рамадани па му истурил еден куп куршуми. Така, ранко, околу 11 часот минатата сабота, на "Џон Кенеди" во Скопје. Прилично прометна улица со многу угостителски објекти и голема фрекфенција на народ. Не го оставил завалијата нарачаното кафе да си го испие...
    Полицијата потоа дошла да ги собере чаурите. Како што честопати се случува. Македонската полиција главно собира чаури. И тоа не во мал број. Оти ѝ останал многу какол после неколкуте "жетви" на нелегално оружје, за кои експертите велат дека не биле многу успешни. Не бил убеден ни Мухамед Иса да го предаде "калашниковот" со кој, без око да му трепне, изрешета човек и зави семејство во болка и мрак. Се прашувам, виновна ли е само полицијата, или има кабает и кај нас - Илјаз, Ристо, Мустафа, Рамиз, Слободан... кој и да е!
    Некаде на почетокот на месецот МВР ни најави уште една акција за собирање на нелегалното оружје. Кое главно се состои од воено оружје со кое некои зли срца, без разлика дали од редот на Македонците, Албанците или други, ќе го употребат кога-тогаш, ако не помогнеме ние да го фрлат од себе. Експертите велат дека токму со нелегално оружје се вршат најголемиот дел од злосторствата. Легалното учествува во нив со само околу три отсто.
    Дај Боже овојпат луѓето во сино да бидат поубедливи. А и ние, кои знаеме дека некој по старата балканска традиција, чува дома некој пиштол, калашников ли, бомба ли, да седнеме па со чај, сок или пиво, да му кажеме дека пушка мирна не седи. И дека секој човек е нестабилно битие, па ако ја има дома, ќе ја извади кога ќе му падне мрак пред очи.
    Ајде да направиме еден нов СВОЗ на 21. век, пред да замине и последниот воз за ова парче земја. За да може да бидеме и ние помирни во иднина кога ќе решиме да се прошетаме и за да им се смири и душата на убиените од војно оружје употребено во приватните војни од нашите улици!

    П.С. Ќе ни бидат благодарни и луѓето чии имиња ги носат улиците каде паднаа цивилни жртви од воени куршуми!

    (Објавено во „Сега“ („Шпиц“) на 30 април 2010)

29 April 2010

За џогингот и за лукот

Здравствениот ни врв препредено ги лекува пациентите холистички, присилувајќи ги на здрави активности со вистинската стимулација.

    - Сестро, ај тркни купи сто грама кафе, ама земи и поллитро ракија од тој сандевецот, да го дезинфицираме пациентов после вадењето! Ах, да, и на враќање зајми го пак чеканот од мајсторите што реновираат горе - ќе мора анестезија да му дадеме претходно - ѝ се обраќа стоматологот на сестрата која ги закачува на жица за сушење прекривките за пациентите. Скапа е струјата, па ги заперуваат со антибактериски сапун. Странски! Ги суши топлиот воздух од разотворените прозорци.
    - Аман докторе, те молам не можам да издржам повеќе, вади го побргу; еве, сам ќе се залетам да си ја акнам тинтарата од ѕид. Белким ќе успеам да се нокаутирам од првпат, кој ќе ти чека чекан - офка и стенка средовечниот стечаец, држејќи се за образ...
    Пред да се навреди некој стоматолог, да побрзам да кажам дека ова воопшто не е реалност. Повеќе така... филм! Кој сепак може да се снима набргу - во режија на власта. Која во средата ги негираше обвинувањата на опозицијата дека се спрема да им ја искасапи капитацијата и на стоматолозите, како што стори со матичните лекари пред повеќе од три недели.
    Елем, по сето она што го видовме во изминативе месеци, човек зрел и мудар не може да не заклучи дека власта изгледа конечно најде вистинско решение за проблемите во здравството! Ќе им ги скрати надоместоците по пациент и на лекарите и на стоматолозите. Па тие што ќе сакаат да учат за лекари и стоматолози ќе се пишманат. Што дополнително ќе ѝ олесни на власта - во иднина ќе има помалку лекари, па ќе дели помалку плати.
    Не дека тоа и ќе биде некој проблем! Оти реформите на здравството ќе се погрижат и за пациентите. Ќе се направи сѐ да останат само најздравите и највиталните, тие на кои најмалку ќе им бидат потребни третмани и терапии. Останатите ќе ги попапа „рационализацијата“, за која еден мој познаник, онака, типичен Македонец, кажа пред неколку дена нешто што не е баш упатно да се печати.
    Ама, види сега, јас мислам дека здравствените главучи и не мислат лошо. Напротив! Ете, се скрати количеството на лекови на сини картони... Па пензионерите трчаат од аптека во аптека да си ги најдат апчињата. Што всушност е многу добро - џогингот е многу корисен! Помага да се согоруваат маснотиите, ги зајакнува крвните садови и срцето, што е одлично унапредување на здравјето на луѓето кои се во потрага по лекови за сузбивање на зголемени маснотии во крвта и за висок крвен притисок. Џогингот е исто така многу благотворен и за дијабетичарите - помага правилно да се согорат шеќерите - работа за која многу од нив треба да земаат инсулин. Кој и го немаа во последно време...
    И откако добро ќе се истрчаат, и едните и другите ќе ги опфати жештина кога ќе разберат дека и во таа 34-та аптека го нема нивниот лек. А тие промени се еднакви на оние што ги предизвикува сауната. Која исто така е многу здрава!
    Така препородени од државната кура, ќе заминат дома да каснат. Тоа што имаат. Во многу случаи, оти пензиите се „ептен големи“, тоа може да биде и лук и вода. Во што изгледа полека го претвораат и здравството.
Ама не е лукот толку лош... ете, го препорачуваат за притисок и други проблеми... а и откако ќе се насркаат, полесно ќе заспијат. Без дијазепамче. Кое воопшто не е скапо. Дваесет се поевтини од десет гуми за џвакање.
  За да не се секираме многу!

    П.С. Ги заборавивме пациентите на дијализа. Ако, ќе почекаме да почнат да си вадат билети, па ќе видиме што ќе ни кажат.

    Сашо Спасоски

    (Скратена верзија е објавена во „Сега“ („Шпиц“) на 24 април 2010)

10 April 2010

Средбата на старата дама и снобот

    Влегувајќи во салонот, се вознемири кога ги здогледа отмените дреи на аристократите, ама нервозата бргу му исчезна кога виде дека не го ни забележале. Но не помина многу пред да сети студеникав поглед... Ја прошпарта со очите просторијата и бргу ја забележа впечатливата стара дама во фотелјата со висок наслон како саркастично му се смее, затскривајќи се со ладалото. Пребледе мислејќи колку ли му „се познава“ дека првпат облекува фрак...


     Уште од денот кога во неверица и гнев зјапна македонската интелектуална јавност откако ѝ го тупосаа прескапиот проект „Скопје 2014 како што се фрла коска пред куче, размислував со што би можел да ја споредам новата недоквакана визура на мојот град. Но едноставна споредба нема - а асоцијации многу, како што се многу спомениците и парчињата од различните архитектонски ери и меридијани кои ги спремаат за насилна (според искусеното во градското и во државното Собрание) козметичка хирургија врз Скопје. За да го остарат, и, како што велат, да го огиздават, за да заличел на светските метрополи, за да ни донесел белосветски патници и нивни златници...
 
    Неодамнешното искуство да газам по тротоарите на Виена ми помогна да си искристализирам во умот зошто калемарите кои планираат да направат Франкенштајн од Скопје грешат и како всушност еден град со долга историја и преобемно културно и урбанистичко наследство може да се негува во 21. век - со следење на светогледот и естетиката на денешнината, со синхроно, а не анахроно, создавање нови градби. Старата дама Виена го знае она што снобовите што сакаат да заличат на аристократи не го знаат - биди природен и сфати дека не е добро да се претвориш сосила во музеј. Или ако веќе сакаш навеви од историјата кога градиш нешто ново, најдобро барај нешто од својата традиција. Како што во Скопје во не толку далечното минато е сторено, на пример со зградите на МАНУ и на НУБ „Свети Климент Охридски“...

     Oтмената валцер-метропола се закитила низ историјата со градби во различни стилови. Во Виена ќе видите од готика, класицизам, преку романескна и барокна архитектура до Арт Нуво... Но ќе видите и многу модерна архитектура, која се испрчила рамо до рамо со старите градби, дури и во најстрогиот центар на Виена.

     Патем, она што е старо, во Виена се негува - зградите стари и по два века се со посвежо варосани или барем исчистени фасади, па на прв поглед не се разликуваат многу од помодерните кои се насадиле до нив. Камо во Скопје така да се грижевме за старата архитектура (со чесните исклучоци како Ристиќева палата и палатите на Икономови и Настеви, веднаш до неа).

     Распрскани низ Виена, не се малку на број. Нови солитери со фасади со стакло и метал и со ѕидани фасади но со бои кои велат: „Иднината беше на посета“; неретки беа и деловните згради со фасади „стакло-сендвич“, според најновите еколошки параметри за заштеда на енергија за затоплување и ладење. А тука е и супер модерниот Дунав-град. Ќе биде завршен во 2012, само на неколку чекори од комплексот на ОН, кој исто така ги има контурите на денешницата.

    Виена, хабзбуршката дама, сега се облекува во техно гардероба, не во балски фустани! 
    Најподатен пример за тоа колку тој град будно ја следи современоста е секако „Хаас - Хаус“. Блескава модернистичка градба завршена во 1990 година, со фасада главно од огледално стакло, денес е една од атракциите на строгиот центар на градот. Многумина ја сакаат затоа што е парче од модерноста поставено среде стари градби - а главната симпатична одлика и е што во нејзината фасада се огледува готската катедрала „Свети Стефан“.
     Ете, не мора да се реставрира старо за да се привлечат воздишки од луѓето. И новото е супер - ако го поставиш во вистинска спрега со тоа што веќе го имаш!

    Жално Скопје, тебе сосила побратим на Виена каква што тие си ја замислуваат сакаат да те прават, сосила сноб! А таа, младешки облечена аристократка, кога ќе те види како те дотерале непродлабочени „театарски костимографи“, ќе ти се изнасмее в лице...

    П.С. Новата зграда на Филхармонијата меѓу Македонска опера и балет и Факултетот за музичка уметност е исклучок што го потврдува правилото за „Скопје 2014“.

    Сашо Спасоски

    (Скратена верзија е објавена во „Сега“ („Шпиц“) на 10 април 2010 на 14 страница.)